1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Комисија предлага доживотен затвор за фемицид

ДТЗ /МИА
10 јуни 2026

Комисијата за еднакви можности усвои низа заклучоци за посилна заштита од семејно и родово-базирано насилство, вклучувајќи и предлог фемицидот да се третира како најтешко кривично дело со можност за доживотен затвор.

https://p.dw.com/p/5F7z5
семејно насилство
Комисија предлага фемицидот да се третира како најтешко кривично дело со можност за доживотен затворФотографија: picture-alliance/dpa/M.Gambarini

Комисијата за еднакви можности усвои низа заклучоци за посилна заштита од семејно и родово-базирано насилство, вклучувајќи и предлог фемицидот да се третира како најтешко кривично дело со можност за доживотен затвор. Мерките опфаќаат построги казни, засилени санкции и системска превенција, со цел поефикасна заштита на жртвите.

Предлог мерки: построги казни и институционален одговор

Заклучоците кои ќе бидат доставени до Владата, предвидуваат заострување на казнената политика,фемицидот да се третира како најтешко кривично дело, а се истакнува и потребата од професионализација на службите, јасна законска одговорност и засилен институционален одговор.

Претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, рече дека во заклучоците се предлага и доекипирање и сертифицирање на центрите за социјална работа и воспоставување интегриран дигитален систем за податоци меѓу институциите. Планирано е и проширување на мрежата на засолништа и подобра координација за заштита на жртвите.

Исто така се предвидува и 24-часовен пристап до услуги и формирање регионални кризни центри, продолжен престој во засолништа и финансиска помош, мерки за вработување, домување и психосоцијална поддршка, задолжителен третман за сторителите со судска мерка и следење на ризикот од повторување. 

Статистика на МВР – раст на пријавите

Ваквиот чекор следи по зголемениот број на случаи на семејно насилство, кои го отворија прашањето дали постои соодветна институционална реакција на повиците за помош од страна на жртвите на насилство..

Според податоците на МВР, во мај 2026 година регистрирани се 191 кривично дело од семејно насилство (+70,5%) и поднесени се 137 кривични пријави (+71,3%). Полицијата презела мерки против 144 сторители.

Евидентирани се 143 жртви, на кои им биле нанесени или телесни повреди (130) или пак им била загрозена сигурноста (52). 

Регистрирано е и едно убиство и две тешки телесни повреди. Најмногу случаи се пријавени во СВР Скопје.

Од 2021 до 2025 година во С. Македонија се убиени 26 жени.