1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Протеран рускиот воен аташе поради шпионажа

АРД
22 јануари 2026

По апсењето на жена осомничена за шпионажа за руската тајна служба, германската влада реагира: рускиот надреден на осомничената шпионка, кој бил камуфлиран како дипломат, мора веднаш да ја напушти Германија.

https://p.dw.com/p/57DtV
Сојузниот суд на правдата во Карлсруе
Осомничената шпионка треба да биде изведена пред истражниот судија на Сојузниот суд на правдата во КарлсруеФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

По апсењето на осомничена руска шпионка со германско и украинско државјанство, германската влада го повикала на разговор рускиот амбасадор во Берлин. Министерството за надворешни работи во четврток објави дека амбасадорот бил информиран оти друг осомничен во случајот, кој „шпионирал во име на Русија“, е протеран. Според информациите добиени од „Дер Шпигел“, протераното лице е лицето кое соработувало со осомничената шпионка, заменик-воениот аташе во амбасадата.

Германската Украинка Илона В. вчера беше уапсена во Берлин од страна на германската сојузна полиција (БКА). Сојузниот генерален обвинител смета дека има силна основа за обвинение за шпионажа во Германија во име на руската воена разузнавачка служба, ГРУ. Се наведува дека за таа цел Илона В. била во контакт со раководител акредитиран како воено аташе во руската амбасада во Берлин. Според сојузното обвинителство, таа конкретно се товари дека најдоцна од крајот на 2023 година за аташето прибирала информации за учесници во политички настани на високо ниво. Освен тоа, наводно му овозможила на нејзиниот руски раководител со лажен идентитет да учествува и самиот на такви настани. Понатаму се тврди дека се распрашувала и пренесувала информации во врска со локациите на производители на оружје, тестови со беспилотни летала и планирани испораки на беспилотни летала во Украина.

Претреси кај поранешни вработени на министерството за одбрана

Пикантно во контекстов е дека Илона В. наводно била во контакт со двајца поранешни вработени во Сојузното министерство за одбрана. И тие важат за осомничени. Претреси биле спроведени и во нивните домови, но тие не биле уапсени. Според информации на главната редакција на АРД во Берлин и на СВР од владини кругови, едниот од мажите е поранешен директор во Сојузното министерство за одбрана, кој службата ја напуштил уште пред 15 години.

Германија Кенигс Вустерхаузен 2026 | Апсење на осомничени поддржувачи на проруски групи од страна на службеници на БКА
Службеници на Сојузната криминалистичка полиција при претрес на куќа во Кенигс Вустерхаузен во БранденбургФотографија: Sven Kaeuler/dpa/picture alliance

Другиот очигледно е офицер во германската војска кој неодамна бил пензиониран. Во времето кога се појавиле сомнежи, наводно сè уште бил вработен во Бундесверот. Двајцата осомничени се обвинети за пренесување службени информации и користење на нивните контакти во Бундесверот. Сепак, останува нејасно дали двајцата мажи биле свесни дека информациите се наменети за  руската разузнавачка служба.

Добри контакти во политичката сцена во Берлин

Илона В. е претседателка на активно „сојузно здружение“ со седиште во Берлин, чие име е познато на редакцијата на АРД и СВР. Според сопствени наводи на осомничената, здружението како чадор за „бинационални здруженија“ се залага за разбирање меѓу народите. Во одборот има и поранешна пратеничка од СПД и прочуен бизнисмен. И поранешниот директор на Сојузното министерство за одбрана е исто така во извршниот одбор на здружението. На фотографии од настаните организирани од здружението се гледаат личности од политичката сцена во Берлин. Илона В. првично се нашла под лупа на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок,  домашната разузнавачка агенција  за антишпионажа. Вклучена била и воената тајна служба.

Апсења и во друга истрага

Сојузното обвинителство информираше за уште една истрага за сосема други дејствија, кои исто така  имаат врска и со Русија  и со руската агресорска  војна против Украина.  Во Даме Шпревалд и Меркиш-Одерланд во Бранденбург, двајца мажи се уапсени поради сомнежи за поддршка на терористичко здружение. Станува збор за рускиот државјанин Сурен А. и германскиот државјанин Фалко Х. Апсењата произлегле од истрагата за здружението „Мост на мирот – помош за жртвите на војната“ со седиште во Вандлиц. Зграда во сопственост на здружението уште минатиот мај била предмет на претрес од властите.

Станува збор за помош за „народните републики“ Луганск и Доњецк

Конкретно, здружението се товари дека ги поддржувало руските паравојски во т.н. „народни републики“ Луганск и  Доњецк  на истокот на Украина, кои беа анектирани од Русија и кои германското сојузно обвинителство ги смета за терористички организации, поради што мажите се товарат за поддршка на терористичка организација. Сурен А. пренасочил 14 илјади евра од средствата на здружението за „народните републики“ и организирал транспорт на стока за паравојските. Фалко Х. пак повеќекратно патувал во регионот и прифаќал нарачки за испорака и помагал во дистрибуцијата на стоки на лице место. Двајцата обвинети денеска ќе бидат изведени пред истражниот судија на Сојузниот кривичен суд на  Германија.

Автори: Михаел Гетшенберг и Холгер Шмит, АРД