Директни преговори меѓу Белград и Приштина за статусот на Косово
14 октомври 2007Преговарачката “тројка” на Контакт-групата за Косово денеска ќе ги поттикне обете страни да одат напред врз темел на “досега утврдените охрабрувачки елементи”, рече претставникот на ЕУ во “тројката” Волфганг Ишингер. Во Брисел Ишингер појасни дека постојат такви “охрабрувачки моменти” во преговорите, но дека тоа “секако не е е доволно”.
Тој рече и дека деновиве имал добра средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и додаде дека е “охрабрувачко заедничкото дејствување на ЕУ, САД и Русија во ’тројката‘. Тоа не значи дека ова само по себе ќе донесе решение, но е јасно дека без единствени цели и определби на ’тројката‘ тоа не би можело да се најде” – рече претставникот на ЕУ во “тројката” Волфганг Ишингер.
Нема алтернатива за мирно решение за статусот – со нов судир со меѓународната заедница Србија би го загубила Косово, вели српскиот претседател Борис Тадиќ во интервју за весникот “Одбрана”. Србија нема да презема чекори кои однапред се осудени на пораз, без разлика колку тие чекори се посакувани од екстремистичките елементи на обете страни, вели Тадиќ.
Според него, Србија досега немала концепција за градење соживот со Албанците на Косово и токму тоа настојува да го промени во преговарачкиот процес. “Сакаме со активна политика да понудиме можност без било какви територијални промени и нарушувања на суверенитетот на нашата зема да се постигне решение прифатливо и за едната и за другата страна и да се обезбеди натамошната иднина на Србија како европски интегрирана земја”, изјави српскиот претседател Борис Тадиќ.