1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици загинати во стампедо на погребот на Сулејмани

БГ /АП
7 јануари 2020

Погребот на командантот на иранската Револуционерна гарда, Касем Сулејмани, се претвори во трагедија откако настанa масовна паника меѓу насобраните луѓе. Техеран се заканува со одмазда врз САД.

https://p.dw.com/p/3Vpmh
Iran Begräbnis von General Soleimani in Kerman
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Tasnim News Agency/E. Kouchari

Најмалку 35 луѓе загинаа, а 48 се повредени во стампедо кое се случи за време на погребот на иранскиот генерал кој беше убиен во американски воздушен напад минатата недела.
На видеата од Керман, родниот град на генералот Сулејмани каде денеска започна неговиот погреб, можат да се видат безживотни тела на улиците и луѓе кои бараат помош.
Информацијата за жртвите и повредените ја објави иранската државна телевизија, а ја потврди и првиот човек на итната медицинска служба.
Вчера во Техеран над еден милион луѓе излегоа на улиците да му испратат последен поздрав на убиениот генерал.

Смртта на Сулејмани предизвика жестоки реакции во Иран, од каде пристигнуваат закани за одмазда, и ги зголеми тензиите на Блискиот исток.

Утрово, лидерот на Револуционерната гарда, Хосеин Салами, се закани дека „ќе ги запали“ оние кои ги поддржуваат САД, на што насобраната маса одговори со извици „Смрт за Израел“.

Iran Trauer um General Soleimani in Kerman
Стотици илјади дојдоа на погребот на Сулејмани во неговиот роден град КерманФотографија: Getty Images/AFP/A. Kenare

За многу Иранци, Сулејмани беше национален херој. САД го сметаат за одговорен за смртта на американски војници во Ирак и тврдат дека подготвувал нови напади токму пред да биде убиен со напад со дрон во петокот во близина на аеродромот во Багдад. Сулејмани ги предводеше и единиците кои му даваа поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, како и иранските паравоени единици во Ирак, Либан и Јемен.

По неговото убиство, Техеран одлучи целосно да се повлече од договорот за нуклеарно разоружување, а парламентот во Багдад повика на исфрлање на американските војници од Ирак.

Според информациите во иранските медиуми, властите во Техеран изработиле 13 потенцијални планови за одмазда по убиството на Сулејмани.

„Доколку американските трупи не си заминат од регионот доброволно и стоечки, ќе сториме нешто за да ги испратиме нивните тела хоризонтално“, се закани секретарот на иранскиот Совет за безбедност Али Шамкани.

Американската поморска администрација денеска предупреди од ирански напади врз танкерите со нафта кои минуваат низ Ормускиот теснец, пракса која предизвика многу тензии и минатата година.