1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EU Griechenland

11 февруари 2010

Нервозата во евро-зоната е голема. Шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ на вонреден самит во Брисел се советуваат за помош на Грција поради нејзините преголеми задолжувања.

https://p.dw.com/p/Ly8l
Фотографија: DW/AP

Во Брисел полека се создава консензус дека ЕУ не може да ја остави Грција сама во актуелната буџетска криза. Преголеми се ризиците за заедничката валута, аргументираат политичарите во Брисел. Досегашниот еврокомесар Хоакин Алмунија пред пратениците на Европарламентот уште еднаш јасно порача спроти вонредниот самит на шефовите на држави и влади дека: „Сакам европските лидери да и’ кажат на грчката влада: ако вложите доволно напори, тогаш ќе добиете помош. Поддршката мора да биде јасна и недвосмислена.“

Алмунија оцени дека ЕУ може сама да се справи со проблемот и не мора да бара помош од ММФ.

„Имаме можности и инструменти - и тоа повеќе од доволно - за да се справиме со тешката ситуација.“

Строги правила

Против ваквиот оптимизам на досегашниот комесар Алмунија зборуваат многу факти. Правилата на европската монетарна унија забрануваат директна финансиска поддршка за земја-членка, која се нашла во финансиски потешкотии. Тоа е така запишано во правилата за да не се остави простор некоја од земјите членки да живее над сопствените можности, надевајќи се дека другите сепак ќе ја спасат од банкрот. Но, наспроти добрите правила на монетарната унија, проблемот со Грција сега постои и европските лидери се кршат меѓу верноста на зацртаните правила од една страна и притисокот да го стабилизираат еврото на берзите, од друга.

Joaquin Almunia EU Kommissar
Хоакин Алмуниа, досегашен евро-комесар за монетарни прашањаФотографија: EU Kommission

Сепак повеќе опции

Како една од опциите, што се во оптек во Брисел, е Грција да се стави под директен надзор на ЕУ, што се однесува до буџетската дисциплина. Втора можност е да се исплати од напред финансиската помош за Грција од европските регионални фондови, предвидена со планот до 2013. Одлука за тоа може да донесе и Европската комисија. Трета можност е Европската инвестициона банка, која би можела да позајми пари од финансиските пазари и да го засили кредитирањето на Грција. Четврта е фондот на ЕУ за земјите членки кои се нашле во финансиски потешкотии поради светската економска криза. Во него има вкупно 50 милијарди евра, но до сега тој им беше наменет на земјите кои не се членки на евро-зоната. Ова правило би требало во тој случај да се измени. И петта опција е одделни земји од еврозоната да купуваат грчки државни обврзници на берзите и со тоа да го намалат притисокот. На тој начин другите членки на договорот за заедничка валута би и’ дале билатерални кредити на Грција. Во случај таа поскоро да се извлече од кризата, земјите вложувачи би можеле подоцна и да ги продадат овие обврзници и во најдобар случај дури и да заработат на нив.

Автор: Мартин Боне/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска