1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трасата за избори поизвесна од онаа за уставни измени

26 мај 2023

Побрзо од трасата на коридорските делници се проектираат плановите за претседателските и парламентарните избори, на кои секоја од страните на политичкиот спектар се надева на победа.

https://p.dw.com/p/4Rq18
Гласање за нов парламент е поизгледно отколку изгласувањето на уставните измени
Гласање за нов парламент е поизгледно отколку изгласувањето на уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Уставните измени и Договорот со „Бехтел и Енка“ остануваат двете стожерни теми на кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја гради критиката против актуелната власт. Но, во заднината на овој процес, побрзо од трасата на Коридорите се проектираат плановите за претседателските и парламентарните избори, на кои секоја од страните на политичкиот спектар се надева на победа. Извесно е дека партиите од актуелната владејачка коалиција на претседателските избори ќе се натпреваруваат со заеднички, консензуално договорен претседателски кандидат, сметајќи на изборна победа која потоа ќе им даде силен ветер во грбот и за парламентарните избори. Но, во калкулациите за парламентарните избори преовладуваат поинакви нијанси. Високи функционери од ДУИ велат дека било разговарано околу варијантата за заеднички изборен настап на сите партии во една европска коалиција, но оти СДСМ се изјасниле дека сакаат самостојно да настапат на изборите. Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, смета дека тоа е подобра варијанта за СДСМ, бидејќи спротивното може многу да и наштети.

„Мислам дека е подобро СДСМ да оди сама. Аргументите сме ги зборувале и со премиерот Ковачевски. Ако биде една европска коалиција, мислам дека тоа многу ќе и штети на СДСМ, затоа што тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат аргумент плус - цела кампања да водат за Албанците или за Македонците. Мислам дека може да и наштетиме на СДСМ“, рече Таравари на ТВ 21. 

СДСМ преферира самостојно да настапи на изборите
СДСМ преферира самостојно да настапи на изборитеФотографија: MAKFAX

Европските наспроти другите

ВМРО-ДПМНЕ смета на нејзина голема победа на парламентарните избори, а со оглед дека ДУИ во 2017 година го нарушила правилото за формирање коалициска влада според принципот „победникот во македонскиот блок со победникот во албанскиот блок", сега најголемата опозициска партија потенцијалните коалициски партнери ги гледа исклучиво во опозициските партии на Албанците.

Сомнеж - дали навистина може да смета на тоа, индиректно фрли Таравари, кој во блокот проевропски партии што може да бидат заедно - ја спомна и опозициската Беса.

„Албанските партии сите се проевропски, и може да се случи да бидат заедно Беса, Алијанса и ДУИ“, рече лидерот на Алијанса за Албанците.

Според извори од Мала Речица, во планираната постизборна коалиција покрај СДСМ, ДУИ и АА, се смета и на „четврта партија“, но во моментов не се обелоденуваат детали која би била таа. 

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија): Сите албански партии се проевропски
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија): Сите албански партии се проевропскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Сепак, на тие комбинаторики, но и на изборните тајминзи, во голема мера ќе влијае прашањето за уставните измени и исходот. Таравари се надева дека најголемата опозициска партија во последен момент ќе ги поддржи уставните измени.

„Било што да предложите како промена, ВМРО-ДПМНЕ ќе најде илјада аргументи зошто не треба. Целта е да се закочи процесот. А добар момент е ВМРО-ДПМНЕ да се покаже како конструктивен партнер и мислам дека сепак ќе го промени мислењето и дека во последен момент ќе ги поддржи уставните промени, можеби со некој услов за евентуално предвремени избори или нешто друго“, рече Таравари.

Од друга страна, пред влезот на АА во владејачката коалиција, се говореше дека еден од условите на таа партија бил парламентарните избори да се одржат во редовниот термин. Оттука, изјавата на Таравари може да сугерира одредена флексибилност по тоа прашање, ако успешно заврши процесот на уставни измени.

Ни во сегашнитот, ни во идниот парламент

Но, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека ниту еден пратеник во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот, освен ако власта го прифати хрватскиот модел на премубула, според кој Македонија би била национална држава на македонскиот народ. Ваквиот став уште еднаш го потврди потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју на ТВ Канал 5. Опозицискиот став дека „во овој парламентарен состав ќе нема уставни измени“, често беше проследуван со прашање - тогаш дали во следниот парламентарен состав ќе има уставни измени, доколку ВМРО-ДПМНЕ во него го има неопходното мнозинство?

Според Николоски, „под овие услови" тоа нема да се случи ни во сегашниот, ни во идниот парламентарен состав.

„Под овие услови не сме спремни да гласаме за промена на Уставот и доколку условите не се променат, ниту во овој ниту во следен парламентарен состав не сме спремни да го направиме тоа. Затоа што многу едноставно е прашањето, а тоа е - што добива Македонија, а што губи? Губи многу, добива малку“, вели Николоски. 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски истакнува дека партијата не е подготвена да гласа за уставни измени „под овие услови“
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски истакнува дека партијата не е подготвена да гласа за уставни измени „под овие услови“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, синоќа од теренските активности на партијата „Рамо до рамо, до победа“, од Ваташа упати порака до граѓаните.

„Мора да се бориме како народ, сите заедно, да опстоиме за нашата конечна кауза а тоа е да бидеме дел од Европа, но не Европа во формално правна смисла, туку суштински да донесеме вредности за квалитетен живот каков што го имаат Европјаните“, рече Зечевиќ.

Тој упати и отворена критика до опозицијата.  

„Па зарем тие што го лустрираа Славко Јаневски да ни кажуваат дека тие се големите патриоти? Коишто Блаже Конески го нарекуваа ‘џуџето од Небрегово'? Тие ли да ни држат денеска предавања за македонската историја и за учество на македонските социјалдемократи во неа? Затоа сме тука со вас, затоа говориме и ќе говориме, за да се направи јасна дистинкција, кои сме ние, а кои се тие. И немојте да го заборавите тоа никогаш“, порача Генералниот секретар на СДСМ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи