1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Проблемот Виктор Орбан: ЕУ самата си произведе чудовиште

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел
26 ноември 2022

ЕУ долго се колебаше и дозволуваше да биде мамена од Виктор Орбан, но сега конечно ги замрзна милијардите евра за Унгарија. Шефовите на држави и влади сега треба да го поддржат потегот, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/4K3Ik
Виктор Орбан Голема Унгарија
Виктор Орбан на Фејсбук со шал со мапа на Голема УнгаријаФотографија: facebook.com/orbanviktor

Како на сите самозаљубени луѓе, и на Виктор Орбан постојано му е потребно внимание. Неодамна тој околу вратот стави шал со карта на старото Големоунгарско царство. Јавно   им се восхитува и на Путиновите империјални соништа и на неговата војна во Украина. Веројатно сакаше да покаже дека и тој е владател на одамна пропадната империја. Соседните земји дозволуваат да бидат провоцирани и реагираат жестоко. Притоа, ова шоу е тотално смешно. 10-милионската Унгарија нема никого да нападне, а границите од 1922 година се дамнешно минато. Акцијата не е ништо друго освен чист нагон за самоистакнување: малата Унгарија сонува за големина – физичка и политичка. 

Конечно, по години беспомошни критики и бескрајни поплаки, Европската комисија, натерана од Европскиот парламент, сега реши привремено  да му ја запре славината со пари на Виктор Орбан. Околу 13 милијарди евра од структурните и Фондот за обнова од корона пандемијата се ставени под мраз, сѐ додека  Орбан сериозно не го спроведе опсежниот реформски каталог.  Во него спаѓа и стопирање на корупцијата при јавните тендери, повторно воспоставување независност на судството и многу други нешта. Виктор Орбан мора барем делумно да ја анулира разградбата на демократијата во својата земја. 

Досега тој даде неколку неодредени ветувања, но не спроведе вистински ниедно барање. Тоа на крајот може да го чини и губење на власта, зашто итно му се потребни парите од Брисел. Затоа, тој повторно реагира со уцена и се заканува со блокада на 18 милијарди евра помош за Украина. Истото важи и за глобалниот минимален данок и приемот на Финска и Шведска во НАТО, којшто тој досега без причини го пролонгира. Орбан повторно оди во ризик, но да се надеваме дека ЕУ овојпат ќе го разоткрие неговиот блеф.

ЕУ самата го потхрани овој монструм 

Повеќе од една деценија европските институции дозволуваа да бидат насамарувани од Унгарија. Тие набљудуваа како Орбан ја прекројуваше својата држава во „изборна автократија“, беа шокирани кога тој прогласи антилиберална демократија и не пружија никаков отпор кога тој ја укина слободата на медиумите, го стави правосудството под своја контрола и корупцијата ја подигна на државно рамниште. Одамна нема никакво сомневање дека Виктор Орбан ги гази т.н. европски вредности – демократијата и владеењето на правото и се исмева со нив. 

А притоа не се ни крие. Одвратниот антисемитизам во неговите изборни кампањи, отворениот расизам и јавно презентираната хомофобија на неговата политика, дискриминацијата на малцинствата и неистомислениците, сето тоа се одвива отворено и пред очите на сите. Европа премногу долго го толерираше и го сметаше за политички фолклор.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Познато е дека демохристијаните во Европскиот парламент се ковиновници, зашто со години го штитеа Орбан како еден од своите, вклучувајќи ја тука и поранешната германска канцеларка Меркел, која го третираше за еден од нејзините лесно поводливи пријатели во источна Европа. Во оваа сенка Орбан се претвори во заштитник на антидемократски, националистички и авторитарни сили во Европа. Негови најдобри пријатели се десничарските популисти во Франција, Италија или во Холандија. Од Герт Вилдерс до Матео Салвини, сите тие се закренуваа на аџилак во Будимпешта, за Орбан да ги прими во клубот на авторитарните претенденти на власт. До војната во Украина, и полската Партија на право и правда спаѓаше во најдобрите пријатели на Унгарија, но во меѓувреме односите се заладени.

Отпор во последна минута

Виктор Орбан ја финансираше неговата мала автократија со европски даночни пари и во текот на годините касираше  купишта милијарди од Брисел.  За тој самиот, неговото семејство и неговите политички пријатели да си ги наполнат џебовите. Зошто Европејците дозволуваа Виктор Орбан со години да ги прави будали? Во прашање беше мешавина од толеранција кон „посебниот источноевропски пат“ и страв од уцени кон кои Орбан прибегнуваше секогаш кога му се закануваше казна.

А решенија постојат. Или  членките на ЕУ конечно ќе се опаметат  и ќе му го одземат правото на глас на Орбан, или ќе најдат други решенија. На пример, со тоа што заклучоците ќе ги носат само во вид на меѓудржавни договори меѓу 26 земји, значи без Унгарија. Затоа постојат правници коишто можат да најдат излез од корсетот на Европските договори.

Ако Европа конечно не почне активно да ја брани својата демократија, тогаш ќе ја загуби. Курсот на новата италијанска десноекстремна премиерка е предупредување до сите чие мислење беше дека националистите и популистите во ЕУ не треба да се сфаќаат премногу сериозно. Виктор Орбан и неговата авторитарна демагогија се погрижија за тоа десноекстремните идеи да имаат повторно политичка конјунктура и да смеат да се доведат во прашање хуманистичките вредности. Унгарија ја затру водата и почвата на демократското заедништво во Европа и ги инфицираше со гнилеж. На потег се шефовите на држави или влади на нивниот самит во декември конечно самите да ја елиминираат оваа опасност во сопствените редови.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Бугарија протест ВМРО вето Македонија

Зошто во Бугарија пак ечи „Македонијаааа!“

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница