1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Над 20 загинати во Киев по руските напади

ЖА /АРД
15 мај 2026

Се зголемува бројот на жртви по најновите руските напади врз Киев – над 20, вклучувајќи три деца. Претседателот Зеленски повикува на нови санкции против Москва.

https://p.dw.com/p/5DmS1
Спасувачи покрај погодената станбена зграда во Киев по руски воздушен напад
Русија изврши масивен напад со ракети и беспилотни летала врз украинските градови трет ден по ред, а најновите напади погодија станбен комплекс во КиевФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Бројот на жртви по најновиот бран руски напади врз украинската престолнина Киев се искачи на најмалку 21 лице, според најновите информации. Украинските медиуми јавуваат дека дополнително се водат како исчезнати уште 17 лица, кои се наоѓале во урнатините на уништен станбен блок. Десетици повредени се на лекување.

Претходно, во четврток вечерта, властите во Киев информираа за 16 загинати. Русија ја нападна милионската метропола и други градови со стотици дронови, ракети и крстосувачки проектили.

Киев во жалост по најтешките напади

Нападот врз Киев се оценува како исклучително силен, дури и во контекст на  војната  што трае четири години. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, го прогласи денешниот петок за ден на жалост.

Уште во средата, Русија изведе една од најжестоките и најдолготрајни воздушни офанзиви од почетокот на војната во февруари 2022 година, при што биле искористени повеќе од 800 дронови.

Според украинските власти, во најновите напади  биле оштетени десетици станбени објекти ширум земјата. Силно погодени се и околината на Киев, како и регионите Харкив и Одеса.

Обвинувања за ескалација и повици за санкции

Германскиот канцелар Фридрих Мерц во четврток вечерта објави на платформата X дека најтешките руски напади во последно време покажуваат дека Москва се определува за ескалација наместо за преговори. Тој додаде дека Киев и неговите партнери се подготвени за  преговори за праведен мир, но Русија продолжува со воените дејства.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара построги и поболни санкции против Русија. Тој посочи дека во зграда во Киев погодила ракета од типот Х-101, произведена во вториот квартал оваа година, што, како што нагласи, укажува дека Русија и натаму набавува неопходни компоненти и ги заобиколува глобалните санкции.

Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха оцени дека силните руски напади, кои се случуваат во период кога американскиот претседател Доналд Трамп е во посета на Кина, покажуваат дека Москва има намера да ја продолжи војната и покрај мировните напори на Вашингтон.

Тој повика на зголемен меѓународен притисок врз рускиот претседател Владимир Путин, оценувајќи дека САД и Кина имаат доволно влијание врз Москва за да ја запрат војната.

Русија пријавува украински напад

Во меѓувреме, руските власти соопштија дека украински беспилотни летала ја нападнале западноруската градска област Рјазањ. Според гувернерот на регионот, Павел Малков, во нападот загинале три лица.

Во нападот биле оштетени повеќекатни згради и едно индустриско претпријатие.