1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви се односите меѓу Турција и Израел?

Исмет Кочан 31 јануари 2009

Демонстративното напуштање на форумот во Давос од страна на турскиот премиер, поради недоразбирања со израелскиот претседател, предизвика реакции. Што значи ваквиот потег на Ердоган за односите меѓу двете земји?

https://p.dw.com/p/GkUZ
Турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган и израелскиот претседател, Шимон Перес во ДавосФотографија: AP

Традиционално добрите односи меѓу Турција и Израел се пред големо искушение по дипломатскиот инцидент во Давос. Турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган, пред да го напушти демонстративно форумот, го обвини израелскиот претседател, Шимон Перес, и владата во Тел Авив, дека во Палестина убивале и жени и деца.

Познавачите не се изненадени

Реакцијата на премиерот на Турција, која е единствена муслиманска земја во светот што има пријателски односи со Израел, е изненадување само за оние што не се доволно упатени во најновиот развој на настаните во односите помеѓу Анкара и Тел Авив. Тие се нарушени уште од првиот ден по почнувањето на израелските воени напади врз појасот Газа.

Israelische Panzer bei Manöver in den Golan Höhen
Голанска висорамнинаФотографија: AP

Турскиот премиер Ердоган беше многу лут на Израел и израелскиот премиер, поради тоа што бомбардирањето на цивилните цели во Газа почна само неколку дена, откако тој во Анкара разговараше со Ехуд Олмерт за постигнување на мир помеѓу Израел и Сирија. Последните преговори помеѓу двете земји беа доведени до крај и се очекуваше двете страни во догледно време да потпишат договор за мир. Со него би требало Израел да и ги врати на Сирија окупираните делови на Голанската висорамнина, а таа за возврат дала гаранции, дека од нејзина територија нема да се вршат напади врз Израел.

Отакако со бомбардирањата на Газа паднаа во вода двегодишните мировни напори, турскиот премиер го обвини Израел за несериозност и непочитување кон Турција како посредник во мировниот процес.

Додека во Газа уште се слушаше ехото од експлозиите на израелските ракети, тој одби по телефон да разговара со Олмерт, условувајки го тоа со безусловно прекинување на оган. Тој порача и дека во Газа нема да има мир се’ додека на маса на преговори не се повика и Хамас.

Протести во Турција - реакција на американските цивилни организации

Во меѓувреме, низ Турција изминатите денови се случи бран на антиизраелски протести, кои на еврејското лоби во Соединетите Американски Држави им заличија на антисемитизам.

Türkei Militärrat tagt in Ankara Ministerpräsident Recep Tayyip Erdogan
Турскиот премиер Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: AP

Од тие причини, петте највлијателни американски цивилни еврејски организации деновиве упатија отворено писмо до премиерот Ердоган и турската влада. Тие од нив побараа преземање на итни мерки за запирање на антисемитистичките демонстрации во Турција.

Тие отворено се заканија дека во спротивно ќе ја откажат традиционалната подршка, што дотогаш и ја давале на Турција во Соединетите Американски Држави, и дека во американскиот Конгрес ќе покренат иницијатива за на дневен ред повторно да се донесе нацрт-документот за турскиот геноцид врз Ерменците. Ова дополнително ги разгоре страстите во Турција, каде што делот од опозицијата побара дури и преиспитување на понатамошните турско–израелски односи.