Трамп објави апсење на осомничено лице за атентатот врз Кирк
12 септември 2025
Два дена по атентатот врз десничарскиот американски подкастер и активист Чарли Кирк, уапсен е осомничен. Ова го соопшти американскиот претседател Доналд Трамп. „Мислам дека го имаме“, изјави Трамп за телевизијата Фокс Њуз. Осомничениот се наоѓа во полициски притвор.
Според Трамп, лице блиско до уапсениот го пријавило осомничениот. Властите во САД го потврдија идентитетот на осомничениот за пукањето и убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк, како Тејлор Р.
Десно-конзервативен подкастер и поддржувач на Трамп
31-годишниот Кирк беше застрелан во средата (10 септември, 2025) за време на настан на еден универзитет во сојузната држава Јута. Тој важеше за еден од најпознатите десно-ориентирани активисти во САД. Имаше сопствен подкаст „The Charlie Kirk Show“, а милиони луѓе ги следеа неговите канали на социјалните медиуми и подкасти.
Тој, исто така, беше основач на организацијата „Turning Point USA“ (во превод: Пресвртна точка САД), која е активна во училиштата и на универзитетите и се залага за ширење на конзервативните ставови. Кирк беше поддржувач на Трамп и го поддржа за време на кампањите за претседателската функција.
Потрага со фотографии и видеа од осомничениот
Набргу по пукањето врз Кирк, ФБИ зборуваше за наводен целен напад. Според нив, сторителот пукал во Кирк од покрив, потоа скокнал долу и исчезнал во толпата. Истражителите претпоставуваат дека Кирк бил смртно ранет во вратот со само еден истрел од далечина од околу 180 метри.
На местото на настанот, истражителите успеале да обезбедат отпечаток од рака, а набргу потоа било пронајдено и наводното оружје. Според ФБИ, станува збор за „пушка со високи перформанси“. Вакво оружје се користи за лов или како снајперско оружје во војската. Еден ден по нападот, властите објавија фотографии и видео од осомничен, чиј идентитет не беше јавно објавен. Исто така, беше понудена награда од 100.000 американски долари (околу 85.000 евра) за информации што ќе доведат до апсење на сторителот. Истражителите добиле вкупно повеќе од 7.000 дојави.
Заднината на нападот сè уште е нејасна
По смртта на Кирк, Трамп нареди знамињата да се спуштат на половина копје и веќе најави дека најверојатно ќе присуствува на погребот. Ковчегот со телото на 31-годишникот беше пренесен во Аризона во присуство на потпретседателот Џ.Д. Венс и неговата сопруга.
Заднината на атентатот врз Кирк сè уште е целосно нејасна. Не е докажан ниту политички мотив. И покрај тоа, Трамп набргу по смртта на Кирк ја обвини политичката левица за нападот.