1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зошто Харков е стратешки важен

Роман Гончаренко
14 мај 2024

Новата руска офанзива е концентрирана на Харков, вториот по големина град во Украина. Борбата за градот најверојатно ќе биде покрвава од онаа за Доњецк или Мариупол, а пораз за Украина би болел повеќе отколку во Донбас.

https://p.dw.com/p/4fp0S
Градското собрание во центарот на Харков по руското гранатирање во март 2022 година
Градското собрание во центарот на Харков по руското гранатирање во март 2022 годинаФотографија: Sergey Bobok/AFP

Две години по неуспешниот обид да го заземе Харков, Русија повторно напредува кон градот. Експертите до неодамна беа сигурни дека операцијата кај Харков е повеќе руска пропагандна кампања и дека Москва нема доволно сили да го заземе вториот по големина град во Украина.

Но, на почетокот на мај, руската армија брзо зазеде неколку села на северот на Харковската област, а загриженоста за Харков стана поакутна. За Киев не се во прашање само дополнителни територијални загуби. Харков е клучен град за Украина на многу начини - како економски и културен центар, но и како еден од симболите на украинскиот отпор против руската инвазија.

Што треба да се знае за Харков

Харков бил голем град уште во времето на Руското Царство. Од 1919 до 1934 година бил првиот главен град на советска Украина. И иако во градот подоцна се зборува претежно руски јазик, во него, во 1920-тите и 1930-тите, украинската култура доживеа процут. Нејзините истакнати претставници станаа жртви на теророт во времето на диктаторот Јосиф Сталин. Имињата на многу писатели и поети од оваа генерација, наречени „погубена преродба“, станаа широко познати дури откако Украина стана независна.

За време на советската ера, Харков стана транспортен, индустриски и научен центар. Од СССР, градот наследи високотехнолошки индустриски кластер и важни високообразовни институции, вклучувајќи го Националниот универзитет Карасин, Правниот универзитет, Универзитетот за радиоелектроника и единствениот авијациски институт во Украина. Во 1930-тите, во научен центар во Харков за првпат во СССР беше извршена делба на атом.

Харков се наоѓа на околу 40 километри од границата со Русија, на раскрсницата на стратешките патишта од запад кон исток и од север кон југ, вклучувајќи ја и рутата од Москва до Крим преку Ростов на Дон. До неодамна, градот произведуваше делови за хидро, термо и нуклеарни централи, како и авиони, трактори и тенкови. Покрај тоа, во центарот на градот се наоѓа најголемиот пазар во Украина - Барабашово.

Украина карта
Харков се наоѓа на околу 40 километри од границата со Русија, на раскрсницата на стратешките патишта од запад кон исток и од север кон југ

Место на поразот на Путин

Поради зголеменото гранатирање од страна на Русија и прекините на снабдувањето со електрична енергија, многу компании веќе не можат да работат со полн капацитет. Малку е веројатно дека Украина ќе може да ги премести сите на побезбедна локација.

Затоа што за тоа би биле потребни многу пари, товарни возови и време. Сето ова во моментов го нема. Некои мали компании веќе се преселија во западна Украина во 2022 година. Во април, украинските медиуми објавија планови на два индустриски гиганти со седиште во Харков, кои се споија непосредно пред руската инвазија, да основаат филијали на западот на земјата.

Русија не крие дека сака да го освои Харков. Поранешниот претседател Дмитри Медведев отворено објави дека Харковската област ќе стане петтиот регион во Украина што во есента 2022 година ќе биде припоен кон Русија.

Успешната контраофанзива на украинската армија ги спречи овие планови. Харков стана регион од кој руската армија буквално побегна, оставајќи зад себе опрема и муниција.

Набљудувачите не се сомневаат дека Русија ќе бара одмазда. Загубата на Харков и регионот, би била голем удар и за енергетската безбедност на Украина. Економските последици би биле посериозни од загубата на Доњецк или Мариупол.

Според владините статистики, Харковската област беше трет најголем придонесувач во БДП на Украина во 2019 година (6,3 проценти), зад Киев и Дњепропетровската област. Харков е исто така регион со најголеми резерви на гас во Украина. Со нив земјата може речиси целосно да ги покрие потребите од сопствените резерви.

Украина Харков руски тенк
По неуспешниот напад на Харков во 2022 година, руската армија побегна толку набрзина што зад себе остави опрема и муницијаФотографија: Hanna Sokolova/DW

Центар на украинската армија

Можната битка за Харков би можела да биде најкрвавата во војната досега. Ова се должи на големината на градот: со околу 350 квадратни километри и моментално околу 1,3 милиони жители, тој е голем приближно колку Минхен.

Тоа значи дека во градот живеат приближно исто толку луѓе колку и пред големиот руски напад врз Украина. Иако многу жители го напуштија градот, стотици илјади луѓе избегаа во Харков од Донбас и другите региони каде што војната избувна порано.

Кога проруските активисти се обидоа да ја преземат власта во градовите во источна Украина во 2014 година со премолчена помош на руските безбедносни служби, тие беа успешни во Доњецк и Луганск. Во Харков, пак, беа брзо протерани од зградата на регионалната државна администрација.

Кога истата година започна војната во Донбас, Харков стана центар за украинската армија и еден од центрите на волонтерското движење: таму беше поправана воена опрема, а ранетите добиваа медицинска помош. Конечно, во Харковската област останаа зачувани многу воени објекти од советската ера, вклучително и складиште за оружје и воен аеродром.

Руската офанзива на североисток не беше изненадување за Украина. Беа изградени неколку одбранбени линии околу градот Харков, но не и околу околните села. Русија има и голема стратешка предност: може да го гранатира Харков и регионот од своја територија.

Украина може да возврати само со сопствено оружје со краток дострел, а не со западно оружје со поголем дострел. Условите за испорака на оружје од Запад го забрануваат тоа. Обединетото Кралство неодамна ја објави својата подготвеност да го промени ова. За повеќето други земји, сепак, и натаму е табу можноста Украина со нивно оружје да ја гаѓа Русија.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик