Обвинувања и навреди во Собранието за криминал и кодошење
29 септември 2022Стрели со сериозни навреди и обвинувања пролетаа денеска низ собраниската сала, каде што министрите одговараа на пратеничките прашања. На удар се најде премиерот Димитар Ковачевски кој беше обвинет од пратеникот Драган Ковачки од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за дезертерство и трајна неспособностпоради неговото избегнување на воениот рок во 2001 година. Ковачевски од собраниската говорница остро му возврати на Ковачки обвинувајќи го дека е кодош и дезертер, „мизерија, беда и срамота“, човек којшто ја кодошел сопствената држава. Тој пак, му возврати дека е „марионета, пион донесен на позицијата, лажоман и трајно неспособно лице“. „Кој е кодош времето ќе покаже“, порача тој.
Сериозни обвинувања
Во екот на енергетската и економската криза, во Собранието денеска се разви жестока дебата - но не за мерките во пресрет на зимата, туку за воена афера која што ВМРО-ДПМНЕ ја форсира како главна тема изминативе неколку недели.
Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ повторно побара одговор од премиерот дали може да ги обавува државничките должности, бидејќи има трајна неспособност, согласно таен документ кој го објави неодамна партијата, а кој покажува дека премиерот го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска.
„Вие сте дезертер и отпадник од македонското ткиво. Македонија не се брани под јорган како што сте го правеле тоа вие. Избегавте кога беше најпотребно, лажиравте дека сте трајно неспособен. Вие сте срам за Македонија, ни оставка не ви помага“, рече Ковачки.
Премиерот возврати со канонада обвинувања кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ и кон пратеникот Ковачки.
„ВМРО-ДПМНЕ имаат голем проблем - бидејќи се лопови, криминалци, неработници, насилници и кодоши, се растураат меѓу себе за делење на пари и тендери како што е последниот за пречистителната станица. Имаат голем проблем, бидејќи народот ве прочита дека освен криминал и фотелји, за друго не сте заинтересирани“, рече премиерот.
Тој Ковачки го нарече „кодош кој крадел документи и издавал информации додека бил во АРМ, тргувал со нив со интерни и со странски структури, човек кој бил казнуван“.
„Во АРМ нема место за кодоши“, рече премиерот, обвинувајќи го Ковачки дека е „дезертер кој ја посрамотил униформата, му ги симнале еполетите и облекол сако за во белата палата да кодоши, да плука и по мртви и по живи и да прави пари кодошејќи ја својата држава“. „Тоа е мизерија, беда и срамота“, рече премиерот од собраниската говорница.
Оценувајќи дека „армијата се спасила од овој дезертер и кодош“, порача дека на следните парламентарни избори и Собранието ќе се прочисти од таквите како него.