1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски политичари: Србија мора да се одлучи

Ненад Крајцер
31 март 2022

Пред парламентарните и претседателските избори во Србија, политичарите од германскиот Бундестаг задолжени за Западен Балкан отворено ставаат до знаење дека очекуваат Белград јасно да се оттргне од Русија на Путин.

https://p.dw.com/p/49HJG
Српскиот претседател, Александар Вучиќ и германската министерка  за надворешни работи Аналена Бербок
Српскиот претседател, Александар Вучиќ и германската министерка за надворешни работи Аналена БербокФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Веднаш по преземањето на функцијата во декември 2021 година, новата германска владина коалиција на Социјалдемократската партија (СПД), Зелените и Либералите (ФДП) објави дека регионот на Западен Балкан е на врвот на германската листа на приоритети во надворешната политика. Првиот сигнал во оваа насока беше назначувањето на политичарот на Зелените Мануел Сарацин за специјален претставник на сојузната влада за Западен Балкан.

Од почетокот на нападот на Русија врз Украина на 24.02.2022, германската влада ги интензивираше активностите поврзани со Западен Балкан. Во Берлин се стравува дека агресијата на Москва може да ги поттикне конфликтите што тлеат во овој дел од југоисточна Европа. Министерката за надворешни работи Аналена Бербок од Зелените, побрза во посета на Босна и Херцеговина, Косово, а потоа и во Србија на почетокот на март 2022 година за да стави јасно до знаење дека Европската унија е сериозна кога вели дека има намера да ги вклучи овие земји во своите редови. Германскиот канцелар Олаф Шолц го спомна и Западен Балкан на прес-конференцијата на 28 март 2022 година. Тој истакна дека преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да започнат „што е можно поскоро“.

Додека Германија ги интензивира своите напори на Западен Балкан, во недела (03.04.2022) во Србија ќе се одржат парламентарни и претседателски избори. ДВ ги праша политичарите од Бундестагот што очекуваат од гласањето и исходот од изборите. Адис Ахметовиќ, известувач на Бундестагот за Западен Балкан и пратеник на СПД во парламентот од септември 2021 година, нагласува дека е добро што српската опозиција не ги бојкотира изборите како во 2020 година: „По последните избори, недостасуваа овие основни механизми на парламентарна демократија, во која опозицијата во парламентот ја контролира работата на владата“, изјави Ахметовиќ за ДВ. „Сведоци сме на креирање на нова политика за Западен Балкан во која секоја од тамошните земји добива своја улога“, вели политичарот од СПД. Со оглед на прогнозите дека долгорочниот претседател на Србија Александар Вучиќ ќе остане на чело на државата и по изборите, Ахметовиќ јасно става до знаење дека веќе нема да има посебен статус како што го уживаше српскиот претседател за време на владата на Ангела Меркел од ЦДУ.

Различно од времето на Ангела Меркел

„Според мене, многу е важно сите шест земји од Западен Балкан да ги третираме на исто рамниште,“ нагласува Ахметовиќ. Пристап во кој сите напори се насочени кон една централна фигура на Западниот Балкан, која таму треба да гарантира стабилност, не е во интерес ниту на регионот, ниту на Германија, ниту на ЕУ. Наместо тоа од сега „секоја држава, или шеф на влада има иста улога, што се однесува до стабилноста. Тоа во времето на Ангела Меркел беше малку поинаку.“

Повеќе: Српската политика на клацкалка станува непријатна за Вучиќ

Ахметовиќ ја критикува одлуката на властите на Косово, граѓаните кои покрај косовското имаат и српско државјанство да не смеат да гласаат на изборите во Србија.

„Она што им е овозможено на Турците или Србите кои живеат во Германија, мора да им биде достапно и на Косово. Поради тоа оваа одлука на премиерот Албин Курти за мене е неразбирлива,“ вели Ахметовиќ.

Време на позиционирање

Србија продолжува да игра важна улога на Западен Балкан, особено во однос на ситуацијата во Косово, Црна Гора и во Босна и Херцеговина.

„Србија мора да обезбеди стабилност со тоа што ќе се погрижи дестабилизирачкиот фактор во овие земји да не доаѓа од Србија, бидејќи сите овие конфликти во околните земји се некако поврзани со Србија“, објаснува Ахметовиќ.

Додека Германија премолчено го прифаќаше „жонглирањето“ на Белград меѓу Москва и Брисел во минатото, руската инвазија на Украина не остава простор за толерирање на таква политика: „Очекуваме Србија да заземе јасна позиција за надворешната политика. На Белград треба да му биде јасно дека не може да седи на две столчиња. Ова е време на позиционирање, а не на компромис“, категоричен е Ахметовиќ.

Војната во Украина фрли важни теми во сенка

И Антон Хофрајтер од Зелените има случен став. Србија кон ЕУ има „трнлив пат” пред себе, вели за ДВ претседателот на Комисијата за европско-политички прашања. „Србија мора итно да се врати на демократијата и правната држава, во што спаѓа и осудата на руската агресија против Украина и застанување рамо до рамо со европските партнери."

Рената Алт од Либералите и претседател ан Комисијата за човекови права во Бундестагот, на ист начин гледа на нештата: „Маневрирањето на Вучиќ меѓу Истокот и Западот се гледа и во неговиот отпор да се приклучи кон санкциите спрема Русија. ЕУ треба да размисли за сериозни последици", вели Алт за ДВ. Политичарката смета дека ситуацијата во Украина ќе влијае и на друг начин врз исходот на изборите во Србија. “Нападот од Русија ги деградираше како споредни темите како екологија и корупција", смета Рената Алт.

Барањето на германските владини партии Србија да се одлучи за ЕУ е став и на демохристијанската ЦДУ. „Рускиот напад врз Украина е историски пресврт кој не може да го игнорираат ниту српските политичари", вели Јирген Харт, пратеник во Бундестагот и портпарол за надворешна политика на фракцијата ЦДУ/ЦСУ. Ако Србија сериозно има амбиции за членство во ЕУ, мора веродостојно да се дистанцира од Путин и да ги преземе во целост санкциите на ЕУ против Москва.

„Српскиот народ заслужува да биде дел од ЕУ и да има заедничка европска иднина во мир и благосостојба”, вели Харт. Србија го има потребниот потенцијал како важно систо во идниот европски регион Западен Балкан да испише успешна приказна. Но, “за тоа да се случи политичарите мора да го остават минатото на мир и да гледаат храбро кон иднината”, заклучува Харт.