1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски најавува нова влада до 18 јануари

ДТЗ
28 декември 2021

Пред новата влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, пандемијата, евроинтеграциите и преговорите со Бугарија.

https://p.dw.com/p/44tt0
Nord-Mazedonien Skopje | Dimitar Kovacevski zum neuen Präsidenten der Sozialdemokraten gewählt
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Целосна реорганизација на СДСМ, борба против клиентелизмот, силен фокус на економијата и отчетно и одговорно работење најави лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски кој синоќа ја доби поддршката на сопартијците за да ја состави новата влада. Ковачевски вети дека новата влада ќе биде избрана до средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари. Пред новата влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со Бугарија.

Ново партиско раководство

Тој по вечерашната седница на Централниот одбор (ЦО), ги објави имињата на членовите на новото партиско раководство. Миле Зечевиќ е новиот генерален секретар на партијата, нов организационен секретар Вангел Андревски, а Бојан Маричиќ ќе биде секретар за меѓународна соработка. Сања Лукаревска ќе остане заменик-претседателка на партијата.

Перо Костадинов, Стефан Богоев, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Фатмир Битиќи се избрани за нови потпретседатели на партијата.

Во Извршниот одбор на партијата влегуваат Ана Данева-Маркова, Мишко Ралев, Нина Фити-Неделковска, Снежана Захариева, Даниела Колева, Милена Стевановиќ, Костадин Костадинов, Рената Јајовска, Мелиса Ценовска, Петре Шилегов, Дритан Исмаили, Тања Томиќ, Дарко Каевски, Андреј Петров, Ивона Кузмановиќ, Костадин Ацевски, Никола Рилак.

Ковачевски најави дека партијата ќе се реформира и реорганизира, но ќе се формира и советодавно тело, Совет за креирање и имплементирање политики, за да ги надгледува проектите на партијата. Со него ќе раководи Игор Ивановски.

„При изборот на нови членови на Извршниот одбор и за нови потпретседатели, се раководев од тоа во тимот да имаме искусни луѓе препознатливи по својот ангажман во СДСМ, но и млади луѓе кои во овој период се стекнаа со углед и искуство за обавување на такви должности“, вели Ковачевски. 

Одговорност и ефикасност

Според него, одлики на новото раководство ќе бидат одговорност, ефикасност во спроведување на ветеното, чесно работење и отчетност. „Со личен пример да покажеме што значи правна држава, а не само со реформи и нови закони“, порача новиот лидер на социјалдемократите, додавајќи дека започнува процес на целосно отфрлање на внатрепартискиот клиентелизам во секој сегмент од општественото работење.

Според него, СДСМ започнува ново поглавје во својата историја. „Имаме нов тим, сила и енергија за да одговориме на сите предизвици. Очекувањата се големи и одговорноста е голема. Но, со посветена и одговорна работа, со чесно и отчетно работење верувам дека ќе ги оправдаме очекувањата и дека ќе успееме да изградиме силна, економски стабилна и сигурна земја“, вели првиот човек на СДСМ.