1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски вети враќање на довербата во институциите

ДТЗ
29 декември 2021

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски го доби мандатот за состав на новата влада од страна на претседателот Стево Пендаровски. 

https://p.dw.com/p/44xGf
Nord-Mazedonien Präsident Stevo Pendarovski (R) und zukünftiger Ministerpräsident Dimitar Kovacevski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски го доби мандатот за состав на новата влада од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски. 

„Од денеска започнувам со формирање на новиот тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои нѐ чекаат од почетокот на новата година“, најави Ковачевски. Потенцирајќи дека живееме во турбулентни времиња на кризи и неизвесности, тој вели дека се потребни стабилни, одговорни и храбри луѓе во политиката.

Според мандатарот, новата влада ќе има јасна цел да обезбеди сигурност, подобар живот и светла иднина за граѓаните.

„За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлука на тимот кој ќе го составам. Моја лична заложба е да ја вратиме довербата на граѓаните во политиката и во институциите“, рече Ковачевски.

По добивањето на мандатот почне да тече уставниот рок од 20 дена, во кој мандатарот до Собранието треба да ја достави програмата и составот на новата влада. Конечната кадровска листа за идната влада не е готова, бидејќи консултациите сѐ уште траат, а конечниот збор треба да го каже Централниот одбор на партијата. Се очекува седницата на ЦО да се одржи по празниците. Ковачевски, кој пред два дена доби овластување од ЦО да биде мандатар за состав на Владата, најави дека нема да го користи максималниот рок од 20 дена, и изрази уверување дека новата Влада ќе биде избрана до 18 јануари.