1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УЧК Паркови-Зеленило и компромитираната антикорупција на САД

10 јуни 2021

Колку што има социјалдемократија во СДСМ, колку што демохристијанството царува во ВМРО-ДПМНЕ, колку што е силно сојузништвото во Алијансата, работништвото во Левица- толку има и животна средина и екологија во ДУИ.

https://p.dw.com/p/3ugDU
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Ќе дојде часот кога по толку сведочење на неказнети зла и гледање како моќта цути во рацете на расипаните, луѓето ќе почнат да се потсмеваат на сопствената чест, ја изгубат вербата во правдата и се срамат од сопствената чесност.”-  Руи Барбоса, бразилски дипломат, математичар, писател и правник.

Во американскиот политички сленг често се користи терминот nothingburger (сендвич без плескавица) со кој се означува настан, процес или личност лишена од суштина, битност или значење. Терминот е измислен во 50-тите години на минатиот век од страна на Луела Парсонс, ноторна озборувачка новинарка во Холивуд, за на сцена повторно да се врати во текот на истрагите поврзани со Доналд Трамп. Приближниот превод користен во домашни прилики за такви појави и личности е терминот „гола вода”. Пренесено во контекст на настаните неделава, може да се заокружи како сервирање политичко мени составено од nothingburger со освежувачка гола вода.

Да почнеме се nothingburger-oт од репертоарот на шегобијците од ДУИ и нивната зелена агенда. Која од страна на Албанците беше дочекана со дводневни салви на подбивање и проследени со болно, масовно игнорирање како реакција изнудена од горките искуства и сивата реалност. За разлика од Македонците кои со сериозниот третман на темата и традиционалната сомничавост кон авторите дадоа сѐ од себе  една обична политичка патка да ја пречекаат како идеолошки Мега Змеј од Мала Речица. Па тоа Ахмети ја напушта етничката карта, па преминува во граѓанска партија; па тоа сакал фондови од екологијата, та сакал да се модернизира и така натаму, согласно логиката за мало камче во празен бунар проследено со десетици ехо одѕвонувања.

Не треба многу напор да се оценат мотивите за таквите интерпретации на nothingburger-от на Ахмети од страна на македонските аналитичари. За едни, мотивацијата лежи во најавата на Ахмети за коалиционирање со СДСМ. За други, мотивот е одбивањето на Ахмети за коалиционирање со ВМРО-ДПМНЕ. За третите, троа подистанцираните од медиумските еуфории и депресии, потегот на Ахмети е само потсетник за сеопштата безидејност на домашната политичка сцена. Колку што има социјалдемократија во СДСМ, колку што демохристијанството царува во ВМРО-ДПМНЕ, колку што е силно сојузништвото во Алијансата, работништвото во Левица, колку има правда во правосудството, наука во Академијата, слобода во медиумите и граѓанско во општеството, толку има и животна средина и екологија во ДУИ. И тоа е сета приказна за новата „тематска идеологија” на интегристите, скроена по мерка на помодарството и трендсетерството.

 Artan Grubi, Minister für politisches System in Nord Mazedonien und Ali Ahmeti, Parteivorsitzender der albanischen Partei DUI in Nord Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Фарбите на ДУИ не се феномен кој отскокнува, туку е шаренаштво in flagranti скроено според трендот на антинационалистичкиот национализам (1) практициран од страна на македонските партии и медиуми, копиран од европските трендови. Ахмети, слично на останатите политички првенци, насетува дека класичната етничка приказна – наметната и користена од него – едноставно веќе не минува на пазарот. Посегнувањето по екологијата е перфиден но однапред безуспешен обид на партиска надворешна тактика за внатрепартиската стратегија на расчистување со старите кадри на патриотштината и нивна замена со новата реколта на млади граѓанисти. Рокадите во ДУИ (кон кои се имав осврнато во претходните колумни) можеби ќе имаат релативен успех во рамките на партијата, но се однапред осудени на дебакл во однос кон јавноста, посебно неопределените кон ДУИ и негативно определените кон младите граѓанисти предводени од Артан Груби. Судејќи според шегобијноста и цинизмот на Ахмети во неговото последно интервју, се чини дека и тој самиот не е премногу убеден во сериозноста на сопствената УЧК Паркови и Зеленило трансформација.

Други колумни на Арсим Зеколи:

-Кавгаџиите и антихеројот во ДУИ

-Како Албанците ја открија реал-политиката и го ослободија Али

-Владеење на правото за владеење

Од искусниот Али Ахмети се очекуваше повеќе, но сепак помалку отколку што се очекуваше од уште поискусниот Џо Бајден и неговата громогласно најавена и жедно очекувана „антикорупција како темелник на надворешната политика” на неговата администрација. Која е во сериозна опасност да однапред биде окарактеризирана како гола вода поради нескриената намера борбата против корупцијата да биде сведена на утилитаристички инструмент за чистка на ривалите отколку на меч во раката на Слепата Јустиција кон сите фактори со поголем апетит од мандатот. Сомнеж кој бурно исплива на површина веднаш по ставањето на Сали Бериша на црната листа на САД, под образложенија за корупција и спречување на курсот на правдата.

Јасно и гласно – сомнежот во самата одлука на Бајден и Блинкенне е и ниту може да биде заснован врз чистотијата на Бериша, неговата некорумпираност и обидите за искористување на сопствената функција за обезедување селективна правда и судска невиност. Крајот на неговиот мандат секако не подразбира и крај на сеќавањата за неговите сомнителни политики и поведенија. Сомнежот за политичката манипулација со инаку сосема реалните обвинувања лежи во тајмингот, кост-бенефитот и веќе неподносливата леснотија на американската администрација и нивната дипломатија за сатанизирање на албанските политичари низ црни листи. Обвинувањата кон Бериша датираат од пред повеќе од една деценија и се објавени непосредно по победата на неговиот ривал Еди Рама. Па затоа се поставува прашањето, зошто таквата одлука не беше донесена во времето на владеењето на Обама-Бајден, кога односите со администрацијата на Бериша беа сосема солидни, па дури и пофални според зборовите на Ентони Блинкен? Притоа, доколку тавата ретроактивност треба да служи како потврда за „незастарувањето на злосторствата поради корупција”, дали таквиот суд би важел и во обратна насока? Поточно, дали Вашингтон би покажал таква решителност и кон сопствените дипломатски „сомнителни лица” своевремено впрегнати во градежни проекти во Косово, никогаш неразјасните авантури во Белград од времето на Коштуница и Ѓинѓиќ или пак кај нас, во Македонија?

USA Joe Biden
Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Подеднакво како што Бериша бесполезно се обидува да се претстави како сиромаво кутре во служба на народот кое ниту лапнало ниту лизнало од буџетот, комично е и  тој да биде претставен како модел на корупцијата во регионот. Наместо убедливост на сопствената постапка, одлуката на САД кон Бериша послужи како компаративен потсетник за двојните стандарди на американската дипломатија кон криминалот и корупцијата во регионот. Двојни стандарди кои прват се остликаа со експресното симнување на Љубчо Георгиевски од црната листа, и тоа во директен пренос од пред резиденцијата на Филип Рикер со супремацистичко тапкање врз реверот на покајничкиот екс-премиер. Проследено со сѐ уште тврдокорното, дури и садистичко , понижување на Мендух Тачи, Кастрот Хаџиреџа, Џеват Адеми и држење на Љубе Бошковски во улога на„Македонче за да не мрчат Албанците”. За американската администрација, ценам, сѐ уште се неприфатливи изјавите на Невзат Халили околу Илирида, но таа неприфатливост се чини дека не важи и во односот кон Георгиевски кој сѐ уште ја брани тезата за поделба на земјата и притоа е човек од доверба на сегашниот „едно-општествен” Зоран Заев. Таквата дискриминација во име на грижа за Охридскиот или борба против корупцијата помалку зборува за стигматизираните актери а повеќе за злоупотребата на механизмот на црни листи во политички, идеолошки, националистички побуди на администрацијата која ги спроведува.

Стигматизацијата на Бериша би била успешна доколку истиот аршин ќе беше употребен и против неговите домашни ривали . Притоа, Бериша е надвор од извршната власт но огромното мнозинство Албанци сѐ уште се убедени дека власта е корумпирана по сите основи. Доколку ретроакивноста е факторот калкулиран во носењето одлуки, која е причината за двојните стандарди на Бајден-Блинкен во неставањето на Никола Груевски и Сашо Мијалков на нивните црни листи, за деструктивните политики на Александар Вучиќ кон Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, за расистичкиот говор на омраза на Александар Вулин и Ана Брнабиќ кон Албанците? Очекува ли некој, сериозно, дека САД се толку решителни во борбата против подривањето на договорите и антикорупцијата и на црни листи ќе ги стават Јанез Јанша и Виктор Орбан поради нивните нон-пејперски авантури или ширење на регионални медиумски мрежи со дестабилизирачки пораки? Или пак, сосема на крај, неставање на црна листа туку само јасно и јавно предупредување кон Зоран Заев за експлозијата на скандали поврзани со неговото владеење.

Последиците на двојните аршини на Вашингтон во ставањето белези се веќе евидентни. Некогашната потресеност од таквото јавно жигосување на непослушните сега се одвива во обратна насока, на стигматизација на политичките првенци на кои САД и ЕУ им прогледуваат низ прсти за сегашните, тековни – а не минати, свршени дестабилизации и корупции. Нема никаква утеха во размислувањата дека некој убав ден и сегашните активни злотвори ќе бидат до последна капка исцедени како лимон и симнати од власт со бисаги полни злато, редовни покани за 4-јулски приеми и мизансценски шурувања со нивните екс-амбасадорски јатаци.

Наместо верба, таквите постапки уште повеќе ја засилуваат циничноста на граѓаните, принудувајќи да се најдат себе си во зборовите на Руи Барос, приморани  низ хумор и потсмев да си го сочуваат здравиот разум и логика на неверување во репризи на веќе видени филмови. Чекањето на недостижните правди и правдини ја имаат изместено моралната оска на општеството и поедиенецот. Принудувајќи нѐ колективно и индивидуално да се замислиме запрашаме: дали злосторството е навистина неисплативо?

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач