Разговор Путин-Трамп за времен прекин на огнот во Украина
30 април 2026
Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на САД, Доналд Трамп, разговарале телефонски за времен прекин на огнот во војната во Украина. Путин бил подготвен за пауза на огнот за време на одбележувањето на годишнината од крајот на Втората светска војна, изјави надворешнополитичкиот советник на шефот на Кремљ, Јуриј Ушаков. Русија традиционално ја слави победата над нацистичка Германија во Втората светска војна на 9 мај.
Ушаков изјави и дека разговорот бил отворен и деловен и дека се одржал на руска иницијатива. Трамп во Белата куќа изјави дека во „долг“ и „добар“ разговор му сугерирал на Путин воспоставување примирје – „и мислам дека тој би можел да го направи тоа“.
На прашање дали побрзо ќе заврши војната со Иран или руската војна против Украина, одговорот на Трамп во Овалната соба беше: „Не знам“. Можно е, рече тој, војните да се одвиваат во сличен временски распоред. „Мислам дека Украина е воено поразена“, изјави Трамп. Сепак, остана нејасно дали тој навистина мислел на Украина. Неговите следни реченици укажуваат на тоа дека можеби ја помешал земјата со Иран, бидејќи во нив зборува за 159 онеспособени бродови – бројка што САД ја наведуваат за уништените или оштетените бродови на Иран.
Седумдесет и деветгодишниот Трамп во своите говори и изјави постојано меша факти, личности и држави. Неколку опозициски демократи неодамна побараа тој да биде разрешен од функцијата поради неспособност за вршење на должноста.
Во врска со Путин, американскиот претседател нагласи дека смета оти шефот на Кремљ уште пред извесно време бил подготвен да постигне договор. „Мислам дека некои луѓе му го направија тешко склучувањето договор.“ Трамп повеќепати ја менуваше својата политика во врска со војната во Украина, но постојано привлекува внимание со ставови блиски до Русија.
Москва сака да ги постигне воените цели
Од Москва беше соопштено дека Путин му го изложил на Трамп своето гледање на состојбата на фронтот и го обвинил Киев за терор и напади врз цивилни цели. Според тие наводи, шефот на Кремљ повторно инсистирал на руските воени цели, но посочил дека би претпочитал тие да се постигнат преку преговори.
Украина, како дел од својот одбранбен напор, систематски и во последно време сè поуспешно ја става под удар руската нафтена индустрија, која е важна за финансирањето на агресорската војна на Москва. При руските напади во Украина речиси секојдневно гинат цивили, се уништуваат станбени објекти и инфраструктура која е од витално значење за населението.
Минатата година имаше тридневно примирје за време на одбележувањето на годишнината од крајот на Втората светска војна. Досегае повеќепати имаше обиди за временски ограничени прекини на огнот во руската агресорска војна која трае повеќе од четири години, при што двете страни меѓусебно се обвинуваа за прекршувања – последен пат за време на православниот Велигден.