1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ќе се промени или ќе потоне!

28 јануари 2010

Борбата против корупцијата и даночната евазија му предизвикуваат огромни проблеми на грчкиот премиер кој се обидува да ја врати меѓународната доверба во разнишаната економија во земјата.

https://p.dw.com/p/Lhk3
Ендемската корупција и се заканува на ГрцијаФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber/AP/Montage DW

Но, државните проблеми се извор и на добра смеа за многумина Атињани кои деновиве масовно ја посетуваат претставата „Мајка Грција“, која го сатиризира сето она што е негативно во државата. Сепак, и самите признаваат дека не им е многу до смеење.
Сценографијата на претставата „Мајка Грција“ е многу едноставна. Преполовениот антички столб на сцената го претставува скршениот национален дух. На сцената излегуваат два сомнителна лика, корумпираниот министер и неговиот соработник. Тоа е сатирата на грчката реалност, за несреќа на премиерот Јоргос Папандреу.

„Во Грција, за разлика од други земји, постојат системска корупција, клиентелизам, што значи дека парите одат за политички услуги наместо во вистинските сектори. Тоа очигледно го создаде чувството на непостоење на правна држава, кое потоа поттикнува проблеми како неплаќање на данок“, вели Папандреу.

Ќе биде казино од Акрополот?!

Во претставата корумпираните политичари го продаваат Акропол, за да ги претворат историската градба и Партенонот во казино. Господ нека е со вас, вели бизнисменот, за кој одеднаш се дознава дека е всушност свештеник на моќната Грчка православна црква.

Тоа е алузија на аферата во која беа вмешани свештеници од Света Гора и министри од поранешната влада на конзервативците. Еден од двајцата автори на сатирата е Јанис Палаилогос.

„Корупцијата не и‘ дозволува на Грција да напредува. Не верувам дека постои нешто особено во грчкиот карактер што го прави невозможно решавањето на овој проблем. Се‘ што е потребно е политичка волја и вистински потези против луѓето кои со нивните привилегии создаваат бес кај народот.“

Генерацијата „700 евра“

Во претставата се појавуваат и античките Грци кои се враќаат од мртвите и не можат да веруваат во каква состојба ја наоѓаат колевката на цивилизацијата.

Streik in Griechenland
Во Грција постојат системска корупција и клиентелизам, вели премиерот ПапандреуФотографија: AP

„Мајка Грција“ го сатиризира и институционалираното насилство во полицијата. Повод е убиството на тинејџерот во декември 2008 година, кое доведе до серија насилни протести од страна на т.н. „генерација 700 евра“, односно младите луѓе кои заработуваат минимални плати. Една од нив е и младата актерка Васо Чела:

„Јас сум член на генерацијата помалку од 700 евра. Всушност станува збор за околу 300 евра и не знам како преживувам. Се нервирам секогаш кога ќе помислам дека млад човек во оваа земја никогаш не може да си дозволи сопствена куќа. Мене родителите ми купија куќа на кредит и плаќаат 500 евра месечно. Јас никогаш нема да можам да заработам 500 евра месечно со глума.“

Многу малку политичари во земјата ја виделе претставата. Еден од ретките е претседателот Каролос Папуљас.

Актуелната грчка влада очајнички се обидува да се избори со корупцијата. Но, се работи за болест која е длабоко вкоренета во системот, и луѓе кои се на високи функции со стекнати права и интереси кои ќе сторат се’ за да ја спречат земјата да стане потранспарентна, бидејќи на тој начин ќе загубат се’. Пораката од „Мајка Грција“ е иста како и онаа на премиерот Папандреу - Грција ќе се промени или ќе потоне!

Автор: Малколм Брабант/Борис Георгиевски

Редактор:Жана Ацеска