САД забрануваат визи за европски активисти
24 декември 2025
Администрацијата на Доналд Трамп воведе санкции против пет европски активисти кои се борат против говорот на омраза на интернет. За Трамп, таквото ангажирање е еднакво на цензура.
Зошто САД санкционираат европски претставници?
Меѓу санкционираните се и и поранешниот еврокомесар Тиери Бретон и две германски активистки. Тие се обвинети дека учествувале во цензура на американски онлајн платформи, соопшти министерот за надворешни работи Марко Рубио. Тој вели дека петте лица за кои е воведена забрана за визи презеле организирани напори да ги принудат американските платформи да цензурираат американски ставови кои тие ги одбиваат, да им одземат извори на приходи и да ги потиснат.
Мерката е дел од кампања на американската влада против Законот за дигитални услуги (Digital Services Act, DSA) на Европската Унија. Вашингтон ја обвинува ЕУ дека со законот ја потиснува слободата на изразување и наметнува трошоци на американските технолошки компании.
Забраните за визи следат по објавувањето на Националната стратегија за безбедност на владата на САД. Во неа се наведува дека европските политичари ја цензурираат слободата на изразување и ризикуваат цивилизациско уништување на континентот.
Кои се засегнатите личности и организации?
Најпознато засегнато лице е поранешниот француски менаџер Тиери Бретон, кој од 2019 до 2024 година беше еврокомесар за внатрешен пазар. Американската заменик-државна секретарка за јавна дипломатија, Сара Роџерс, на платформата X напиша дека Бретон е еден од идејните творци на ДСА.
Покрај него, засегнати се и Имран Ахмед, британски директор на американскиот Центар за борба против дигитална омраза (Center for Countering Digital Hate), како и основачките на германската организација HateAid, Ана-Лена фон Ходенберг и Јозефине Балон.
Петтата личност е Клер Мелфорд, коосновачка на Global Disinformation Index (ГДИ).
Реакции од Европа на забраните за визи
Ходенберг и Балон во изјава потенцираа дека забраните за визи се обид да се попречи спроведувањето на европското право кај американските компании кои работат во Европа.
„Нема да дозволиме да нè заплаши влада која користи обвинувања за цензура за да ги замолчи оние кои се залагаат за човекови права и слобода на изразување“, порачаа тие.
Портпарол на ГДИ го критикуваше потегот на САД како неморален, незаконски и неамерикански, нарекувајќи го авторитарен напад врз слободата на изразување. Мелфорд во 2024 година изјави дека го коосновала ГДИ со цел да го разурне бизнис моделот на штетни онлајн содржини.