По изборниот пораз на Виктор Орбан: Што планира Петер Маѓар?
16 април 2026
Во Унгарија еуфоријата по изборниот пораз на Виктор Орбан е огромна. Земјата, по крајот на комунистичката диктатура во 1989/90 година, се наоѓа пред својата втора системска промена. Победникот на изборите Петер Маѓар вели дека сега целта е да се „урне системот на Орбан“ и Унгарија повторно да стане „нормална, почитувана земја“ во Европа.
Како Маѓар планира да го постигне тоа? Што е со неговиот имиџ дека во некои работи малку се разликува од Фидес? ДВ одговара на најважните прашања.
Каде стои Петер Маѓар политички?
Маѓар се опишува самиот како конзервативец и десничар. Тој ја отфрла етикетата либерално-конзервативен, но се дистанцира од терминот „патриот“ како што го користи Орбан. Тој е проевропски ориентиран и се изјаснува и против преголемо влијание на ЕУ врз националната политика и против „суверенизмот“ на Орбан. Неговиот говор често е полемичен и остар, но е далеку од популизмот на Орбан.
Како ќе го искористи Маѓар двотретинското мнозинство?
Маѓар ветува враќање на контролата над власта и механизми на баланс, како и повторно воспоставување на Унгарија како демократска правна држава. Тој сака нов устав, бидејќи сегашниот содржи пропагандни елементи и механизми за одржување на власта на Орбан. Во новиот устав ќе има ограничувања, како максимум два мандата за премиер.
Маѓар сака да го реформира изборниот закон, да ја намали екстремната централизација на државата и да ја врати автономијата на универзитетите. Судството треба да стане понезависно, иако нема конкретен план за правосудна реформа. Дел од овластувањата како премиер ќе ги пренесе на други - на пример контролата врз тајните служби треба повторно да биде во рацете на Министерствотоо за внатрешни работи.
Како ќе се бори против корупцијата?
Владата ќе формира антикорупциска агенција и институција за враќање на имот. Ќе се испитуваат јавни набавки над 25 милиони евра. Унгарија ќе се приклучи и на Европското јавно обвинителство, а обвинителството ќе стане понезависно. Маѓар ветува строга борба против корупцијата и истраги за последните 16 години, во кои премиер беше Орбан.
Какви ќе бидат односите со ЕУ?
Маѓар ја гледа Унгарија како цврсто дел од Европа и ветува дека ќе биде доверлив партнер на ЕУ и НАТО. Но, тој вели и дека ќе има „дебати за националните интереси“. Сепак, Унгарија ќе биде „конструктивен партнер“ во Брисел. Маѓар планира и влез во еврозоната, но нема конкретен датум за тоа.
Што мисли Маѓар за миграцијата?
Новата влада на унгарската партија Тиса има намера да ја продолжи строгата антимиграциска политика на Орбан и да ги задржи граничните утврдувања во јужна Унгарија. Сепак, Маѓар се залага за паневропско решение и ветува дека нема да го искористи прашањето за анти-ЕУ пропаганда или за домашни политички цели. Тој сè уште не презентирал никакви конкретни предлози во врска со миграциската политика на ЕУ. Маѓар, исто така, ветува дека ќе го запре регрутирањето работници од земји кои не се членки на ЕУ - потег што би можел да се покаже како проблематичен со оглед на недостигот на работна сила во земјата.
Какви се односите со Украина?
Поради екстремната антиукраинска пропаганда на Орбан и обвинувањата дека Тиса е украински проект, Маѓар има внимателен став кон Украина. Поддржува нормализација на односите, но не и забрзана интеграција во ЕУ. Исто како Орбан, и Маѓар не поддржува учество на Унгарија во кредитниот пакет за Украина, но го критикува ветото на Орбан против заемот.
Маѓар сè уште не се изјаснил експлицитно дека има намера да го поништи ветото на Орбан. Тој се спротивставува на какво било мировно решение за Украина без нејзина согласност. Суверенитетот на Украина и нејзините граници според меѓународното право се неповредливи, тврди тој. Исто така, вели дека мора јасно да се дефинира кој е агресор, а кој жртва во војната.
Какви се односите со Русија?
Маѓар ја нарекува владата на Орбан „марионета на Кремљ“. За време на изборната кампања, гласачите на Тиса постојано го скандираа слоганот „Русите надвор!“. Унгарија има намера да преземе строги мерки против руското влијание во Унгарија. Според Маѓар, Унгарија планира значително да ги диверзифицира своите енергетски извори во иднина, но нема целосно да се одвои од увозот на руска енергија.
Маѓар ќе ги преиспита договорите со Русија, вклучително и нејавниот договор за проширување на нуклеарната централа Пакш. Маѓар рече дека доколку рускиот диктатор Владимир Путин му се јави, тој ќе побара да ја прекине војната против Украина. Откако ќе заврши војната, Европа би можела да ги нормализира своите односи со Москва.
Какви се односите со САД?
Маѓар ги гледа САД како важен партнер, но односите со Доналд Трамп веројатно ќе бидат ладни поради неговата поддршка за Орбан.
Маѓар вели дека засега не гледа причина да разговара со Трамп по телефон. Сепак, го поканува да присуствува на прославата на 70-годишнината од револуцијата од 1956 година во Будимпешта во октомври.
Колку е важна Централна Европа?
Маѓар сака силна соработка со Полска, Чешка, Словачка и Австрија и проширување на регионалната соработка. Тој смета дека е пожелно проширување на Вишеградската соработка со вклучување на Словенија, Хрватска и Романија. Централна Европа треба да биде силен столб во ЕУ, смета тој. Особено важни за Маѓар се односите со Полска, каде ќе го реализира своето прво патување во странство.
Што ќе се случи со „ВИП-бегалците“ на Орбан?
Во текот на владеењето на Орбан, неколку политичари од Централна и Југоисточна Европа добија азил во Унгарија, вклучително поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро. Унгарија ќе ги екстрадира во нивните земји на потекло доколку веќе не заминале, објави Маѓар.