1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Унгарија и ЕУ: што понатаму по блокадата од Орбан?

Барбара Везел
9 декември 2022

Унгарија во Советот на министри во Брисел го блокираше пакетот помош за Украина во вредност од повеќе милијарди. Дали ЕУ може сепак да најде средства и како ќе се одвиваат работите по блокадата од земјата членка?

https://p.dw.com/p/4KfXE
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја уценува ЕУ
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја уценува ЕУФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/picture alliance

Ден потоа од кабинетот на премиерот Орбан соопштија дека блокадата немала апсолутно никаква врска со уцена. „Унгарија е подготвена билатерално да ја поддржи Украина” се цитира Твитер објава на премиерот по средбата на министрите за финансии од  земјите членки на Европската Унија.  „Нема вето или уцена”, се вели и се појаснува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан сакал да ги убеди останатите членки дека заедничко задолжување не е решение во ваква ситуација. „Ако на патот надолу продолжиме како заедница со заедничко задолжување, веќе нема враќање назад”.

Унгарија одбива повеќе проекти

Но, критичарите посочуваат дека фактички тоа е уцена кога важни планови на ЕУ се блокираат само заради тоа што една земја членка сака да ги протне своите интереси. А, Унгарија цвета во таквата уметност, па така владата веќе со месеци одбива да даде согласност за глобален минимален данок, ја одолговлекува ратификацијата за приемот на Финска и Шведска во НАТО и го блокира и пакетот помош за Украина.

Потпретседателот на ЕК, Валдис Домбровкис, вели дека жали за одлуката на Советот на министри. „Со свои очи видов колку е очајна ситуацијата. Мора следниот месец да направиме прва уплата, за да може Украина да ја преживее зимата. Нема алтернатива - мора да најдеме начин".

Причина за блокадата е што ЕК замрзна 7,5 милијарди од регуларната помош од ЕУ и дополнителни 5,8 милијарди од корона фондовите наменети за Унгарија со образложение за големи повреди на начелото за правната држава, какви што беа констатирани и од Европскиот суд за човекови права. Комисијата бара серија реформи. Виктор Орбан тврди дека ги спровел. Во Брисел недостига верба и ги сметаат унгарските мерки за празни ветувања.

Во барањата се и обнова на независно судство, промени во јавните набавки, посебно тело против корупција и многу друго. Но новинарите во Унгарија постојано известуваат за нови прекршувања против ЕУ регулативите.

„Додека Унгарија се обидува да и` продаде на ЕК нови антикорупциски мерки, за да ги ослободи европските фондови, зетот на Иштван Тибор тукушто доби 380.000 евра од европски пари. Тибор и татко му имаат добиено вкупно 3,2 милиони евра за ‘регионален развој’’.

Европската комисија сака да ја казни Унгарија
Европската комисија сака да ја казни УнгаријаФотографија: Thierry Monasse/Getty Images

Што може ЕУ да направи без согласност од Унгарија?

Европскиот парламент на Унгарија неодамна и` го одзеде статусот на демократија и бара да останат на сила финансиските санкции. Портпаролот од Зелените задолжен за буџетски прашања изјави: „За жал дојдовме до точка на која ЕК мора да подготви алтернативи за финансирањето на Украина (…) Краткорочно би можеле да ја користиме резервата за итни случаи од буџетот на ЕУ. Со тоа Унијата може да си купи време. Сѐвкупно инструментите во буџетот не се доволно добро опремени. Земјите членки би можеле алтернативно да основаат заеднички фонд и од националните каси да плаќаат придонеси". Расмус Андерсен од Комисијата бара да не дозволува уцени.

Финансиски одлуки во ЕУ и натаму може да се носат само едногласно. Заобиколување на ова правило не е едноставен чин. Останатите 26 земји членки во принцип може да склучат меѓувладин договор заеднички да и` позајмат 18 милијарди евра на Украина. Но, тоа би значело дека сите ќе мора да преземат свој удел во гаранциите за позајмицата. Некои членки велат дека за такво нешто веќе немаат доволно простор во своите буџети. Други пак страхуваат од потешкотии во националните парламенти. Таква позајмица би била и поскапа и подолгорочна отколку во рамки на ЕУ. Заради тоа што постои временски притисок, Европската инвестициска банка би можела да влета со преоден кредит. Поедноставно би било за Украина да се користи прво резервата за итни случаи која преку алокации може да биде проширена и надвор од вообичаената буџетска рамка. Генерално ЕУ нема многу опции за такви итни потреби во своите договори, а недостигаат и казнени мерки за земји членки кои не се покорни.

Со оглед на постојаните руски напади, на Украина итно и` се потребни пари од ЕУ
Со оглед на постојаните руски напади, на Украина итно и` се потребни пари од ЕУФотографија: Gleb Garanish/REUTERS

Се бара „лош” компромис

Германија и Франција зад кулисите наводно се залагаат за компромис меѓу Комисијата и Унгарија. Нова процена на реформските чекори во Унгарија  би можела да ја тргне блокадата и да доведе до ослободување на средствата, барем така гласи предлогот на двете земји. Се страхува дека и нa претстојниот самит нема да има квалификувано мнозинство за одржување на санкциите против Унгарија во рамки на т.н.механизам за правна држава. Тоа би било драmатична бламажа и крај на обидот да им се постават граници на земјите членки.

Во групата хардлајнери спаѓа Холандија. „Кредибилитетот на ЕУ е на коцка” вели министерката за финансии на Холандија, Зигрид Каг, во слуöај да не биде дадена помош за Украина. Однесувањето на Унгарија го оценува како „повеќе од жално” и додава дека во земјата одамна е предалеку отидено со демонтирањето на правната држава. Холандија нема да гласа за ослободување на средствата за Будимпешта.

Времето истекува

Организации за човекови права под водство на антикорупциската невладина Транспаренси интернешнл сега апелираат до  Советот на министри на ЕУ да не се попушта пред Унгарија. „Во изминатата деценија унгарската влада ги стави под контрола судовите,ја минираше слободата на медиумите, демонизираше невладини групи и делумно ги криминализираше, ја скрати академската слобода, ги повреди правата на мигрантите, жените, ЛГБТ заедницата додека истовремено добиваше средства од ЕУ".

Организациите бараат Унгарија и натаму да остане под надзор и да се обезбеди „европски пари да се трошат за вистинска намена и да профитираат од нив унгарските граѓани наместо да служат за интересите на елитата и да се цементираат повредите на правото". ЕУ не смее да финансира влади кои постојано ги повредуваат нејзините права, се вели во заклучокот. Но, на двете страни им истекува времето: ЕУ во рок од неколку недели мора да ги организира средствата за Украина, а на Унгарија и` се заканува да и` пропаднат средствата од корона фондовите ако не ги добие до 19 декември годинава.