1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роберт Кенеди: Истрели кои одекнуваат и денес

5 јуни 2018

Беше тоа „година на нервен слом на американската нација“. Година во која, меѓу другите, беше убиен и сенаторот Роберт Кенеди. Колку овие поделби и превирања од 1968 се актуелни и денес, во Трампова Америка?

https://p.dw.com/p/2yx0X
Archivbild:  Robert Francis Kennedy - US-amerikanischer Senator und Präsidentschaftskandidat der Demokraten
Фотографија: picture-alliance/dpa/UPI

Кога Палестинецот Сирхан Бишара Сирхан на 5 јуни 1968 во 00:50 часот во кујната на хотелот „Амбасадор“ во Лос Анџелес со три истрели го погоди Роберт Кенеди, беа уништени политичките сништа на милиони Американци. Хуан Ромеро, кој тогаш имал 17 години, се обидувал да спречи крвавата глава на сенаторот да падне на подот. Само неколку секунди претходно, Кенеди тргна да се ракува со него. Педесет години подоцна, Ромеро во документарниот филм на Нетфликс вели: „Беше како заедно со него да умреа сите надежи“.

Се случи тоа во земја која претера со употребата на воена сила. Во земја со полициско насилство во која се расправаше за поседување оружје и доселување, земја со неправедно правосудство, во која владее етничка нееднаквост. Кери, ќерката на Роберт Кенеди, во својата неодамна објавена книга потсетува колку тие теми и доминираа во шеесеттите години на минатиот век, а не само денес, во ерата на Трамп. „Сите денес се жалат на поларизација, а таа тогаш беше далеку полоша“, вели политикологот Бил Галстон.

Америка во 1968 чезнееше за политичар кој би ја смирил растревожената земја и би го поправил имиџот на САД разурнат по злосторствата сторени во војната во Виетнам. Се чинеше дека тој човек може да биде Роберт Кенеди, викан Боби. Тој ветуваше дека повторно ќе го воспостави „моралното водство на САД на планетава“. Неговото мото гласеше: „Ние можеме подобро“.

USA Los Angeles Robert Kennedy nach Attentat
Роберт Кенеди по атентатотФотографија: picture-alliance/AP Photo/Los Angeles Times

Година на „нервен слом на нацијата“

Боби Кенеди беше привлечен  маж, со блескава насмевка во добро скроени костуми. Харизматичен и уверлив. Во кабинетот на неговиот брат Џон кој беше убиен пет години претходно, беше министер за правда.

„Пред Кенеди беше блескава кариера“, вели американскиот историчар Џулијан Зелизер. Два месеца пред него убиен беше Мартин Лутер Кинг, иконата на движењето на црнците. Историчарите таа 1968 година ја опишуваат како „година на нервен слом на нацијата“ во САД. Пишувајќи за смртта на Роберт Кенеди, политикологот Галстон наведува дека се чинело како земјата да се распаѓа по рабовите. „Беше сѐ полошо и полошо. Тензиите меѓу различните етнички групи, но и меѓу генерациите, долж културолошките граници, врз основа на приходи, пол, различни вредности и идеологија“. Мексиканскиот доселеник Хуан Ромеро, кој бил сведок на атентатот, денес вели: „Неговото наследство денес е поактуелно од кога било“.

Kunstmuseum Wolfsburg zeigt in der Ausstellung - Robert Lebeck
Погребот на Боби Кенеди се одржа на 8 јуни 1968 годинаФотографија: Archiv Robert Lebeck

На денот на убиството, сенаторот ја славеше победата на предизборите за претседателски кандидат на Демократската партија. Атентаторот кој тогаш имаше 24 години го пресретна кога излегуваше низ помошниот излез кој водеше од кујната, кон паркингот каде го чекал автомобилот. Кенеди веќе следниот ден им подлегна на повредите. Имаше само 42 години.

Теории на заговор

Сирхан го застрелал бидејќи сметал дека тој е одговорен за тешката положба на Палестинците. Убиецот сѐ уште е во затвор. Беше осуден на смртна казна која подоцна беше сменета во доживотен затвор. До денес кружат разни теории на заговор, од кои најтврдокордните се држат до онаа според која Сирхан не бил единствениот сторител и дека сознанијата за тоа ФБИ ги држи во тајност. Тоа може да се слушне и на подкастот со Пол Шредер, кој исто така бил ранет во атентатот. Тој денес има 91 година.

Bildergalerie 50. Jahrestag der Ermordung John F. Kennedys
Тројцата браќа Кенеди, од десно кон лево: Џон, Едвард и Роберт во 1963 годинаФотографија: Reuters

Весникот „Вашингтон пост“ за смртта на Кенеди пишува: „Таа до денес потсетува дека и во време на хаос и превирања можеме да одлучиме какви ние како граѓани сакаме да бидеме“. Дон Портер, британската режисерка на документарецот за Кенеди, повлекува паралела со Америка на Трамп: „Луѓето мора да се потсетат на тоа дека должноста на претседателот е поголема од онаа на секој поединец“.

Два месеца и еден ден пред смртта, Роберт Кенеди во еден говор реагираше на убиството на Мартин Лутер Кинг: „Она што ни е потребно не се уште поголеми поделби, омраза и насилство, туку љубов, мудрост и внимание“. Публиката громогласно му аплаудираше.