1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин и Паркинсонова болест - што велат лекарите?

Клер Рот
28 април 2022

На видео објавено од Кремљ минатиот викенд се гледа Путин во навидум лоша здравствена состојба. Некои од коментаторите и таблоидите тврдат дека тој има Паркинсонова болест. Што велат лекарите?

https://p.dw.com/p/4AYaB
Russland | Patriarch Kirill leitet den Ostergottesdienst in Moskau | Wladimir Putin
Рускиот претседател Владимир Путин на Велигденска миса во Москва, 23.04.2022Фотографија: Maxim Shemetov/REUTERS

Од американскиот сенатор Марко Рубио, професори по политички науки па сѐ до британски таблоиди - се чини многумина добро знаат какво му е здравјето на рускиот претседател Владимир Путин. Но, во овој наплив на написи и дебати околу здравјето на Путин кој ја преводи инвазијата на Украина, и шпекулациите за тоа дали тој има Паркинсонова болест или рак на тироидната жлезда, недостасува еден важен глас – оној на медицинските експерти.

На 12 минути долго видео може да се види како Путин цврсто се држи за масата за време на состанокот со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Се гледа и како удира со ногата и ја завлекува. На видео клипот, кој го објави руската влада минатата недела, исто така се гледа дека лицето му е видливо отечено.

Видеото беше повод за некои онлајн коментатори, вклучително и поранешната парламентарка од британската конзервативна партија Луис Менш, да донесат заклучок на Твитер дека рускиот претседател има Паркинсонова болест. Ваквото тврдење беше пренесено од бројни британски таблоиди, во чии стории има бројни коментари од професори, експерти за стратешки комуникации и политички аналитичари, експерти за говор на тело, но не е цитиран ниту еден доктор.

Wladimir Putin wird von Viktor Petrachenkov untersucht
Владимир Путин на преглед кај трауматологот Виктор Петраченков во болницата во Смоленск, поради болки во рамото по џудо-тренинг (архивска фотографија, 25.08.2011)Фотографија: Getty Images/AFP/A. Druzhinin

Нема дијагноза без преглед

Ова веројатно не е случајност.

„Невролозите сигурно не коментираат поради тоа што тие се научени никогаш да не коментираат за луѓе кои не се нивни пациенти“, вели за ДВ, Џон Харди, неврогенетичар од Британскиот институт за истражување деменција. Нагласувајќи го фактот дека тој е неврогенетичар, а не невролог, Харди, како експерт кој ги студирал болестите на мозокот, го сподели со нас своето мислење за состојбата на Путин.

„Според мене, нема знаци на Паркинсон. Тој не изгледа добро, но не е Паркинсонова болест,“ вели тој.

Реј Чадури, невролог на Универзитетот во Лондон, се согласува.

„Гледајќи го кусиот видео клип, не можам да најдам ниту еден доказ дека Путин има Паркинсонова болест“, вели Чадури за ДВ. Паркинсоновата болест и паркинсонизам е многу тешко да се дијагностицира и може да биде потврден само со темелни невролошки прегледи на човекот, објаснува Чадури.

„Отечено лице или тресење може да биде предизвикано од многу други работи, а притоа на видеото не видов никакво тресење,“ вели Чадури.

Керолин Расел, извршна директорка на Паркинсон УК, има ист став како Харди. Таа вели дека Паркинсоновата болест е комплексна состојба со над 40 симптоми, од физички до ментални, поради што е невозможно да се дијагностицира преку 12-минутен видео клип.

„Болеста се рефлектира различно кај секого“, вели Расел. „Без потврдена дијагноза преку тест, тоа е нешто што може да се потврди само со преглед од невролог или специјалист. Медиумските и онлајн шпекулациите не помагаат.“  

Ukraine-Konflikt - Macron und Putin - PK
За време на пандемијата, Путин се изолираше, одбивајќи да се приближи до кој било од светските лидери (фото: прес-конференција на Путин и Макрон во Москва, 7.02.2022)Фотографија: Thibault Camus/Pool AP/dpa/picture alliance

Молчењето на Русија само ги засилува шпекулациите

Не е невообичаено луѓето да шпекулираат за здравствена состојба на најмоќните лидери во светот. Медиумите наголемо известуваа кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп доби позитивен Ковид-тест во 2020-тата, за здравствените епизоди на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која во неколку наврати не можеше да стои на нозе, како и за операцијата на папата Франциско минатото лето.

Но Кремљ со години не зборува за здравствената состојба на Путин, што ги поттикнува новинарите и политичките експерти да го анализираат секој потег на претседателот во обид да откријат каков било знак на слабост или болест. Гласините дека Путин има рак на тироидна жлезда, сериозни проблеми со грбот, па дури и психолошко пореметување, станаа дел од секојдневните дебати поврзани со рускиот претседател.

Ова се надополни за време на Ковид-пандемијата, кога Путин целосно се изолираше, одбивајќи да се приближи до кој било од светските лидери на самити или конференции, и условувајќи ги оние со кои ќе се сретне да се изолираат, или да се тестираат повеќепати пред да седнат на заедничка маса.

Оттука, медиумите шпекулираа и дека руската инвазија на Украина водена од Путин, која започна во февруари, е всушност последица на тоа што на рускиот претседател во изолација му биле доставувани само половични информации кои не се целосно вистинити, поради што претседателот западнал во состојба на нарцисоидна психоза.

- повеќе: Владимир Путин – заробеник во моќта на Кремљ

Се чини новинарите „се закачија“ за оваа идеја како начин да ја објаснат руската неиспровоцирана инвазија врз Украина, во која досега загинаа над 1800 Украинци, а илјадници се повредени.

Дали е Путин на смртна постела и ја користи војната за да го зацврсти својот белег  во историјата, или навистина е воден од некаков вид психоза – без каква било информација од Кремљ сето ова се сведува на шпекулација.

На крајот на денот, никој - ниту коментаторите на Твитер, невролозите кои го анализираат видео клипот од Кремљ, ниту своевидните експерти за Русија – не знае што се случува во главата на Путин.