1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиМјанмар

Повеќе од 1.000 мртви по земјотресот во Мјанмар

ЖА
29 март 2025

Билансот на загинати во земјотресот во Мјанмар се искачи на повеќе од 1.000. Жртви има и во Тајланд. Според проценката на американската служба за следење на земјотреси, бројот на мртви би можел да изнесува илјадници.

https://p.dw.com/p/4sRWF
Земјотрес во Мјанмар
Повеќе од 1.000 мртви по земјотресот во Мјанмар, урнати бројни згради Фотографија: STR/AFP

Воената влада на Мјанмар во саботата објави дека во земјотресот загинале 1.002 лица, а 2.376 се повредени. Водачот на воената хунта Мин Аунг Хлаинг нареди итна операција за спасување во погодените области. Вонредна состојба е прогласена во многу делови на земјата, вклучително и главниот град Најпидау, Мандалеј, како и шест региони и сојузни држави, објави државната телевизија МРТВ.

Земјотрес во Мјанмар
Огромни штети од земјотресот во Најпидау, главниот град на МјанмарФотографија: The Myanmar Military True News Information Team/AP/dpa/picture alliance

Од воениот удар во 2021 година, Мјанмар,  поранешна Бурма, е зафатен од насилство и хаос. Различни бунтовнички групи водат делумно успешни битки против армијата. Поради ова, од многу делови на земјата доаѓаат само малку или никакви информации за размерите на штетите и за бројот на жртвите.

Опасност од пукање на брани

Во некои делови на Мјанмар,  разорните ефекти од земјотресот  станале брзо видливи. Се урнала џамија во Мандалеј, при што загинале десет лица, според извештајот на државната новинска агенција Кит Тит Медиа. Во градот Таунг најмалку пет лица ги загубиле животите кога се урнал манастирот во кој биле сместени раселени лица. Исто така, во хотел во Аунг Бан, во близина на епицентарот, многу луѓе се заробени под урнатините.

Земјотрес во Мјанмар
Оштетен будистички храм во земјотресот во Мандалај, МјанмарФотографија: Aung Shine Oo/AP/picture alliance

Покрај оштетените патишта и урнати згради, постои и опасност браните вдолж реката Иравади да бидат оштетени и да попуштат, предупреди Црвениот крст на Мјанмар. Реката Иравади претставува  клучна животна артерија на земјата.

Погодени се и соседните земји, се урна висококатница во Банкок

Земјотресот се случи во петокот во раните попладневни часови по локално време. Епицентарот на земјотресот бил во близина на вториот по големина град во Мјанмар, Мандалај.

Според германскиот центар за геонауки Хелмхолц и американската служба за следење земјотреси (УСГС), земјотресот бил со јачина од 7,7 степени. Дванаесет минути подоцна следел втор земјотрес со јачина од 6,4 степени. Фокусот на земјотресот бил на длабочина од само десет километри.

Земјотрес Тајланд
Спасувачките екипи се обидуваат да допрат до затрупаните во урнатата висосокатница во Банкок, ТајландФотографија: Athit Perawongmetha/REUTERS

Земјотресот го погоди и соседен Тајланд.  Во главниот град Бангкок поради земјотресот се урна недовршена зграда од 30 ката. Спасувачките екипи сѐ уште трагаат по преживеани.

Според тајландското Министерство за одбрана, повеќе од 100 лица сѐ уште се водат како исчезнати. Има различни извештаи за бројот на загинати и исчезнати. Медиумите јавуваат дека во Бангкок досега се извлечени телата на десет жртви, а официјално се потврдени три смртни случаи.ѕ

Земјотрес Тајланд
Снимка од воздух на урната висосокатница во БанкокФотографија: AFP/Getty Images

Потресите се почувствувани и во делови од Кина, Индија и Бангладеш. Во Кина особено е погодена провинцијата Јунан, која се граничи со Мјанмар, објави кинеската државна телевизија. Меѓу загрозените места се и поголемиот град Кунминг, како и туристичките дестинации Лиџијанг и Дали.

Меѓународна помош

Европската унија  ја активираше сателитската услуга Коперник и ги додели првите 2,5 милиони евра за итна помош. Како што најавија од Европската комисија, поддршката на сателитската услуга ќе овозможи подобра проценка на последиците од земјотресот.

Земјотрес во Мјанмар
Повеќе земји најавија испраќање помош по земјотресот во Мјанмар Фотографија: Aung Shine Oo/AP/picture alliance

Помош најави и американскиот претседател  Доналд Трамп.  Портпаролката на Стејт департментот  изјави дека одговорот  на САД  на земјотресот ќе зависи од барањата за помош и извештаите од теренот. Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) има тим од експерти за катастрофи кои можат веднаш да реагираат во итни ситуации, додаде таа, нагласувајќи дека неодамнешните буџетски ограничувања не ја загрозиле способноста на УСАИД да одговори на такви кризи.

Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Службата за техничка помош веќе ги разгледува можностите да обезбеди поддршка на терен.

Светската здравствена организација (СЗО) го активираше својот систем за управување со катастрофи и подготвува испорака на хуманитарна помош.