1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: 26 жени убиени за пет години

6 март 2026

Од 2021 до 2025 година во Северна Македонија се убиени 26 жени. Сепак, поради долгогодишниот недостаток на законска рамка, не е познато колку од нив може да се класифицираат како фемицид.

https://p.dw.com/p/59vrI
Злосторства против жени, фемицид | Симболична слика
Според Националната мрежа против семејно насилство, во периодот 2014–2023 во Северна Македонија биле регистрирани 40 обиди за убиство на жени, а 75 жени биле убиениФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

„Ќе бидеш моја, или ќе бидеш мртва“ – ова е само една од десетиците заканувачки пораки што 31-годишната Росица Коцева ги добила само неколку дена пред нејзиниот поранешен партнер, Илија Стефановски да ја убие заедно со нејзиниот татко во близина на нивниот дом во Велес. Ова е последниот случај на фемицид во Северна Македонија, документиран и од полицијата.

Росица повеќепати ги пријавувала насилството и постојаните закани од нејзиниот поранешен партнер – кој не ги упатувал само кон неа, туку и кон нејзините родители и пријателки. Но институциите никогаш сериозно не го третирале нејзиниот случај.

Пред убиството, сторителот Илија Стефановски бил казнет само со условна казна и забрана за приближување, која тој не ја почитувал. По двојното убиство, си го одзел животот.

Ова е еден од многуте случаи што ги отвораат прашањата за институционалната реакција на повиците за помош од жени.

26 убиени жени за пет години

Росица е една од вкупно шесте жени кои беа убиени во Северна Македонија во 2025 година. Во 2024 година беа убиени пет жени. Две од нив претходно пријавиле семејно насилство.

2023-тата беше најтешка година во однос на убиствата на жени, со вкупно девет жртви. Три од овие случаи биле поврзани со семејно насилство. Во рангирањето на Евростат за 2023 година, Северна Македонија се најде меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа, со шест фемициди на еден милион жители, заземајќи го третото место по Литванија и Латвија.

Во 2022 година беа убиени две жени, додека во 2021 беа регистрирани четири случаи на убиства на жени.

насилство врз жени
Во рангирањето на Евростат за 2023 година, Северна Македонија се најде меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа, со шест фемициди на еден милион жителиФотографија: Rolf Poss/IMAGO

Северна Македонија меѓу првите земји во регионот што правно го признава фемицидот

Убиството на жена не значи автоматски фемицид. За еден случај да биде класифициран како таков, мора да се докаже дека убиството било родово мотивирано, односно дека жената била убиена затоа што е жена.

Иако терминот „фемицид“ не се користи експлицитно во Кривичниот законик, во 2023 година членот 123 беше дополнет со став 2-а. Со него се санкционира убиство на жена или девојче под 18 години како последица на „родово базирано насилство“.

Со оглед на тоа што ова претходно не беше правно регулирано, не е точно познато колку од убиствата на жени навистина може да се класифицираат како фемицид. Националната мрежа против семејно насилство моментално ги анализира сите пресуди и одлуки поврзани со убиства на жени во периодот 2014–2023. Се очекува да биде објавен извештај кој ќе даде појасна слика за природата на овие случаи.

Претставници од оваа организација за ДВ изјавија дека во наведените години во Северна Македонија биле регистрирани 40 обиди за убиство на жени, а 75 жени биле убиени.

Северна Македонија Скопје 2025 | Протести против фемицидот
Протести во Скопје против фемицидот (септември 2025 година)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија неуспешна во превенцијата на фемициди

Адвокатката Марта Гусар, која често застапувала жртви на семејно насилство, нагласува дека главниот проблем и натаму е превенцијата.

„Клучниот проблем во нашата држава е што фемицидот не се спречува. Кога ќе се случи фемицид, веќе е предоцна. Истанбулската конвенција е документот од кој произлегува превенцијата. Институциите мора да го препознаат родово базираното насилство, да го разберат фемицидот и системски да му пристапат на проблемот“, вели Гусар за ДВ.

Северна Македонија Скопје 2026 | адвокатка Марта Гусар
Марта Гусар често застапувала жртви на семејно насилствоФотографија: Ardit Ramadani/DW

„Статистиките покажуваат дека бројот на фемициди е висок, особено за држава со големина како Северна Македонија. И прашањето дали оваа појава е доволно сериозно третирана во праксата, за жал, добива негативен одговор токму поради овие бројки“, вели Гусар.

„Доволно е да се погледне убиството на Росица – овој трагичен настан повторно покажа дека основниот проблем е недоволната превенција и недостатокот на разбирање за родово базираното насилство“, додава адвокатката Гусар.

Насилството има различни форми

Според активистките за женски права, неопходно е сите стручни лица што работат со случаи на родово базирано и семејно насилство да добијат соодветна обука за да ги препознаат сите форми на насилство, вклучително и психолошко, социјално и економско, а не само физичко насилство.

Ова е важно затоа што жените што пријавуваат насилство често се обесхрабруваат уште во полициските станици. Во некои случаи им било кажано дека немаат доволно докази – дури и тогаш кога нивните пријави содржеле елементи на делото „загрозување на безбедноста“.

полиција Северна Македонија
Жените што пријавуваат насилство често се обесхрабруваат уште во полициските станици (архивска фотографија)Фотографија: MIA

Недоволни капацитети на прифатилиштата

Дополнителен предизвик претставуваат капацитетите на прифатилиштата за жртви на насилство, кои во Северна Македонија сѐ уште се недоволни.

Според официјалните податоци, бројот на достапни кревети достигнува само 37 проценти од капацитетот што државата треба да го обезбеди според бројот на жители. Од вкупно 67 кревети во земјата, 19 ги управуваат невладини организации.

Logo Ministerium für Bundes ,- und Europaangelegenheiten
Фотографија: MBEIM.nrw

Овој текст е напишан во рамки на проектот за зајакнување и професионализација на новинарите во Северна Македонија, кој е поддржан од владата на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија.