Германија пропушти рок на ЕУ – сега ѝ се заканува казна
11 јуни 2026
Звучи како да се подразбира само по себе, но не е така - некои луѓе и натаму се помалку платени од други, во многу случаи поради нивниот пол. Тоа е веќе забрането, но тешко е да се докаже. Директивата на ЕУ за транспарентност на платите, со која треба да се обезбеди еднакво плаќање на работниците, треба конечно да стави крај на ваквата состојба. Директивата со гломазно име е наменета да го зголеми притисокот врз работодавците за еднаква плата на нивната работна сила. Но, токму во најголемата, најсилната и најнаселената економија во ЕУ, имено Германија, директивата не беше имплементирана во предвидениот рок - до 7 јуни.
Која е целта на директивата?
Разликата во платите на припадниците на различен пол, односно различната заработувачка на жените и мажите, во Германија е и натаму забележлива, и покрај спротивните законски одредби.
Според Сојузниот завод за статистика, разликата во платите меѓу половите во 2025 година изнесувала околу шест проценти. Тоа во превод значи дека и со идентични квалификации, на иста функција и со исто работно време, жените просечно заработуваат помалку од мажите.
Токму тоа е основа за Директивата за транспарентност на платите (Директива (ЕУ) 2023/970), која има три цели: структурата на платите да биде разбирлива и да може да се провери, вработените да бидат во можност да увидат дали се во нерамноправна положба и работодавците да бидат обврзани да ги елиминираат неоправданите разлики во платите.
Директивата се потпира на три инструменти - индивидуалното право на информација, интерни процедури за рамноправност на платите и обврска на поголемите компании за поднесување извештаи.
Напори без резултат
Сојузната влада на 6 мај годинава го усвои предлог законот на сојузната министерка за женски прашања Карин Прин и сојузната министерка за правда д-р Штефани Хубиг за измени на германскиот Општ закон за еднаков третман, чија цел се инкорпорирање на насоките од ЕУ за заштита од дискриминација во германското законодавство.
Министерката за женски прашања Прин иницијативата ја фалеше со зборовите: „Ова е важен чекор кон конкретно реализирање на нашето барање за еднаков третман и ефикасно постапување против дискриминацијата“.
Сепак, поради нејзината забелешка дека „администрацијата и бизнисите не треба непотребно да се оптоваруваат и процедурите треба да бидат што е можно поедноставни“ таа се соочи со обвинувања дека потклекнала пред бизнис лобито.
Министерката за правда Хубиг при претставувањето на предлог законот поконкретно посочи дека „најважната промена е дека секој што е засегнат од дискриминација во иднина ќе има четири наместо досегашните два месеца време за да одлучи дали сака да го реализира правото од законот“. Но, се чини дека ниту ова не ја убеди Комисијата.
Во кој дел ЕУ нуди поголема заштита
Во својата Директива за транспарентност на платите, ЕУ, меѓу другото, инсистира на транспарентност уште во фазата на аплицирање за едно работно место, задолжително дејствување во случај на значителен јаз во платите и префрлање на товарот на докажување, што значи дека нема вработениот да мора да докажува дискриминација, туку работодавачот дека постапува согласно законот.
„ЕнтгТранспГ“ е кратенка за Законот за транспарентност на платите, а „МА“ се однесува на бројот на вработени лица. Во десната колона се наведени барањата што Берлин не ги имплементирал до истекот на крајниот рок.
Берлин и „синото писмо“
„Штом се утврди дека една земја-членка не имплементирала одредена директива, Комисијата може да покрене постапка за прекршување на Договорот за ЕУ. Таа може, но не мора да го стори тоа“, пишува Матијас Руферт, правник и професор на универзитетот Хумболт, како одговор на прашање на ДВ. „Постапката започнува со формала опомена и можност за сослушување на земјата-членка, по што може да следи образложен став“, објаснува правникот.
Ели Кавињо од германската Фондација Наука и политика за ДВ вели дека во оваа точка може да дојде до натамошна ескалација на ниво на ЕУ. „Доколку ЕК ни тогаш не поднесе тужба, Европскиот парламент би можел да ја тужи Комисијата поради непостапување“, вели таа.
Во конкретниов случај нештата не се дојдени дотаму. Берлин прво чека формално известување од Брисел во кое во суштина ќе се каже: „Доцните. Преземете нешто!“ Во Германија, таквото писмо е познато како „Сино писмо“, какви што се известувањата што се користат во училиштата како предупредување дека ученикот е загрозен да ја повторува годината. Фудбалските фанови можеби ќе ја претпочитаат аналогијата со „жолтиот картон“.
Германија доцни
Германија веќе има искуство со таквите предупредувања. ЕК, која се смета себеси за „Чувар на договорите“, во минатото веќе има интервенирано затоа што Германија не успеала навремено да ги спроведе директивите на ЕУ, или пак тоа го сторила непотполно или неправилно.
Во најтешкиот случај до сега државата дури и беше казнета на темата заштита на информаторите. Се работеше за заштита на дојавувачи кои пријавуваат проблематични состојби или прекршувања на законите. Директивата на ЕУ датира од 2019 година и требаше да се имплементира до 2021 година, но во Германија Законот за заштита на дојавувачите стапи на сила дури на 2 јули 2023 година.
Дојавувачите треба да имаат можност да користат доверливи канали без страв од репресија. За да се постигне тоа, ЕУ наложи интерни канали за пријавување и за заштита од неповолен третман. Германија правилата на ЕУ ги спроведе предоцна и затоа беше казнета од Европскиот суд на правдата со 34 милиони евра.
И што сега?
„Од Лисабонскиот договор, Комисијата може да бара изрекување парична казна за неспроведување на директивите паралелно со поднесувањето тужба за прекршок на Договорот“, објаснува Ели Кавињо. „ЕСП го одредува датумот на почетокот на обврската за плаќање на паричната казна во својата пресуда, како и износот на паушалната казна“, објаснува таа.
Кавињо посочува дека „по правило пред да поднесе тужба, Комисијата се обидува да постигне договор со засегнатата земја-членка за најбрзо можно спроведување на барањата од директивата“, а и општо погледнато нештата се ретко толку усвитени колку што се чини на прв поглед. „Де факто, тоа што директивата не е навремено имплементирана, не значи автоматски и непосредна осуда на сојузната влада“, вели таа.