1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски не очекува промена во односите со Бугарија

4 мај 2026

Христијан Мицкоски не очекува промена во односите со Бугарија по победата на Румен Радев. СДСМ обвинува за тајни подготовки за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот.

https://p.dw.com/p/5DDzn
Премиерот Христијан Мицкоски, 15.05.2025
Мицкоски не очекува промена во односите со БугаријаФотографија: Petr Stojanovski/DW

По изборите во Бугарија и победата на поранешниот бугарски претседател Румен Радев, македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека не очекува промена на атмосферата во Софија.

„Не очекувам воопшто да се промени. Напротив, очекувам таа атмосфера уште повеќе да се вжешти. Сѐ уште имаме политички и општествени структури кај нас кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Додека постојат такви сили, не очекувам промена во односот на нашиот источен сосед“, изјави Мицкоски.

Подготвеност за дијалог, но без отстапки

Премиерот посочи дека Владата е подготвена за билатерални и мултилатерални разговори, каде што аргументите ќе бидат соочени. „Подготвени сме да ги прифатиме аргументите што ќе преовладаат, но исто така очекуваме и спротивната страна да ги прифати нашите“, рече Мицкоски по одбележувањето на 123 години од смртта на Гоце Делчев.

Премиерот нагласи дека и во 21 век постојат држави кои го негираат идентитетот на македонскиот револуционер Гоце Делчев и македонскиот вековен идентитет.

„Македонскиот народ и денес се соочува со предизвици со кои не би требало да се соочува. Наместо да се бориме за заедничка и подобра иднина, повторно отвораме прашања од минатото, дел од нив со корени во средниот век“, изјави Мицкоски.

Румен Радев во Софија, 19 април 2026
По изборите во Бугарија и победата на поранешниот бугарски претседател Румен Радев, македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека не очекува промена на атмосферата во СофијаФотографија: NGNES

СДСМ: Тајни подготовки за уставни измени

СДСМ преку соопштение тврди дека Мицкоски се подготвува да ги внесе Бугарите во Уставот, наведувајќи дека Заедничката историска комисија меѓу Македонија и Бугарија континуирано работи.

„Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во телевизиска емисија потврди дека комисијата редовно одржува средби, што се одвива без знаење на јавноста. Како е можно комисијата да работи со години, а тоа да се крие од јавноста? Што се договара, ако не уставни измени?“, прашуваат од СДСМ.

Тие потсетуваат на неодамнешната изјава на Мицкоски дека „во јуни ќе ги реши сите реформски прашања“ и дека наскоро од Брисел ќе пристигне порака оти Македонија е „рамо до рамо со Црна Гора“ во процесот на европска интеграција. СДСМ оценува дека продолжувањето на работата на Историската комисија е доказ за тивки подготовки за уставни измени и дека Мицкоски јавно го негира она што практично го подготвува.

„Идентитетот е црвена линија“

Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања за евентуални уставни измени, беше дециден: 

„Како Влада ќе опстоиме на нашиот корен, на линијата на македонскиот идентитет. Тоа е црвената линија и од неа нема да отстапиме ниту милиметар“, порача премиерот.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова неодамна најави дека со идниот бугарски премиер Румен Радев ќе се бара ново решение за билатералниот спор, кој го кочи напредокот на државата кон Европската унија (ЕУ). Таа оцени дека Бугарија добива премиер со силна јавна поддршка, искуство и кредибилитет, што, според неа, може да се искористи за надминување на внатрешните и надворешните предизвици со кои се соочува Софија по честите политички кризи.