1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сомнителни политички ветувања на ЕУ кон Балканот

Томас Брај/дпа/Ж.А.1 јули 2016

В понеделник во Париз ќе се одржи третата конференција за Западен Балкан. Овие конференции досега служеа за да се забошоти неподготвеноста на ЕУ за прием на нови држави, пишува Томас Брај од новинската агенција ДПА.

https://p.dw.com/p/1JHEE
Фотографија: Reuters

На Балкан не му недостигаат политички конференции. Пред четири недели лидерите од регионот во Софија славеа 20 години од „Процесот за соработка во Југоисточна Европа“. Преку осум години државниците од регионот се состануваат во рамките на „Регионалниот совет за соработка“. На крајот на мај шефовите на државите од Југоисточна Европа одржаа годишен самит во Сараево во рамки на процесот „Брдо-Бриони“.

И покрај сето тоа, Германија пред две години лансираше нов формат познат како Конференција за Западен Балкан. По Берлин (2014) и Виена (2015), сега в понеделник, на 4 јули, во Париз ќе се одржи состанок на шефовите на држави или влади на Србија, Албанија, Македонија, БиХ. Црна Гора и Косово со најважните политичари од ЕУ, Германија, Франција, Австрија и други земји. Официјалната цел гласи: балканските земји треба да бидат приближени кон Брисел.

Неподготвеност за проширување

Закачката е во тоа што за догледно време нема да има проширување на ЕУ, тоа меѓу другото го кажаа претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт. Откако Британците се изјаснија за брегзит, во Унијата практично не постои подготвеност да се доведат нови членки. Консолидација пред проширувањето - така гласи сегашната бриселска догма.

Сепак, во Брисел постои цела орда политичари, дипломати и стручњаци на кои работа им е да ги подготвуваат балканските држави за членство во ЕУ. Тој тим го предводи комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан со европските парламентарци задолжени за регионот. Тие повторуваат дека ветувањето на Европејците за влез на земјите од Балкан од конференцијата во Солун во 2003 година уште е важечко. Тогаш беше речено - Европа не е целосна без Балкан.

Стручњаците редовно патуваат во балканските земји и таму ги уверуваат домаќините и новинарите во тоа дека пристапната перспектива е неначната. Понекогаш, кога ќе се окуражат, дури наведуваат и конкретни години кога некоја земја би можела да пристапи кон ЕУ. Така босанските медиуми минатиот мај славеа кога шефот на тамошното претставништво на ЕУ Ларс-Гунар Вигемарк предвиде членство на малата земја за десет години.

ЕУ не успева да го среди хаосот во Македонија

Јазот меѓу запреното проширување на ЕУ и постојано новите ветувања очигледно требаше да го премости Конференцијата за Западен Балкан. ЕУ сака да ја одржи добрата верба на државичките од Југоисточна Европа со 12 милијарди евра во периодот од 2014 до 2020 година. Тука влегува на пример новиот автопат долж Јадран, или од Ниш до Приштина, или модернизацијата на пропадната железничка врска меѓу Белград и Сараево. Или основање работилници за млади од бившите завојувани републики според урнекот на германско-француските односи.

Сепак, политиката која ја водеше ЕУ на Балканот со помош на своите милијарди, по еднаипол деценија открива повеќе проблеми отколку решенија. Иако Брисел пред три години издејствува договор меѓу традиционалните непријатели Србија и Косово, речиси ниедна точка не е спроведена. Ни по повеќе од една година Унијата не успева со своето посредување да го среди политичкиот хаос во Македонија. Брисел нема успех ни во деценискиот спор меѓу Скопје и Атина околу името на Македонија.

Членката на ЕУ, Хрватска и кандидатката за членка во ЕУ, Србија лани водеа повеќенеделна трговска војна. Длабоко закараните народи на БиХ се разединети околу придржувањето кон Спогодбата за стабилизација и асоцијација, така што таа не може да стапи во сила. Речиси веќе не се ни зборува за угнетувањето на медиумите, манипулираното правосудство, сеприсутната корупција во сите овие држави. Граѓаните реагираат со масовно отселување - во правец на Европската унија.