1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ вметната во шпекулации за „руски притисок“ врз БПЦ

6 декември 2022

Според Демократска Бугарија, шефот на руската црковна дипломатија стигнал во Софија за да врши притисок врз БПЦ за признавање на црквата во РСМ. Фактите говорат друго.

https://p.dw.com/p/4KWXH
Поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан
Поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. СтефанФотографија: DW/P. Stojanovski

Бугарската парламентарна партија Демократска Бугарија побарала Државната агенција на национална безбедност (ДАНС) да ги преземе сите неопходни мерки во врска со тамошниот престој на шефот на руската црковна дипломатија, Митрополитот Волколамски Антониј. Според ДБ, тој допатувал во Бугарија без покана на Бугарската православна црква, а негова цел била да врши притисок врз БПЦ за признавање на црквата во Република Северна Македонија. Во партиското соопштение што го објавија бугарски медиуми, е наведено дека бугарскиот патријарх Неофит одбил средба со него, а единствените двајца владици на БПЦ кои искажале желба за средба со Антониј, биле Видинскиот митрополит Данаил и Ловчанскиот митрополит Гаврил.

„Тој доаѓа да ја притиска Бугарската православна црква да ја признае црквата во Република Северна Македонија со статусот и именувањето определено од Српската црква во мај 2022. Тоа би значело признавање од страна на Бугарската православна црква на противканонското издадениот ‘томос' од Српската црква во однос на црквата во Република Северна Македонија", било наведно во соопштението на Демократска Бугарија.

Партијата укажала дека според каноните на православната црква, Вселенската патријаршија е единствената која има право да издава Томос за автокефалност на која и да е друга православна црква, а заземањето на просрпска и проруска позиција од страна на БПЦ може да доведе до сериозни дипломатски компликации не само со останатите православни цркви, туку и со грчката држава.

Седиштето и црквата на Светиот синот на Бугарската православна црква во Софија
Седиштето и црквата на Светиот синот на Бугарската православна црква во СофијаФотографија: BGNES

„Интересите на Бугарија како членка на ЕУ и НАТО се да поддржуваме најтесни сојузнички и најблиски односи со нашите соседи и партнери. Меѓуцрковните односи се интегрален дел од меѓудржавните односи и се од особен интерес за бугарската држава“, предупредила партијата.

Според наводите во соопштението, со посетата на Антониј, како висок претставник на Московската патријаршија која отворено ја поддржува инвазијата на Путин во Украина и ја прогласува за праведна, „се компромитира и Бугарија“. Од ДБ побарале ДАНС да воведе ограничувачка мерка за недопуштање на митрополитот Антониј на територијата на Бугарија, имајќи го предвид фактот дека поради војната во Украина, Русија ја вклучила Бугарија во списокот на непријателски држави.

Со благослов на бугарскиот патријарх

И додека во заднина на овој повик е ставот дека признавањето на МПЦ е плод на „проруска и посрпска позиција“ и дека Антониј стигнал за да ја притиска БПЦ за МПЦ-ОА, вистината е сосема поинаква. Шефот на руската црковна дипломатија лично од бугарскиот патријарх Неофит добил благослов да сослужува на денешната света архиерејска литургија во храмот „Св Никола Чудотворец“, за што е објавено и соопштение на веб страницата на БПЦ. 

„На 6-ти декември, кога Православната црква го чествува празникот на Св. Никола Чудотворец и по повод 70-годишнината од основањето на подворјето, во храмот „Св Никола Чудотворец“ во Софија ќе биде отслужена света архирејска литургија. На покана на архимандрит Васиан, претставник на Рускиот патријарх кај нас, и со благослов на Неговата Светост Бугарскиот патријарх Неофит, со светата тајна Евхаристија ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Ловчански Гаврил, во сослужение со Волоколамскиот митрополит Антониј и Мелничкиот епископ Герасим, главен секретар на Светиот Синод", соопшти Бугарската патријаршија.

Бугарскиот патријарх Неофит
Бугарскиот патријарх НеофитФотографија: Reuters

„Подворје“ на руски јазик, кој се користи и во бугарскиот (или „метохион“ на грчки), е термин што се употребува кога месна црква доделува земјиште или објект на користење на друга црква, со што се смета дека локацијата канонски и припаѓа на другата црква. Таков е и случајот со црквата „Св. Никола Чудотворец“ во Софија, која се нарекува и „руска“. Таа во 1953 година станала подворје на Московската патријаршија, во 2003 година била одбележана 50-годишнина од тој чин, а денешниот - е вовед и во одбележувањето на 70-годишнината. Архимандритот Васиан (Змеев Николај Валериевич) на чија покана пристигнал шефот на руската црковна дипломатија во Софија, со решение на Синодот на РПЦ од 7 март 2018 година официјално е назначен за претставник во подворјето на Руската црква во Софија. Оттаму, и веста дека „архиереите на двете помесни цркви ќе отслужат божествена литургија на празничниот ден“, е објавена на веб страницата на овој храм - на руски јазик.

Суфицит од шпекулации

Кому му служат ваквите шпекулации? Демократска Бугарија важеше за партија со најумерен речник кон РСМ и со силни заложби во обидите за надминување на спорните прашања меѓу двете земји, но и како жесток критичар на руската инвазија во Украина и на проруски инсталации кои работат против добрососедството. Оваа нејзина реакција со шпекулација за мотивите на посетата на рускиот митрополит, се случува непосредно по последната средба на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања во Скопје. Тогаш се вжешти температурата на двете страни од границата, заради несогласувања околу последната тема на разговори - како да биде претставена Охридската архиепископија во учебниците по историја во основното образование.

Фотографија од заедничката литургија на поглаварите на МПЦ и СПЦ на 24 мај 2022 година
Фотографија од заедничката литургија на поглаварите на МПЦ и СПЦ на 24 мај 2022 годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Средбата заврши без договор, а од членови во бугарскиот тим стигнаа обвинувања дека историските извори за создавањето на Охридската Архиепископија како Архиепископија на Бугарија се недвосмислени, и дека македонскиот тим бил под притисок и во последен момент се повлекол од темата. Во домашната јавност се проширија шпекулации дека Комисијата го решавала црковното прашање на МПЦ-ОА. Од македонскиот тим во Комисијата преку соопштение ги демантираа таквите наводи како невистинити. Оттаму посочија дека предмет на работата на Комисијата се прашањата за претставувањето на историјата на Охридската архиепископија во учебниците по историја за основно во двете држави, нејзината улога и значење за христијанството и словенската писменост и книжевност, а не црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино дефинирање во национална смисла.