1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Белградскиот печат секојдневно претчувствува војна со Косово, без да даде какви било проверливи индикации за тоа
Белградскиот печат секојдневно претчувствува војна со Косово, без да даде какви било проверливи индикации за тоаФотографија: Rüdiger Rossig/DW

Србија и Косово: Сабјите ѕвечкаат само во медиумите?

Немања Рујевиќ
17 август 2022

Може ли да дојде до ескалација во регионот по последниот судир на Косово и Србија околу правилата за патување?

https://www.dw.com/mk/srbija-i-kosovo-sabjite-zveckaat-samo-vo-mediumite/a-62818419

„Подготвува масакр на Косово“ - до овој наслов во српскиот таблоид „Информер“ пред неколку дена беше сликата на косовскиот премиер Албин Курти. Според весникот „Вечерње новости“, во игра биле дури и снајперисти - наводно сакале да ги елиминираат водечките политичари на српското малцинство на Косово.

Како овие два весника, речиси целиот белградски печат секојдневно претчувствува војна со соседно Косово, без да даде какви било проверливи индикации за тоа. Исклучок се неколкуте независни медиуми кои не се на узда на претседателот Александар Вучиќ.

Позадина: Тензиите меѓу Косово и Србија неодамна се зголемија откако косовската влада нареди нови прописи за патниците со српски лични документи и за возилата со српски регистарски таблички: Според ова, Србите при влез на Косово ќе треба да добиваат привремени косовски документи, а српските регистарски таблички при влегувањето во Косово ќе треба да се заменат со косовски за одреден временски период. Србија со години го прави тоа за косовските граѓани. Косовската влада затоа постојано инсистираше на она што е познато како „реципроцитет“, значи истите правила да важат за двете страни.

Се стравува дека Русија може да потпали

Мерките по кратко време повторно беа привремено прекинати. Сепак, оттогаш ситуацијата е крајно напната. Поради тоа, некои набљудувачи стравуваат дека постои реална закана од војна на Западен Балкан. Една од тезите е дека Русија би можела да ги искористи тензиите и да отвори страничен фронт преку својот традиционален сојузник Србија за да го оттргне вниманието од инвазијата на Украина.

Србија е единствениот кандидат за ЕУ ​​кој не учествува во санкциите против Москва. Оваа балканска земја ја осуди руската агресија и гласаше за резолуции против Русија во Обединетите нации. Но, претседателот Вучиќ, кој е единствен владетел десет години, продолжува да оди по јаже и да танцува меѓу Истокот и Западот.

Колку денес е реална нова војна онаму, каде што во 1990-тите крваво се распадна социјалистичка Југославија? И дали Србија всушност ризикува повторно да се судри со НАТО, иако западната алијанса сè уште е воено присутна во Косово и Босна, а земјите како Црна Гора и Хрватска се самите членки на Северноатлантската алијанса?

Кога мерките за личните документи и регистарските таблички беа воведени на почетокот на август, Србите поставија улични барикади во северно Косово (фото: блокада на пат во Рударе, 1.08.2022)
Кога мерките за личните документи и регистарските таблички беа воведени на почетокот на август, Србите поставија улични барикади во северно Косово (фото: блокада на пат во Рударе, 1.08.2022)Фотографија: Fatos Bytyci/REUTERS

Насекаде наводни опасности

„Политичките елити во овој регион профитираат од национализмот и за таа цел создаваат пресметани тензии“, вели Младен Лисанин од српскиот Институт за политички студии (ИПС). Ниту една страна не е заинтересирана за војна. Но, играњето со оган може да излезе од контрола во секое време, смета политикологот.

Навистина: од недела по недела српскиот печат предупредува на фатални опасности за Србите и Србија. Според она што се пишува, тие опасности понекогаш демнат во Хрватска, понекогаш во Босна и понекогаш во Црна Гора, но најмногу во Косово. Поранешната српска покраина ја прогласи својата независност во 2008 година, но владата во Белград продолжува да ја гледа како отцепена територија. Русија и Кина исто така не ја признаваат независноста. Од друга страна, Косово добива поддршка од Западот, иако пет членки на ЕУ не го признаваат како посебна држава.

За владата на Албин Курти, актуелниот спор околу личните документи и регистарски таблички е мерка која требаше да се донесе одамна, но за многу Срби тоа е огромна провокација. Кога мерките беа воведени на почетокот на август, Србите поставија улични барикади во северно Косово. Српската армија ја зголеми оперативната готовност, косовската страна испрати специјални полициски единици, а се слушнаа и неколку истрели. Тоа беше нова рунда на ѕвечкање со сабји која наскоро може да се повтори. Затоа што по привременото прекинување на мерките, владата на Курти сака конечно да ги воведе на почетокот на септември.

Вучиќ и Курти ќе се сретнат во четврток (18.08.2022) во Брисел, но очекувањата не се големи. Посредувањето на Европската Унија меѓу поранешните воени непријатели  во последните години донесе само многу слаби успеси.

Регионите на Косово каде што мнозинство се Срби се означени со сина боја
Регионите на Косово каде што мнозинство се Срби се означени со сина боја

Добрите односи на Србија со НАТО

„Кој и да дојде на идеја да нѐ нападне – ние ќе ја браниме Србија и, уште поважно, ќе победиме“, рече Вучиќ неодамна во еден говор. Претседателот, кој владее речиси неограничено, радо потенцира колку е силна армијата - и колку е голем неговиот удел во тоа.

Официјално Србија се смета за воено неутрална. Армијата во последните години редовно спроведуваше маневри со Русија, но и со земјите од НАТО. Во текот на изминатите две децении, армијата беше реструктуирана по западен урнек, а учествува и во НАТО-иницијативата „Партнерство за мир“. Соработката со НАТО функционира добро.

Повеќе не е можно. „Приклучување на Србија во НАТО останува целосно нереално, бидејќи мнозинството од гласачкото тело е против тоа. Тоа би било голем ризик за секоја политичка елита“, вели политикологот Лисанин.

Според анкетите, 80 до 90 отсто од Србите се против влез во НАТО. Траумата од бомбардирањето на НАТО во 1999 година е длабока и често се користи од страна на главните медиуми во Србија. Во тоа време, НАТО со својата воена интервенција сакаше да ги принуди српските вооружени сили на повлекување од Косово и, при бомбардирањето, ненамерно уби голем број српски и косовски цивили.

„Српските политичари се однесуваат лицемерно: преку булеварскиот печат постојано водат кампања против НАТО, а молчеливо ја прошируваат соработката со алијансата“, вели Маја Бјелош од белградскиот Центар за безбедносна политика (БЦБП). Но, добрата соработка со Србија и на Запад често се чува во тајност Бјелош.

​​Според анкетите, 80 до 90 отсто од Србите се против влез во НАТО
​​Според анкетите, 80 до 90 отсто од Србите се против влез во НАТОФотографија: vladimirnenezic/imago images

Косово и Србија: Никој не сака војна

Сепак, како и повеќето други експерти, Бјелош не верува дека ќе има нова војна. Политичарите на власт во регионот постојано симулираат кризи со цел веднаш потоа да ги смират и да се претстават како „фактори на стабилност“. Според Бјелош, ЕУ учествува во оваа политика на таканаречените „стабилократии“. Критичарите го обвинуваат Брисел дека со години посветува повеќе внимание на стабилноста отколку на демократијата во регионот.

„Затоа можеме да очекуваме тензии во регионот, но не и вооружени конфликти“, вели Бјелош. „Заедничкиот политички, дипломатски и воен одговор на Западот на руската инвазија, исто така, им покажува на балканските политичари каква ужасна цена би платиле доколку предизвикаат нешто слично.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Ковачевски македонското Собрание

Огнени кочии

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница