1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп во Париз на гости кај пријател

Катрин Мартенс
14 јули 2017

Францускиот претседател Макрон непосредно пред националниот празник во двојна офанзива на шарм: прво имаше средба со германската канцеларка Меркел, а вчеравечер му беше домаќин на Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/2gVvC
Frankreich Donald Trump im Elysee Palace
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Kaster

Разговорите на францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Доналд Трамп траеја подолго од планираното. Пред претставниците на медиумите кај двајцата беше видлив напорот да се истакнат заедничките работи. Макрон рече дека има слично разбирање на борбата против тероризмот, каде се „дели истата решителност“. И по прашањето на другата чувствителна тема - трговијата, „го делиме уверувањето дека мора да се преземат мерки против дампингот“, рече Макрон.

Трамп, пак, се потруди да најде големи зборови и ја опиша Франција како „американски прв и најстар сојузник“. По прашањето на Сирија двете земји договорија заедничка контакт група за да се подготви „Акционен план за периодот по завршување на војната“, нагласи францускиот претседател. Во делот на заштита на климата, меѓутоа, Макрон ќе мора и натаму да се труди. Трамп звучеше минимално пофлексибилно и рече дека „мора да се почека за да се види како ќе се одвиваат работите со заштитата на климата“, но тоа е далеку од некаков заеднички став.

За време на посетата на Париз американскиот претседател го придружуваат околу 1.000 луѓе од безбедносните служби. Отприлика осум пати повеќе луѓе се задолжени за безбедноста на прославите на денешниот Национален празник на Франција. Учеството на американски војници на традиционалната воена парада е официјалниот повод за посетата на Трамп на францускиот главен град. Населението, меѓутоа, не е одушевено од посетата од САД на високо ниво. Речиси половината испитаници во анкетата на институтот ЕЛАБЕ на тоа не гледаат со наклонетост.

Во споредба со Трамп, германско-францускиот министерски совет, вклучително Меркел, беше лесно сварлива храна за почеток на преполниот ден на Макрон. Додека Трамп пристигна во американската амбасада во Париз, Меркел и Макрон два пати се поздравија и разменија бакнежи на скалите на Елисејската палата, а потоа побрзаа да му вдахнат нов живот на германско-францускиот мотор. Прилично многу полет треба да забележи одбраната: Франција и Германија сакаат заеднички да произведуваат борбени авиони. Францускиот претседател нагласи дека оваа иницијатива им стои отворена и на другите европски држави.

Frankreich Jährlicher Deutsch-Französiche Gipfel in Paris
Годишен германско-француски самит во Париз (13.07.2017)Фотографија: picture-alliance/abaca/D. Allard

Надлежните министри од двете држави разменија мислења и за бегалската политика. „Со Франција имаме извонредна соработка, која сакаме и натаму да ја продлабочуваме“, рече германскиот министер за развој Герд Милер за ДВ. Со Г5-Сахел-иницијативата треба да се подобри состојбата во земјите на потекло на бегалците, како што е Либија.

Макрон ја искористи демонстрантивно топлата амтосфера за да промовира една од своите омилени теми - реформа на монетарната унија со сопствен буџет и министер за финансии. Канцеларката не даде јасен позитивен одговор и потенцираше дека за тоа е неопходен мандат од парламентот. Што значи - прашањето ќе се најде на разгледување дури по парламентарните избори во Германија. На заедничката прес-конференција се слушаше „Драг Емануел“ и „Мерси Ангела“. Пораката е јасна - германско-француското пријателство во време на Макрон се развива добро.