Во Брисел претстои напорен ден, веројатно и долга ноќ
22 јуни 2007Изутрината претседавачот со Советот на Унијата, германскиот канцелар Ангела Меркел имаше билатерални разговори со делегациите на Полска, Велика Британија, Холандија и Чешка. Наместо изгледи за компромис, се појавуваат нови проблеми – Полска сака важноста на системот на гласање за договорот од Ница, за неа многу поволен, да биде продолжена до 2020-та година. Холандија бара националните парламенти да можат да запрат закони од ЕУ.
Но, надежта дека сепак ќе се дојде до некаков компромис не е загубена. “Волја има, но и некои отворени и вистински компликувани прашања”, вели Ангела Меркел. “Синоќа беше вечера, но можеби подобро би ја опишале како предјадење - главното допрва доаѓа”, вели претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо. “Многу се надевам дека денеска ќе постигнеме согласност. Постојат многу можности да се дојде до договор, брзо и недраматично”, уверен е претставникот за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана.
Во секој случај, првиот ден од самитот на ЕУ не донесе никаков напредок за клучната тема – реформата на ЕУ.