1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама и‘ објави војна на нафтената дамка

16 јуни 2010

Американскиот претседател Барак Обама во обраќање до нацијата го претстави планот за запирање на истекувањето нафта во Мексиканскиот залив и санирање на штетите од катастрофата која го зафати јужното крајбрежје.

https://p.dw.com/p/NrqC
Обраќање на Барак ОбамаФотографија: AP

Во обраќање, кое на моменти наликуваше на воен говор, Обама доцна синоќа (15.06.2010) најави борбен план за битка против нафтената дамка и ги повика своите сограѓани да се подготват за намалување на зависноста од фосилните горива.

„Ова е напад врз нашиот брег и ние ќе возвратиме со се‘ што имаме на располагање, а тоа вклучува и мобилизација на ресурсите на најголемата светска воена сила“, порача Обама.

Американскиот претседател обраќањето го вршеше од Овалната соба на Белата куќа, пракса што досега беше вообичаена само во состојба на големи национални кризи или прослави. Поранешниот претседател Џорџ Буш, на пример, се обрати од Овалната соба само трипати во 8-годишниот мандат. Првиот пат, по терористичките напади на 11 септември 2001-та, и две години подоцна при инвазијата врз Ирак.

Без врзување со временски рокови, да плати БП

Обама порача дека „Бритиш Петрол“ ќе ја плати цената за својата неодговорност, и ја уверуваше јавноста дека погодениот брег ќе се опорави од катастрофата, иако избегна да прецизира временски рокови. Она што беше јасно истакнато во говорот е дека Вашингтон ќе бара од британската нафтена компанија да плати огромна отшета за несреќата.

Ölpest im Golf von Mexiko
Фотографија: AP

„Утре ќе се сретнам со првиот човек на БП и ќе го информирам дека ќе треба да ги вложи сите можни ресурси потребни за компензација на работниците, фирмите, поради неодговорноста на неговата фирма. Овие фондови нема да ги контролира БП, туку независна трета страна“, порача Обама.

Според најновите проценки на американските научници, во изминатиот период во водите на заливот истекувале меѓу 5 и 10 милиони литри нафта дневно. Обама вети дека во следните недели, истекувањето ќе се намали за 90 проценти. Дел од планот на Обама е и намалување на зависноста од фосилните горива, но притоа тој не понуди јасна визија за користење на алтернативни извори, ниту пак најави промена на законодавството во оваа сфера, иако рече дека поддржува намалување на процентот на штетни гасови во атмосферата.

Автор: БГ/ЕМФ/дв/ртре

Редактор: Жана Ацеска