1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Хамза бин Ладен е убиен, тврдат американски медиуми

ЖА
1 август 2019

Синот на поранешниот шеф на Ал Каида, Осама бин Ладен, е убиен, тврдат неколку медиуми во Вашингтон. САД на почетокот на годината распишаа награда од еден милион долари за фаќање на осомничениот терорист.

https://p.dw.com/p/3N7T2
Hamza bin Laden Sohn von Osama Bin Laden
Фотографија: picture-alliance

Весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на информации од двајца американски владини претставници, извести дека Хамза бин Ладен бил убиен во операција со американско учество. Претходно ЕнБиСи њус, повикувајќи се на тројца владини претставници, објави дека постојат информации од кругови на тајните служби за смртта на 30-годишниот син на Осама бин Ладен.

Сепак, не се познати поконкретни детали за местото и времето на убиство на Хамза, „Њујорк тајмс“ наведува дека тоа се случило веројатно во текот на изминатите две години.

Американскиот претседател Доналд Трамп одби да ја коментира веста.

САД во февруари распишаа награда од еден милион долари за оној кој ќе достави информации за местото на престој на синот на Бин Ладен. Американското министерство за надворешни работи во таа прилика тврдеше дека Хамза се развил во еден од водачите на Ал Каида. Од извештаите на „Њујорк тајмс“ и ЕнБиСи произлегува дека во тоа време Хамза бин Ладен веќе бил мртов.

Во последните години постојано кружеа гласови според кои Хамза бин Ладен се крие во Пакистан, Авганистан, Сирија или Ирак. Тој се сметаше за можен наследник на водачот на Ал Каида, Аиман сл-Завахири.

Основачот на Ал Каида, Осама бин Ладен, беше откриен и убиен од специјална единица на САД во неговото скривалиште во Пакистан во 2011 година. Хамза бин Ладен е 15. од околу 20 деца на Осама бин Ладен и син на неговата трета жена. Неговиот лик зачестено се појавуваше во пропагандата на Ал Каида во изминатите години.  Така, по повод 16-годишнината од нападите од  11. септември 2001. година во САД, терористичката мрежа објави фотомонтажа која ги прикажа ликовите на Осама и Хамза бин Ладен во пламенот на њујоршкиот Твровски центар. 

Во 2015. година Хамза бин Ладен во видео-порака ги повика џихадистите во Сирија на обединување заради ослободување на Палестина. Истата година тој им се закани со напади на САД, Европа и други земји заради одмазда на својот татко. Хамза бин Ладен повика и на соборување на монархијата во Саудиска Арабија, татковината на неговата фамилија.