1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меланија Трамп или Бил Клинтон?

Марк Саха
19 октомври 2016

Кој ќе ја замени првата дама на Америка, Мишел Обама: екс-моделот Меланија Трамп или екс-претседателот Бил Клинтон?

https://p.dw.com/p/2RPoL
USA Wahlkampf TV Duell Bill Clinton und Melania Trump
Фотографија: Reuters/M. Segar

Реагираше! На изненадување на многумина Меланија Трамп се откажа од својата досегашна воздржаност и за Си-Ен-Ен опширно зборуваше околу обвинувањата за сексизам на сметка на сопругот Доналд. „Бев изненадена, затоа што човекот што таму зборува не е оној кој јас го познавам“, рече таа.

Интервју-офанзивата на Меланија Трамп пред последниот ТВ-дуел на нејзиниот сопруг и Хилари Клинтон, е реакција на настапот на жената на чие место таа сака да се најде: првата дама Мишел Обама, која секс-фалбите на Доналд Трамп ги означи како „шокантни и недопустливи“.

Со својата реакција Меланија Трамп сега излезе од сенка. Досега, нејзините малубројни јавни настапи, како партискиот говор за кој беше обвинета дека е плагијат, често наидуваа на негативни реакции.

Дуел екс-модел против екс-претседател

Каков контраст со нејзиниот противник! На една страна екс-модел, родум од Словенија, политички неискусна. На другата страна екс-претседател, измиен со сите води, политички професионалец од глава до петици. Бил Клинтон своето искуство го собра со скандали и афери. Пред нецели 20 години тој мораше јавно да се правда поради тајните средби со својата практикантка Моника Левински во Овалната соба и го стави својот брак и претседателствувањето на коцка.

„Функцијата“ за која се кандидати Меланија Трамп и Бил Клинтон не е платена и не е регулирана со американскиот Устав. „Но, уште првиот претседател Џорџ Вашингтон остави простор за 'Лејди Вашингтон' и со тоа ја етбалираше институцијата 'Прва дама/Прв џентлмен'“, објаснува Кристер С. Гарет, професор по американски студии на Универзитетот Лајпциг во интервју за ДВ.

„Аурата на натпартизмот“

Сопругата или сопругот на најмоќниот маж или жена во светот се поблизу до претседателот на државата од кој било друг. „Во изборната кампања тие се носители на симпатии“, објаснува Томас Јегер, експерт за надворешна политика од Универзитетот Келн. „Тие ја имаат аурата на натпартизмот, за сите во земјата се фигура со која можат да се идентификуваат“, вели Јегер за ДВ.

По победа на изборите, тоа може да се промени. Тоа го има искусено Хилари Клинтон. Кога беше „прва дама“, таа имаше „јасна, профилирана улога“, вели Кристер С. Гарет, но не успеа со своите планови за здравствена реформа.

Актуелната „носителка на функцијата“ - Мишел Обама ја промени сликата за „првата дама“. Таа не е домаќинка со хуманитарни задачи, но не е ниту „ко-владетел“. Таа е пример за модерна, еманципирана жена.

Гарет има пофалби за Мишел Обама: „Со својата интелигенција, прибраност, сувереност, страст за одредени теми, како правата на жените, и се разбира со својата наклонетост кон популарната култура, таа им се обраќа многу ефикасно на избирачите од сите генерации и слоеви во општеството и сосема јасно го зајакнува претседателствувањето на Барак Обама.“

На 8 ноември, кога ќе се гласа за новиот претседател на САД, ќе се одлучи и кој ќе ја преземе улогата на Мишел Обама. Што ако тоа биде Меланија Трамп? Познавачот на САД, Томас Јегер, вели дека се изнаслушал сѐ и сешто во врска со тоа: „Едни велат дека таа ќе биде најубавата жена во Белата куќа по Џеки Кенеди. Тоа што е по потекло Словенка, е добар сигнал за јавноста. На други пак им пречи нејзиното минато како модел.“ Меланија Трамп, како што се вели, може да се види толку скудно облечена, што луѓето сега можат да ѝ го препознаат папокот.

Кристер С. Гарет претпоставува дека Доналд Трамп „ќе инсистира на тоа да го привлече кон себе најголемиот дел од вниманието, што накусо значи дека Меланија ќе има скромна улога 'зад сцената'“.

Одмазда за Моникагејт?

Интересно е и како Клинтонови ќе се постават во случај на победа. Хилари би била јасен „број еден“. А, што ќе се случи со Бил, кој сепак е екс-претседател? Томас Јегер слушнал две верзии: „Некои песимистично претпоставуваат дека ќе биде отсечен од сите информации, можеби во знак на одмазда поради 'Моникагејт'. Други веруваат дека тој ќе биде економски советник на Хилари, со своја канцеларија, кој ќе се грижи за реиндустријализацијата и за нови работни места.“

Исто така, нејасно е како точно првиот маж во ранг на прва дама би требало да се вика: „Прв сопруг“, „Прв џентлмен“ или „Прв џент“? Или, како што самиот Бил Клинтон рече во 2007 година - „Прво момче“?