1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Циничниот бизнис со здравјето на Навални

26 август 2020

Судбината на Навални, и покрај сите огорчени реакции и возбуда на германската политика, нема тежина за од темел да ги промени односите со Москва, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/3hVgg
Berlin | Ankunft von Alexei Alexei Nawalny in der Charite Klinik
Фотографија: DW/V. Esipov

Што треба всушност да веруваме кога станува збор за оваа приказна, а што не? Прво фактите, онолку колку што може да се утврдат: Алексеј Навални, со години еден од најпознатите критичари на рускиот претседател Владимир Путин, колабира во текот на еден лет во Русија и однесен е на лекување во сибирска болница.

Лекарите таму зборуваат за „проблеми со метаболизмот“. Малку подоцна очигледно тешко болниот Навални, во кома, е пренесен во Берлин, иако руските власти прво недостоинствено се натегаат околу тоа дали е тој способен за транспорт или не - најверојатно за да се добие на време. Дали претпоставениот отров во телото на Навални прво требало да се разгради пред тој да биде лекуван во Германија? Ако тоа бил планот, тогаш тој во секој случај не се оствари. На берлинските лекари не им требаше многу време за да утврдат „најверојатно труење“.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Намерно предупредување од страна на Русија?

Оттогаш се зборува за нов тежок товар во германско-руските односи. Навистина? Што ако руската страна воопшто нема против претпоставениот напад со отров врз водечкиот опозиционер да биде толку присутен на големата бина на Западот и да предизвикува возбуда? Јасно предупредување до сите противници на Путин во цел свет во секој случај не е на одмет. А, и онака се чини рускиот претседател може очигледно мирно да спие.

Зашто претпоставениот напад врз критичарот на режимот, кој не е прв од ваков вид, се случува во ситуација во која Европа, и Германија, не можат да си дозволат и не сакаат вистински остар судир со Москва. Европа е недолучна околу речиси секое централно прашање. Порано цврстото и обострано пријателство со САД е разнишано се’ додека на власт е Доналд Трамп. А Европејците и на развојот во Белорусија долго гледаат со загриженост и беспомошност.

Што ако Путин сепак застане на страната на властодржецот во Минск, Лукашенко, и против стотиците илјади луѓе кои демонстрираат? Или да го поставиме прашањето поинаку: Кој и со какви средства би можел да го спречи во такво нешто? А да не зборуваме за трајните градилишта, како гасовдниот проект Северен тек 2, кој има многу критичари не само во САД, туку и во Европа. Звучи цинично и навистина е цинично: судбината на Навални, и покрај сите огорчени реакции и возбуда на германската политика, нема тежина за од темел да ги промени односите со Москва.

Санкции во далечна иднина

Таква е и реакцијата на владата. Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за надворешни работи Хајко Мас формулираат изненадувачки заедничка изјава и бараат објаснување. Но, кратко пред тоа портпаролот на владата брза да соопшти дека канцеларката не го поканила официјално Алексеј Навални во Германија. Навистина, болниот опозиционер во Берлин беше донесен на сметка на една невладина организација.

Да се надеваме дека на берлинскиот лекари ќе им успее да му помогнат на Алексеј Навални повторно да оздрави, како и многумина пред него. Но, далеку сме од ново одмерување на односите со Русија, па дури и можни санкции. Така е и со желбата руската страна да учествува во разјаснувањето на бризантниот случај. Сето тоа е цинично и срамно. Но, ситуацијата е таква.