1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

Осуммина загинати во пад на бомбардер Б-52 во САД

СН/агенции
16 јуни 2026

По падот на огромниот бомбардер на американските воздухопловни сили во Калифорнија, многу работи сè уште се нејасни. Сите осум членови на екипажот загинаа во несреќата.

https://p.dw.com/p/5FTp8
Чад се крева над место на кое паднал авион од типот Б-52
Авионот бил на рутинска тест мисија кога се урнаФотографија: KABC/REUTERS

Несреќата се случи кратко по полетувањето на американскиот авион бомбардер со долг дострел, соопшти воздухопловната база Едвардс еар форс во сојузната држава Калифорнија. Спасувачките екипи веднаш излегоа на местото на настанот. Сите осум членови на екипажот загинаа во падот на авионот. 

Тоа е „страшна трагедија во која изгубивме осум извонредни Американци“, рече полковникот Џејмс Хејс на прес-конференција. Откако ќе се известат семејствата на жртвите ќе можат да се дадат повеќе детали за загинатите. Како што објави производителот на авиони Боинг, две од жртвите биле вработени во оваа американска компанија. 

Според Хејс, новиот радарски систем требало да биде тестиран за време на летот во доцните утрински часови во понеделникот (локално време). Авионот полетал, а кусо потоа се урнал и се запалил. „Во овој момент немаме никакви индикации за причината“, рече Хејс. Истражна комисија ќе го испита случајот, по што ќе се одлучи кои информации ќе бидат објавени во јавноста.

Аеродромот служи како тест-полигон

Авионите Боинг Б-52 се бомбардери со долг дострел на американските воздухопловни сили, познати и како „Стратофортрес“ (тврдина во стратосферата). Тие обично имаат екипаж од пет лица и можат да носат и конвенционални бомби и нуклеарно оружје.

Воздухопловната база Едвардс се наоѓа околу 100 километри северно од Лос Анџелес во пустината Мохаве. Меѓу другото, служи како тест-полигон за армијата. Во минатото, САД оттаму тестирале, меѓу другото, беспилотни летала со ниска видливост и авиони кои достигнуваат шест пати поголема брзина од брзината на звукот.

Чад се крева над огромна црна дамка на тлото каде што се остатоците од урнат авион од типот Б-52
Воздухопловната база се наоѓа во ненаселена област северно од Лос АнџелесФотографија: KABC/AP Photo/dpa/picture alliance

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, изрази сочувство до семејствата на жртвите и вработените. Тој нагласи дека е „благодарен на сите кои први реагирале и на спасувачки екипи кои моментално се на терен“.

Б-52 користен во војната со Иран

Повеќе од 60 години, Б-52 е 'рбетот на американската флота бомбардери. Наменет е за нуклеарно одвраќање, но во поново време повторно се користише во нападите врз Иран. Една од причините е тоа што може да носи особено тешки бомби за разбивање бункери.