1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Акција на МВР: злоупотреби со државни резерви на жито

25 ноември 2025

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет лица за злоупотреби со државни резерви на жито. Штетата е проценета на 780.000 евра

https://p.dw.com/p/54DdM
Пченични класови се гледаат на полето наспроти синото небо за време на бербата на житото.
Жито, злоупотреби и политички судирФотографија: Dmytro Smoliyenko/Avalon/Photoshot/picture alliance

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет лица за злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик. Во акцијата се опфатени раководители во Агенцијата за стоковни резерви, вешто лице од Бирото за процена, како и Трајан Димковски – поранешен заменик-министер за земјоделство. 

Тие се смета дека направиле злоупотреби со државни резерви на жито. Штетата е проценета на 780.000 евра. 

Злоупотреби со службена должност

Осомничените ја злоупотребиле својата функција со неизвршување на службените обврски. Иако биле должни да ја известат Владата за фактичката состојба во Јавното претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ – Скопје, тие доставиле неточни податоци и информации за неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен во периодот 2019–2021 година.
Со ова дејствие постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви.

Улога на вештото лице

Еден од осомничените, надворешен соработник и вешто лице ангажирано преку Бирото за процена, постапил спротивно на Законот за процена и на договорот за услуга со Бирото за судски вештачења. Тој изготвил вешт наод со невистинити податоци, без да ги земе предвид сите информации и документација од Агенцијата за стоковни резерви и ЈП „Агро берза“. Овој наод бил приложен кон информацијата до Владата и прифатен, по што Агенцијата за стоковни резерви била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен.

Јавно обвинителство
Обвинителство: пет лица осомничени за злоупотреби со жито и штета од 780.000 евра“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Вкупната вредност на отпишаното жито изнесувала 29.112.000 денари (473.365 евра). Според цените од 2022 година, вредноста достигнува 48.000.000 денари (780.487 евра), што претставува штета за Буџетот на Македонија.

Мерки на претпазливост

Бидејќи станува збор за дело што се гони во скратена постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и редовно јавување во суд за сите осомничени.

Од СДСМ реагираат дека акцијата е политички мотивирана и ја нарекуваат „монтиран случај“. Според партијата, власта се обидува да дефокусира јавноста од скандалот со ИПАРД тежок 130 милиони евра.

„Ваквите неосновани пријави за Трајан Димковски не можат да бидат алиби за неспособноста на власта. Станува збор за класичен политички прогон“, порачуваат од СДСМ.