1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТПП продолжува и без Американците

ЕМФ /агенции
11 ноември 2017

Еден од првите потези на Трамп како претседател беше повлекување на САД од договорот за слободна трговија ТПП. Другите 11 држави на самитот на АПЕК се договорија да продолжат без Американците.

https://p.dw.com/p/2nRir
Vietnam APEC
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/N.Son Nguyen

Државите кои се дел од договорот за слободна трговија ТПП сметаат дека треба да се одржи „духот на договорот“ и продолжуваат и покрај повлекувањето на САД, потврди виетнамскиот министер за трговија Тран Туан Ан на маргините на Азиско-пацифичкиот самит (АПЕК) во Виетнам. Меѓутоа, на земјите од ТПП треба да им се овозможи изоставување на одредени клаузули од договорот. Според предлог-изјавата која ја подготвија преостанатите земји од ТПП, неопходни се натамошни преговори. Од канадската делегација се вели дека е потребно да се заврши уште многу работа.

Дел од ТПП остануваат Австралија, Чиле, Брунеи, Јапонија, Канада, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Перу, Сингапур и Виетнам. Тие се за продолжување на Транспацифичкото партнерство кое, меѓу другото, предвидува укинување на царините на земјоделските и индустриските производи.

Договорот, по долгогодишни преговори, беше потпишан лани од страна на 12 држави, кои заедно имаат удел од 40% во светското економско постигнување.

Trump unterzeichnet Dekrete
Трамп го потпиша декретот за повлекување од ТПП на 23 јануари 2017 годинаФотографија: picture alliance/Newscom/R. Sachs

Американскиот претседател Доналд Трамп, непосредно по стапувањето на функцијата во јануари годинава, најави повлекување на САД од проектот. На самитот на АПЕК Трамп рече дека тој е за билатерални, а не за мултилатерални договори, кои според него, се на штета на САД и ги загрозуваат работните места во земјата.