1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непремостливи разлики за уставните измени

ДТЗ
14 април 2023

Власта и опозицијата не постигнаа согласност за работната група, ниту за лидерската средба. „Не можеш со сила некого да натераш на муабет“, вели претседателот Стево Пендаровски.

https://p.dw.com/p/4PzpK
Собрание
Непремостливи разлики меѓу власта и опозицијата за уставните измениФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Во услови на непремостливи разлики меѓу власта и опозицијата околу уставните измени, коишто се услов за напредокот кон ЕУ, вниманието е насочено кон работната група која што ја формираше Министерството за правда, а која треба да започне со работа по велигденските празници. Деновиве дел од партиите и институциите номинираа свои кандидати, а наскоро се очекува да бидат објавени и имињата на експертите од академската фела од работната група за уставни измени.   

„Во текот на наредниот период тие ќе ги објават и експертите кои што се занимавале со уставната проблематика во пракса, по што ќе започне практичната работа на комисијата која треба да ги изработи амандманите, кои потоа ќе бидат доставени до Владата и ќе влезат во собраниска процедура“, изјави денеска на прес-конференција во Владата премиерот Димитар Ковачевски. Од владејачката партија тврдат дека и покрај цврстиот став на опозицијата дека нема да попушти за уставните измени, има функционери од ВМРО-ДПМНЕ коишто праќаат позитивни сигнали. 

„Нашите пратеници комуницираат со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Меѓутоа, добар дел од нив и од раководството на партијата, вклучително и еден скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, испраќаат позитивни пораки на различни средби и на средби со дипломати. Испраќаат позитивни пораки и на места, настани и во разговори со луѓе за кои претпоставувам дека знаат дека ќе стигнат до нас. Очекувам во одреден момент тие луѓе да истапат и јавно и да дадат поддршка“, вели потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, во интервју за неделникот „Фокус“. 

По Велигден - прв состанок

Работната група на Министерството за правда за уставните измени, со кои бугарската и други заедници треба да бидат вметнати во Преамбулата на највисокиот правен акт во државата, првиот состанок ќе го има по велигденските празници и ќе почне со формулирање на предлозите за измените за кои потоа ќе се отвори јавна дискусија,најави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. 

Во работната група ќе седнат само претставници од партиите кои се дел од власта, додека ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии одбија да се вклучат во процесот. Иако од власта повеќепати им порачаа дека опозицијата треба да биде дел од процесот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е дециден дека неговата партија нема да учествува во овој процес оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.

Членовите на работната група ќе треба да изнајдат начин како „рационално и најразумно да бидат предложени уставните измени“ за кои може да се добие двотретинско мнозинство во парламентот, односно  80 пратеници. Вицепремиерот за европски прашања е оптимист дека тоа може да се постигне, доколку „се држиме фокусирани на обврските од преговарачката рамка и од францускиот предлог“.

Димитар Ковачевски
Работната група ќе заседава по велигденските празници, се чека експертско решение за уставните измениФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, потсети дека опозицијата беше против членството во НАТО, но станавме членка на НАТО. „Беше против договорот со Фронтекс, беше против отпочнување на преговорите со ЕУ, а ние ги отпочнавме преговорите. Тие беа против преговарачката рамка, Собранието донесе заклучоци согласно преговарачката рамка така што останува на пратениците, а имаат демократски капацитет и визија да обезбедат европска иднина за граѓаните, бидејќи овде се работи за одлука за обезбедување на непречен процес за преговори со ЕУ и отворање на кластерите и доаѓање до следни одлуки за кои повторно е потребно двотретинско мнозинство се до финалното пристапување во Е“, порача Ковачевски.  

Партиите со различни желби

Партиите од албанскиот блок, кои не предложија свои претставници во работната група, застанаа на позиција дека за уставни измени е потребен консензус од сите партии. Дел од нив ги ставија на маса и своите желби и условувања во контекст на уставните измени. 

Лидерот на Беса, Билал Касами, порача дека не е против вметнувањето на Бугарите во Уставот, но дека тоа би го поддржале доколку биде променета и формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ се замени со „албански јазик“. Со сличен став излезе и фракцијата на ДУИ. „Огнените“ побараат столче во работната група за уставни измени.

Претседателот Стево Пендаровски на новинарско прашање за предлогот на некои партии за замена на формулацијата 20 проценти со албански јазик, рече дека тоа не му пречи. „Сум го кажал тоа многу пати и тоа едно, две-три години наназад, и тоа апсолутно не ми пречи и прв би поддржал бидејќи мислам дека тоа е природна, нормална работа. Зошто нечиј етнички идентитет, кој е јасен и неспорен за секого, би го криеле зад бројки“, рече шефот на државата при посетата на Тетово. 

Отворањето на Уставот поттикна дел од заедниците во земјата да побараат и тие да бидат внесени во Преамбулата. Покрај Бугарите, Хрватите и Црногорците, барања пристигнуваат и од Торбешите. Ковачевски вели дека за барањето на Македонците - муслимани да влезат во Уставот, ќе одлучува комисијата, бидејќи не се работи само за едно, туку за повеќе барања. 

Власта е децидна дека со додавање на други заедници во Уставот нема да се наруши унитарноста на државата.

Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски вели дека „не можеш со сила некого да натераш на муабет“. Фотографија: President of North Macedonia

Нема согласност ниту за лидерска средба

Покрај тоа што власта и опозицијата се на различен колосек за уставните измени, нема согласност ниту да се одржи лидерска средба. Претседателот Стево Пендаровски вели дека „не можеш со сила некого да натераш на муабет“. 

Тој смета дека во моментот нема согласност од сите политички чинители за да се одржи кај него средба, бидејќи се големи разликите околу ставовите за правење измените на Уставот.

„За средба мора да има согласност од двете, трите, петте претпоставени страни учеснички. Во овој момент нема таква согласност. Ако некој сака да разговараме за т.н. хрватски модел, другата страна вели таа работа сме ја решиле пред 20 и повеќе години. Ако првава страна вели да разговараме за Бугарите во Уставот, зошто да не, бидејќи тоа е главна претпоставка за да продолжиме кон Европа, другава страна вели не“, изјави Пендаровски денеска во Тетово.