1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто никој не го спасува војникот Заев?

16 август 2019

Кој ја игра оваа голема игранка и како дојдовме во ситуација миленикот на Западот, кој со помош на странците, но и домашните криминалци, новинари и педери, дојде на власт, да биде оставен осамен?! Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3Nzz7
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Кутриот, нему сѐ му е јасно. Мора да вришти против новинари, криминалци, педери, пошто нешто од тоа што го плаши го осетил во себе. Сака да си се свиѓа, да си се лаже, да живее во култот што слугите му го градат, дека без него ќе сме биле сѐ уште заробени. Па има ли позаробени луѓе од тие што на овие логики слугуваат.

Си се свиѓа, сака да е нормалниот меѓу ненормалните, маж во свет на педери, среќен во земја на несреќни, богат во земја на сиромашни. Има нешто базично, рудиментално во тоа што не може да го сокрие немирот, да не го издаде криминалот за кој очигледно е свесен дека се случил.

Јебига, фатен со спуштени гаќи, му остана да вришти и да паѓа во хистерија, да бара непријатели, да глуми жртва, да биде вулгарен и демек мачо, новиот Заев.

Кога не сте господар на сопствената судбина

Оваа толку приметлива нервоза на нашиот премиер ја издава безизлезноста во која што се наоѓа Заев и фактот дека чувствува како работите му бегаат од рацете. А знаете ли кога работите ви бегаат од рацете?! Па, очигледно е: кога нештата и контролата врз ситуацијата не се повеќе во вашите раце. Кога не сте господар на сопствената судбина.

Кој ја игра оваа голема игранка со малечката Македонија, и како дојдовме во ситуација миленикот на Западот, човекот кој со помош на странците, но и домашните криминалци, новинари и педери, дојде на власт, да биде оставен вака осамен?! Очигледно е дека станува збор за нешто многу поголемо, што Заев сака да ни го прикаже како домашна завера, или барем домашно контролиран план за рушење на неговата влада.

Како што приметувате, дури ни наративот за судирот Запад-Исток, толку актуелен во времето пред потпишување на договорот за името со Грција, кој произведе и протерување на руски дипломати од двете земји, повеќе никаде го нема. Се обидоа накратко да го заменат со новата приказна за релациите  ВМРО-Орбан-Салвини,  но штосот во целата работа е што таа приказна некако не поминува, или барем не лепи, не наидува на факти и потврди во реалноста. Да појаснам, не дека јас лично не верувам дека меѓу европските десничари и суверенисти не постојат врски и интереси, тоа е и повеќе од очигледно. И не дека судирот Запад-Исток и целата хиперреалистичка сила на геополитиката одеднаш престанале да важат, но во оваа наша ситуација ударот врз власта е преголем, а одбраната од Западот речиси и никаде ја нема, додека пак и сама Москва е изненадувачки тивка во целата работа?! Зошто никој не го спасува војникот Заев?

Ако Американците преку три канали, три нивоа и во три наврати, и тоа преку Рикер, па Палмер, па конечно и новиот американски амбасадор ти повторуваат дека случајот „Рекет“ е огромен скандал кој бара итно решавање, тогаш тоа мене ми наликува дека никој надвор од македонската влада, одговорните не ги бара подалеку од нив, и дека очекува самите да го средат хаосот што го создале. Со други зборови, ми делува како Американците да процениле дека овој скандал, дури и по цена да ѝ наштети на власта или бутне еден премиер, не може трајно да им наштети на американските интереси, дека очигледно не може да биде мотив за промена на власта и тешко изградената политичка архитектура. Американците веројатно процениле дека поголема и подолгорочна штета би настанала со безусловна поддршка на Заев, отколку да дозволат клопчето на криминалот и врските со власта да се отплетка. Веројатно тоа го знае и Заев, па оттука и неговата разбирлива нервоза.

Е сега, ако големите ѕверки наводно спијат, или барем си дозволуваат релативно неутрална улога, значи ли тоа дека нема некои помали ѕверки кои ја водат игранката?!

Лутината на Вучиќ ни е добро позната

Веќе подолго време сме сведоци на една сериозна нервоза на Северот и на Истокот од нашата земја, две регионални сили кои заеднички или во судир една со другата, се борат за своите интереси на грбот или на штета на Македонија. Ако лутината на Вучиќ ни е добро позната, и ги влече своите корени уште од падот на режимот, нивната вплетканост со Живаљевиќ, потоа со нивните уништени врски и односи во јужната Бановина, тоа што повеќе изненадува е лутината на Софија и нивните политички претставници.

Новинарот Владо Апостолов во неговата последна колумна - Српски шмек на аферата „Рекет“, убаво го нотира актуелното однесување на Белград околу аферата, вмешаноста на Србија и нивната поддршка на Боки 13, а потоа и ги нагласува некои од можните причини за нивната иритација од српската советничка екипа вдомена кај Заев. Летово Заев им ги продолжил договорите на уште една година на Башановиќ, Обрадовиќ, Цветковиќ и Шубара кои земаат убави плати од македонските даночни обврзници. Би рекле дека самото ова би било доволна причина за нервоза кај официјален Белград. На ова може да се додаде и одлуката на македонскиот Кривичен суд за поранешниот војник на ОВК, Томор Морина, да не биде екстрадиран по барањето на Србија, нешто за што вицепремиерот Бујар Османи изврши јавен притисок врз правосудните органи, само доведувајќи ја позицијата на македонското судство до ново историско дно. Потоа, тука е и нескриеното пријателство на Заев со Харадинај, нешто што е лесна карта за првокација на линија Скопје-Приштина-Белград, особено ако се земе кочничарската улога на Харадинај во американскиот план за помирување и поделби на територии помеѓу Србија и Косово. Конечно, тука постои и еден иделошко-политички аспект кој Вучиќ го прави крајно иритантен кон Македонија. Фактот дека со падот на режимот пропаднаа голем дел од српските разузнавачки инсталации во Македонија, како и фактот дека по западното интегрирање на Македонија, Србија останува единствениот трн во окото на Западот на Балканот.

Со други зборови, Белград има илјада и една причина да биде непријателски настроен кон Македонија водена од Заев, и фактот што Вучиќ отворено му се заканува на нашиот премиер со понатамошни изненадувања, говори дека Србија нашла нови начини како да влијае врз Скопје. Се збори дека Вучиќ имал силен Тројански коњ пред носот на Заев, и дека некои дупли играчи се сериозно заплеткани или некого заплеткале во криминалната афера „Рекет“.

Секое пријателство има своја цена

Далеку понејасна е позицијата на Софија и на Борисов, со кои пред некоја недела ја прославивме двегодишнината од Договорот за добрососедство и заедно го чествувавме Илинден, додека се каравме за Гоце Делчев. Се прашувам, како е можно земјата со која потпишавме така сериозен и влијателен договор (особено по интересите на Македонија), каде на власт се истите луѓе со кои е потпишан договорот, односите одеднаш да се толку многу влошени.  Поради Камчев ?! Би било пренаивно да се мисли дека една сериозна држава ја ориентира својата политика според интересите на поединци. Поради Гоце Делчев?! Мислам дека тука сме нешто поблиску до вистината. А што викате поради Зоран Заев?! Е тука мислам дека сме најблиску до вистината. Колку што можам да разберам, нервозата на Борисов, Захариева и Каракачанов, не е кон историските личности, туку кон политичките чинители во оваа земја.  Борисов три пати се извини за време на Илинден,  но знаете, барем од филмови што сум гледал – кога некој премногу се извинува, како да сака да го потсети и домаќинот дека нешто заборавил, нешто ветил, а не исполнил, па ќе му извинат и за променетата на атмосфера во односите.

Други колумни од авторот: 

Револуција каква што не заслуживме!

Акциски план против лажни вести или лов на вештерки?!

„Рекет“ е шанса да завладее правда и Заев да освои нов мандат

Демек комедијанти, за демек сериозни

Политичката нервоза која Софија ја демонстрираше, серијата на интервјуа, па потоа благопријатната средба со Пендаровски кој ја запеа нивната песна, ми говори дека Бугарите очигледно добиле ветувања и гаранции, се разбира непишани, кои денеска тој што ги ветил нема храброст да ги исполни. Не се Бугарите глупави да викаат на цел глас како Гоце Делчев е Бугарин, ако некој не им ветил дека ќе биде Бугарин. Но, да не се лажеме, и државниците се луѓе од крв и месо и не живеат само од историја. По кулоарите се зборува за важни економски интереси кои биле договарани со Бугарија и кои денеска никаде ги нема. А се знае, во светот на бизнисот и политиката, кој не останал на договореното, ќе мора да плати, на еден или на друг начин. Секое пријателство има своја цена.

Стариот лисец Ахмети

Конечно доаѓаме и до еден важен домашен фактор кој ја има силината и на надворешен елемент. Деновиве Али Ахмети излезе со една интересна изјава, кога кажа дека коалицијата држи, но дека некои луѓе во ДУИ имаат силни предрасуди кон СДСМ. Мудар е стариот борец. Некои, некој друг, не тој лично, туку силите кои бараат нешто да му наплатат на Заев и кои ете тој ги смирувал. Ме потсетува ова на како Али ги смируваше „силите“ во ДУИ кои сакаа да му го видат тилот на Груевски, и денес се некако ми личи дека историјата се повторува. Случајот „Ел Чека“ сериозно ги има раздразнето борбените рангови во ДУИ, и нивните сомнежи не може да се насочени кон ниедна друга страна освен кон Заев, СДСМ и нивниот нов партиски претседател на комисијата за внатрешни работи. Ќе видиме, но стариот лисец Ахмети пратил во историја премногу крупни политички ѕверки без да излезе со некаква дамка. Можам да замислам каква е неговата душевна состојба сега кога е фрлена сериозна дамка врз него лично и врз неговата партија.

Толку е силата на ВМРО

Конечно ВМРО, мртвиот коњ за шутирање од страна на некогашните борци за правда и слобода. Се прашувам подолго време колкава е силата и реалните можности за ВМРО да биде главниот актер во оваа регионална рашомонијада. И реално, ми доаѓа да прснам од смеење. Убава им е приказната на СДСМ дека ВМРО е фактотумот, и можеби Мицкоски се подмочува од радост за незаслужената факторизација, но мислам дека реалноста тука не живее. Не дека ВМРО не се обидува, клоцаат и маваат под маса, нешто ситно од време на време ќе наштетат, во лоши тајминзи одат на лоши посети, само да си го подигнат влогот и тежината кои очигледно реално ги немаат. Нивна работа е да искористат што можат и опортунистички да профитираат од глупавоста на власта. Но, мислам дека ова ВМРО нема поголема сила од тоа да произведе по некоја очајна лажна вест и некоја уште поочајна пресконференција. Ако малку познавате нешто од партиските логики и интереси, тогаш не може да не сте забележале колку лошо и слабо ВМРО се снаоѓа во целиот скандал. Не дека не би можеле повеќе, но за жал оваа очајна и криминална опозиција не може да биде смртта за една власт фатена во криминал, ниту пак да биде нејзин наследник. Барем не во овој момент. Главниот проблем на ВМРО не е само минатиот криминал, туку нивната сметководителска позиција, таа медиокритетска судбина на јадникот кој единствено се грижи и калкулира како подобро да се договори со власта и да се спаси себеси од затвор или од стечај. Толку е силата на ВМРО и срамота е да ги правиме нешто што не се.

Поентата на крај ми е дека во оваа голема шпиунска игранка, никој од нашите домашни играчи не е сопственик на својата судбина. Големи сили се пуштени и како темки сенки играат со судбината на Македонија. А Македонија како Вајмар, само чека некој да пресече и да го зададе крајниот удар. Дали после тоа ќе дојде Уништувачот, рано е да се каже, но дека тоа ќе биде некој од внатре, засега делува мошне неверојатно.