Луѓето во Иран заробени меѓу бомбите и режимот
13 март 2026
Од избувнувањето на војната во Иран на 28 февруари, по американско-израелските напади врз различни цели во земјата, многу контакти во Иран не беа достапни, ниту преку телефон, ниту преку интернет. Статистиката од лондонската организација за следење на интернет НетБлокс покажува дека интернет конекцијата е на само околу еден процент од нормалното ниво од крајот на минатиот месец.
До некои контакти сè уште може да се дојде преку апликации како што се ИМО, Телеграм или ВотсАп, но поретко преку Инстаграм. „Го напуштив градот откако зграда во нашата улица беше бомбардирана“, вели самохрана мајка која сака да остане анонимна. Таа не знае кој живее во таа станбена зграда во нејзиното соседство во метрополата Техеран.
Кога избувна војната, 42-годишната фотографка била сигурна дека ќе остане дома сè додека, како што вели, целните напади врз претставници на Исламската Република не ослободат луѓе. Сепак, во третата ноќ од војната, таа и нејзиното дете морале да го напуштат градот и да одат кај роднина во предградието. „Видовме како паѓаат неколку ракети“. Среќна е, вели таа, што во моментов не е во Техеран.
Страв од кисели дождови
Стравот од кисели дождови расте во градот. По напади на Израел врз неколку нафтени депоа околу главниот град, густ, црн, токсичен чад ја затемни метрополата. Иранската агенција за заштита на животната средина ги повика жителите да останат во своите домови. Организацијата Црвена полумесечина предупредува дека хемикалиите што се наоѓаат во дождот можат да ја оштетат кожата и белите дробови.
Освен складиштата за нафта, густо населениот Техеран има и неколку други цели. Цивили умираат во секој напад, бидејќи не знаат како да се заштитат. Нема сирени, нема ни засолништа од бомби.
Според податоците на американската организација Активисти за човекови права во Иран, од почетокот на војната до 8 март, во Иран се убиени вкупно 1.205 цивили - меѓу нив најмалку 194 деца. Според организацијата, бројот на воени жртви е 187, со дополнителни 316 необјаснети смртни случаи (цивили или војници).
Меѓу цивилните жртви се најмалку 110 ученици на возраст меѓу седум и дванаесет години, кои беа убиени на првиот ден од војната на САД и на Израел против Иран во напад врз женското училиште во Минаб, на југот на земјата. Независните истраги од тимови од Њујорк тајмс и платформата Белингкет заклучија дека училиштето најверојатно било нападнато од американската војска. Тоа би било воено злосторство.
Апел до меѓународните организации
„Ниту една од завојуваните страни не игра според правилата“, вели Моин Хазели, ирански истражувач за човекови права, политиколог и криминолог, кој живее во Шведска од 2009 година.
Тој додава: „Инфраструктурата како нафтените постројки во Иран не е сама по себе воена цел, исто како што не се цивилната инфраструктура и станбените области што Исламската Република ги напаѓа во соседните земји. Исламската Република не го штити своето население. Нема засолништа или системи за тревога, а откако интернетот е во прекин, има и недостаток на информации за тоа како треба да се однесуваат луѓето“.
Меѓународните организации треба да обезбедат Иран да стави на располагање хуманитарна помош на своето население. „Уште поважно, Исламската Република е одговорна за она што се случува во моментов. Меѓународните организации мора да работат за да обезбедат Исламската Република да овозможи мирен трансфер на власта и народот да може сам да одлучи како сака да живее“, вели Хазели.
Пред почетокот на војната, речиси секој разговор со луѓето во Иран кои го доживеале бруталното задушување на протестите во јануари откривал една желба: промена на режимот преку целно убивање на одговорните во Исламската Република. Сега, меѓутоа, со секој изминат ден, има сè помалку надеж за брза промена на режимот.
Многу луѓе сè уште се во Техеран затоа што мора да работат и да заработуваат за живот. Многумина се загрижени дека ситуацијата ќе се влоши по назначувањето на новиот ирански лидер, Моџтаба Хамнеи.