1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот кој го промени светот

Миодраг Шориќ
11 септември 2017

Нападите со киднапирани авиони врз Светскиот трговски центар во Њујорк и врз Пентагон во Вашингтон од 11 септември 2001 година се повеќе од вообичаен историски миг. Тие го променија светот, оценува Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2jiQR
AP Iconic Images 11. September World Trade Center
Фотографија: AP

По падот на Ѕидот, Западот направи нешто како пауза. Реномираниот политиколог Франсис Фукујама прогласи „Крај на историјата", а политичарите фантазерски зборуваа за „мировна дивиденда". Америка си го закачи медалот на „хипер сила". Поранешните непријатели добија дозвола да влезат во западниот клуб, доколку се држат до правилата на игра. Ако тоа не го правеа, беа ставани во втор план, беа одминувани и потиснувани.

Но, на крајот на Студената војна на САД им недостигаше волја за градење и обликување каква што имаа по Втората светска војна. Тогаш Америка создаде структури на новиот светски поредок - НАТО, ОН, Светска банка и ММФ. Во 1990-тите од такво нешто немаше ни трага. Бил Клинтон остана провинциски политичар и по селидбата од Арканзас во Белата куќа: немаше нова безбедносна структура на северната полутопка, немаше ефикасна борба против сиромаштијата на југот, одвај дека имаше некаква заштита на климата, немаше траен мировен поредок на Блискиот Исток.

Напад од ведро небо

И, тогаш, на 9 септември 2001. се случи првиот напад на американска територија по Перл Харбур. Од ведро небо - во буквална и преносна смисла. Американците беа сосема неподготвени за судбинскиот удар, тој до денес предизвикува несигурност кај многумина. Ден, кој уште долго ќе одѕвонува во тукушто почнатото столетие. Или како што поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус, тоа во изјава за ДВ трезвено го формулира: „Борбата против теророт ќе трае со генерации."

Во деновите по 11 септември 2001-ва никој не мислеше така. Тогаш требаше во прва линија да се спречи светот да се втурне во рецесија. Централните банки ги отворија славините за пари. Првично имаа успех, затоа што крах на берзите беше во голема мерка спречен. Но, по неколку години ниту банките ниту клиентите не знаеја да одговорат: каде со евтините пари? Секој во САД кој барем половично можеше да си го спелува името, доби кредит. Секој купи некаква недвижност, на Флорида или на други места. Често тоа беа недвижности кои луѓето не можеа да си ги дозволат. 

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Во 2008 година меурот пукна. Вашингтон беше принуден да пумпа уште пари. САД се задолжуваа постојано. Европејците, Јапонците, ги следеа во тоа. Олимпијадата на пумпање пари трае до денес. На тој начин политичарите го одлагаат на долг рок решението на структурните проблеми. Истовремено, во САД се топи средниот слој, се намалува неговиот животен стандард. Се чини како планот на Осама бин Ладен да успеа: смртниот непријател на САД сакаше да ги руинира финансиски, а не да ги победи воено.

Претседателот Обама извлече поуки од своите претходници. Тој или сосема ги повлече трупите од преку океанот, или пак многу ги намали. Зошто Америка би инвестирала во војни во кои не може да биде победник? Но, дури и по повлекувањето од Ирак, само оваа авантура ги чини американските даночни обврзници стотици милијарди долари. Зашто, секое зголемување на безбедносниот апарат, ги „дуе“ и трошоците за придонеси - здравствено осигурување или пензии за поранешните припадници на армијата. САД ќе ја влечкаат со себе оваа финансиска мелница уште децении.

Страда инфраструктурата

Додека за наводната безбедност на оддалеченост од илјадници километри се трошеа илјадници милијарди, во земјата недостигаат пари на секој чекор за модернизација на инфраструктурата или за образование. Официјалната стапка на невработеност од 5% прикрива колкумина одамна кренале раце од барање работа. Политичките „волшебни свирачи" нудат наводни решенија. Политичката класа во Вашингтон не е способна за компромиси, а и не сака тоа да го постигне. Во книжарниците наголемо се продаваат кнгите кои предвидуваат пропаст на Америка. Нивниот тенор: Америка, светска сила, која се префорсира.

Не е многу сериозно да се предвидува иднината. Само едно е јасно - колкав „рез“ беше 11 септември 2001 година. За безбедноста на сите нас, за ограничувањето на приватната сфера, за кратењата во делот на човековите права или на меѓународното право од страна на САД.

9/11 беше повеќе од историски миг. Тоа беше ден кој го потенцираше основниот мотив во векот кој настапуваше - борбата против теророт.