1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што кријат стенограмите од лидерските средби?

4 октомври 2018

Многу врева се крена во Грција по објавувањето на стенограмите од лидерските средби во Македонија во врска со преговорите за решавање на спорот за името. Во Македонија владее молк- најмногу поради тајноста на податоците.

https://p.dw.com/p/35ybm
Mazedonien Skopje - Ministerpräsident Zoran Zaev und der Außenminister Nikola Dimitrov treffen den mazedonischen Präsidenten Gorge Ivanov
Фотографија: Mazedonien Präsidialamt

Ни власта, ниту опозицијата во Македонија досега не ги коментираа протечените тајни записници кои ги документираат состаноците на македонскиот државен врв поврзани со преговорите за решавање на спорот за името со Грција. За разлика од Скопје, во Атина врие. Владејачката Сириза и опозициската Нова демократија започнаа вербална војна во која преовладува поделбата на „патриоти“ и „предавници“. Она што ја возбудува грчката политичка сцена е податокот дека Нова демократија на Кирјакос Мицотакис одржувала тајни контакти со македонската влада и со премиерот Зоран Заев во текот на преговорите. Нивото на тие разговори било релативно ниско и се одвивало преку блиската соработничка на Мицотакис, европратеничката Марија Спираки.
Формално, молкот во Скопје е поврзан со фактот што стенограмите имаат статус на државна тајна, и како такви, нивното објавување може да има сериозни последици.

Не може во Македонија, може во Германија и Грција


Дописникот на Франкфуртер алгемајне цајтунг во регионот, Михаел Мартенс на една недела пред референдумот на својот Твитер профил објави три страници од оригиналните стенограми на македонски јазик, најавувајќи дека е во посед на документите.

Текстот во ФАЦ во кој се пренесуваат делови од разговорите на тајните средби, беше објавен на 30 септември- денот на референдумот. Во Македонија веќе владееше предреферендумски молк, а сеедно и без него, медиумите регистрирани во земјата веројатно ќе се соочеа со законски проблеми дури и ако преобјавеа цитати од ФАЦ. Во текстот, германскиот весник уште во насловот се концентрира на „стравот од Русија“ како лајт-мотив на состаноците на македонскиот државен врв, што е разбирливо од аспект на интересот на германската читачка публика.

Подоцна, во далеку поширока верзија, транскрипти од разговорите на двете лидерски средби за името, во јануари и мај 2018, објави и атинскиот Катимерини.

На состанокот на 31 јануари присутни се претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, шефот на дипломатијата Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, првиот опозиционер Христијан Мицкоски и неговите партиски колеги Александар Николовски и Владо Мисајловски (последните двајца со сигурност биле на 19 мај, за јануари нема податок), како и лидерот на ДУИ Али Ахмети придружуван од Бујар Османи и Артан Груби. На мајскиот состанок присутен е и претседателот на Собранието, Талат Џафери. 

Дискусиите на двата состанока имаат многу сличен тек, а и ставовите не варираат премногу. Владините претставници информираат за текот на преговорите со детали за тоа до каде е стигнато за клучните прашања: опсегот на употреба на името, зачувување на идентитетот и јазикот. Владата информира дека се соочува со предизвик бидејќи Атина инсистира на име „ерга омнес“, а Ципрас тврди дека без тоа нема да може да обезбеди поддршка во парламентот, и да убеди барем дел од опозицијата да гласа за предлогот. Во Владата се уште се надеваат дека во преговорите може да се извлече ткн. двојна формула- име за внатрешна и надворешна употреба. Во мај таа опција повеќе не е на маса.

Führer der mazedonischen politischen Parteien
Лидерска средба на политичките партии во Македонија. фото:архиваФотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Сите за референдум

И власта и опозицијата на јануарскиот состанок се едногласни дека било какво решение мора да оди на референдум. Сите присутни на средбата се согласни дека „моментот за решавање на спорот е поволен“ со оглед на расположеноста на премиерот Ципрас да се изнајде компромис. Претставниците на албанските партии не се задоволни со одлуката да се оди на референдум, но нема директно противење. Дисонантни тонови има меѓу владата и претседателот, а причината е критиката дека шефот на државата бил исклучен од преговорите и дека владата водела тајна дипломатија со Грција. Од Владата му одговараат дека докази за тајна дипломатија имало и во прислушкуваните разговори, но не биле објавени заради заштита на националните интереси. Овој став, ФАЦ го толкува како директна закана до Иванов. Опозицијата и ДУИ не се согласни околу тоа дали неменувањето на Уставот е усвоена заедничка позиција или не. 

На состанокот на 19 мај, претставниците на ДУИ уште еднаш предупредуваат дека референдумот може да предизвика повеќе проблеми, наместо да води кон решение, но начелно го прифаќаат. Опозицијата потенцира дека референдум мора да има, за било какво решение. Кај опозицијата провејува и ставот дека „времето работи за Грција, а не за нас“, дека „секој предлог е се полош“ и оти „мора да се врати балансот во преговорите“. За потсетување, тогаш се разговара за предлогот Република Илинденска Македонија. И власта и опозицијата најавуваат дека предлозите ќе ги стават во внатрепартиска дебата. 

Со исклучок на договореното име, во меѓувреме Република Северна Македонија, и тој предлог содржи признавање на македонскиот јазик со превод на официјалните јазици на ОН, државјанството е Македонец/државјанин на Република Илинденска Македонија. Кодовите остануваат МК и МКД. Република Илинденска Македонија ќе се преведе на сите официјални јазици на ОН и ќе се користи за внатрешна и надворешна употреба. Тоа не е спорно за никој на состанокот. Претседателот на државата се интересира дали може да се добијат гаранции за членство во НАТО, доколку се прифати тоа решение. 

Во дебатата место наоѓа и опасноста од вмешување на Русија за која, повеќе соговорници, предупредуваат дека има интерес да го блокира членството во НАТО. Функционер на ДУИ предупредува дека не само Русија, туку и Србија го прави истото, односно дека не сака „Македонија да стане дел од ЕУ и НАТО“.

Кој профитира од објавувањето?

Mazedonien Referendum Namensstreit Zoran Zaev
Македонскиот премиер Зоран ЗаевФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во стенограмите нема многу детали кои би можеле да се опишат како изненадувачки или шокантни за македонската јавност. Од пост-референдумски аспект, нивното објавување веројатно би ѝ предизвикале дополнителни проблеми на опозицијата да ги одбрани своите тези, како во однос на информираноста за целиот тек на преговорите, содржината на решенијата кои се предлагале и преговарале, па се до (не)учеството на референдумот и покрај инсистирањето тој да се одржи по секоја цена.

Оттука, малку е веројатно дека некој од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, особено кругот околу Христијан Мицкоски, би имал интерес овие информации да протечат во јавноста.

Мотивот на владејачките партии да ги споделуваат стенограмите со странски медиуми е уште помал, имајќи предвид дека тие содржат информации за разговори со странски државници, но и податоци кои се проблематични за грчките партнери, а како што видовме, и за тамошната опозиција. Притоа, и целосно се соголуваат преговарачките позиции и ставови на македонската влада.

Во јули годинава, претседателот на собраниската Комисија за надворешни прашања од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски инсистираше пратениците кои имаат безбедносни сертификати да ги добијат класифицираните податоци што Комисијата ги добила од претседателот на државата. Милошоски тогаш тврдеше дека стенограмите од двете средби што се одржале во јануари и мај 2018 година „се многу битни и значајни за надворешната политика и се однесуваат на ставовите на власта и министерот за надворешни работи во врска со преговорите за името“. Дебатата во собраниската Комисија не се одржа, а Милошоски ги обвини власта и претседателот на Собранието Талат Џафери дека забраниле класифицираните материјали да им бидат доставени на пратениците.

Како и да е, објавувањето на стенограмите предизвика нова политичка криза во Грција, а има потенцијал да ги разниша позициите и на македонската влада и на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема