1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Што може да научат нашите политичари од одисејата на Ципрас

26 ноември 2025

Штета што се бројат на прсти македонските политичари што пишуваат мемоари. Личните сведоштва на највисоките државни функционери на некој начин се и долг кон граѓаните. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/54Grw
Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас
Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас со порака во книгата насловена како „Итака“: никој не може да ти помогне ако не си помогнеш самиотФотографија: Ayhan Mehmet/Anadolu/picture alliance

Македонската јавност не сака многу споредби со други земји, но читајќи ги извадоците од политичките мемоари на поранешниот грчки премиер  Алексис Ципрас,  се наметнуваат споредби со овдешните политичари.  Моментите кои Ципрас ги споделува  со читателите и генерално со грчкиот аудиториум говорат за тоа како во политиката невозможното станува возможно, како еден премиер со минорно политичко искуство се носел со „волците“ од Брисел и како реториката во власт е различна од таа кога една партија била во опозиција.

Ципрас беше кратко време фактор во политиката на  Грција,  но поради политичките околности во државата која се најде среде ураган на должничката криза, тој остави силен печат врз земјата. Фактот што во решавањето на кризата во Грција беше непосредно инволвирана меѓународната заедница, му донесе на Ципрас важни искуства за тоа како функционира ЕУ и колкава може да биде себичноста на богатите земји кога се во прашање судбините на „маргинални“ држави. Најважната порака која произлегува од книгата на Ципрас симболично насловена како „Итака“ со асоцијација на митот за Одисеј кој по долго обиколување на нови места се враќа во својот дом на грчкиот остров, е дека  никој не може да ти помогне ако не си помогнеш самиот.

„Моите партиски другари немаа допир со реалноста“

Во политиката на нашата држава речиси и да не постоеше концепциски или идеолошки судир во партиите или во владите поради кој се растураа политички сојузништва. Кај нас сите внатрешни судири беа на лична основа или неисполнети амбиции. Ципрас, пак, сведочи како поради силни концепциски разлики уште на стартот морал да се раздели со неговиот партиски соборец министерот за финансии, Јанис Варуфакис. „Тој планираше издавање на привремена паралелна валута покрај еврото“, вели Ципрас. „Но јас категорично му ставив до знаење дека мојата стратегија не вклучува напуштање на европската заедничка валута“.

Варуфакис рекол дека нема да го напуштат еврото, и предложил на работниците и пензионерите да им бидат издавани ваучери наместо пензии и плати. „Не знаев дали да се смеам или да плачам, му реков дали си ти нормален, така нема да траеме ниту еден ден“, открива Ципрас во своите мемоари.

Пораката од оваа епизода е дека персоналните и политички сојузништва треба да траат само додека се конструктивни и се во интерес на државата, а не да опстојуваат труејќи го политичкиот амбиент и функционирањето на државата.

За да ја извлече својата земја од тешката криза, Ципрас морал да се раздели од уште еден близок соработник и министер кој исто така заговарал воведување на национална валута на Грција за да се избегне плаќањето на долговите кон меѓународните кредитори. „Тој беше очигледно на различна бранова должина. Видов дека некои мои партиски другари немаат допир со реалноста. Еден од нив беше и тој“, опишува Ципрас во книгата.

Читајќи ги овие сеќавања на некогашниот премиер на Грција човек не може да не се потсети дека кај нас партиското другарство е свето, и ако доаѓа до растурање на калимерата тоа се случува по паѓање од власт а не додека се уживаат привилегиите на власта. Во нашето политичко секојдневие компактноста е на највисоко ниво додека партиските другари се на државна функција без оглед дали добро ги вршат задачите што им се доверени.

Ципрас вели и дека сакал да ја спаси Грција од барањата на  ЕУ за време на  должничката криза. Тој ги сметал поставените услови за понижувачки за грчкиот народ.

Не сакав мојот народ да биде понижен, раскажува тој, од некои си бриселски службеници, технократи, кои мислеа дека Грција е еден вид експериментален глушец.

Путин го испратил кај Ангела Меркел

Поранешниот грчки премиер во својата книга раскажува и две мошне поучни епизоди за тоа како функционира европската и светската политика и како се одвива играта меѓу големите и малите. Првата е меѓу  Ципрас и рускиот претседател Путин  кого го замолил да и помогне на Грција со купување на државни записи во вредност од 200-300 милиони евра. Путин на тоа грубо му одговорил дека попрво тие пари би ги донирал на дом за сираци отколку да ги даде на Грција затоа што така ќе завршат во буре без дно. Но и го посоветувал да се држи до  Ангела Меркел  и да постигне договор со неа.

Во втората епизода Ципрас сведочи дека  тогашниот американски претседател Барак Обама   му се јавил да го извести дека дознал дека се формираат сили против Ципрас кои сакаат да не успеат преговорите меѓу Атина и ЕУ за излез од кризата и да го присилат грчкиот премиер да се откаже од еврото и да ја врати драхмата. Притоа Обама го посоветувал Ципрас да остане смирен и му рекол дека САД се со него и дека одблизу ги посматраат случувањата и тајно ќе интервенираат ако тоа друштво земе замав.

Двајца мажи во темни костуми се ракуваат - Барак Обама и Алексис Ципрас
Барак Обама го посоветувал Ципрас да остане смирен и му рекол дека САД се со негоФотографија: Getty Images/AFP/S. Pantzartzi

Зошто, ќе речете, ова политичко четиво е важно за Македонија?

Затоа што открива сведоштво за агонијата во која се најде еден народ чии водачи го лажеа за состојбата на економијата, страдањето кое уследи поради изнудените кратења на трошоците на кои беше приморана владата, улогата на ЕУ да ја врати Грција на нозе, и фактот што десет години подоцна овој наш сосед испишува нова поинаква историја. Поуките кои можат да се извлечат е дека енормната корупција може да го доведе народот до екстремна ситуација и дека лажните податоци за економска стабилност може да се скршат на грбот на граѓаните. Една од причините за должничката криза на Грција беа и долгогодишните лажни бројки за буџетскиот дефицит што Грција ги испраќаше во европските институции.

Штета што се бројат на прсти македонските политичари што пишуваат мемоари. Личните сведоштва на највисоките државни функционери на некој начин се и долг кон своите граѓани за подобро да ги разберат околностите под кои се носени важни политички одлуки и да разберат колку се важни личните карактери, капацитети и доблести за извршување на претседателска или премиерска функција.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар