1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон во Германија: Посета во која нема само политика

Кристоф Хаселбах
27 мај 2024

Францускиот претседател Емануел Макрон е во официјална државна посета на Германија, прва по цели 24 години. Денеска во Дрезден тој треба да зборува пред европската младина.

https://p.dw.com/p/4gJy4
Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит со германската претседателска двојка Франк-Валтер Штајнмајер и Елке Буденбендер во Берлин
Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит со германската претседателска двојка Франк-Валтер Штајнмајер и Елке Буденбендер во БерлинФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Последен пат претседател на Франција ја посетил Германија во 2000. година. Во тоа време на функцијата беше Жак Ширак. За две држави кои инаку се чувствуваат тесно поврзани, тоа е голем временски период. Но, долгата пауза политички нема никакво значење. Првите на луѓе и министрите на двете држави редовно одржуваат работни средби - на неколку месеци.

При државничка посета, како оваа, во преден план не е политиката, туку државата и народот во неа. Домаќин не е канцеларот, туку сојузниот претседател. Покрај Берлин, Емануел Макрон и сопругата ќе ги посетат и Дрезден и Минстер, каде на Макрон ќе му биде врачена Меѓународната награда за мир на Вестфалија.

Емануел и Брижит Макрон требаше уште минатата година да ја посетат Германија, но посетата беше откажана поради немирите во Франција во тоа време. За Макрон многу помирно не е ни сега, кога претстојат изборите за Европскиот парламент, а според анкетите во Франција води деснопопулистичката партија на Марин Ле Пен. Освен тоа, анкета за Евробарометар спроведена во февруари годинава јасно покажа дека Французите се заморени од ЕУ. Па така, Европскиот парламент има најнизок углед во Франција споредено со останатите 26 земји членки на Унијата – токму во земјата во која се наоѓа неговото седиште и која заедно со Германија важи за мотор на Унијата.

Франција Марин Ле Пен
Десничарската популистка Марин Ле Пен двапати беше поразена од Емануел Макрон во вториот круг од изборите за француски претседател, но нејзината партија е во предност во анкетите за европските избори во јуниФотографија: Christophe ARCHAMBAULT/AFP

Макрон: „Европа може да умре“

„Нашата Европа може да умре“ -  со овие зборови Макрон пред еден месец апелираше за повеќе суверенитет и заедничка одбрана на Европа пред студентите од елитниот универзитет Сорбона во Париз. Говорот беше проследен со симултан превод на германски јазик.

Не е првпат Макрон да развива големи европско-политички визии. Уште во 2017 година, на пример, бараше европски министер за финансии. Тогаш канцеларката Меркел го „откачи“. Овојпат Олаф Шолц на Х ги пофали „добрите импулси" на говорот за Европа, но не даде конкретен одговор по тоа прашање.

Се работи и за различни менталитети, смета Марк Рингел, директор на германско-францускиот Институт во Лудвигсбург. Визии, според него, се „многу француски начин да се објаснат нештата, додека во Германија човек нема да наиде на такво нешто", вели тој за ДВ. „Хелмут Шмит еднаш рече дека 'оној кој има визии треба да оди на лекар'. Тоа е трезвениот германски начин", посочува Рингел.

Франција | Украинскиот претседател Володимир Зеленски францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц
Украинскиот претседател Володимир Зеленскиј (л.) во Париз во февруари 2023 година: Идеите на Макрон и Шолц за поддршка на Украина се разидуваатФотографија: Thibault Camus/AP Photo/picture alliance

Германската лојалност на НАТО и француската автономија

Но, и во однос на многу поединечни прашања актуелно има разлика во политиката на двете држави. Париз јасно се позиционира за атомска енергија, Берлин и покрај недостигот од енергија ги исклучи и последните атомски електрани. Макрон не исклучува испраќање на копнени сили во Украина, Шолц категорично одбива такво сценарио. И плановите за германско-француско оклопно борбено возило, како и за воен авион, напредуваат многу бавно. Макрон сака Германија во своите планови за вооружување да нарачува кај европски, односно француски фирми, Германија пак купува и од Американците. 

„Одбраната отсекогаш била проблематична тема меѓу Германија и Франција затоа што имаме различна безбедносна култура", објаснува Рингел и додава дека „германската страна многу се потпира на НАТО, додека Франција сака стратешка автономија".

Шолц на француски, Макрон на германски

Германско-француските релации одамна не биле толку лоши, критикуваше неодамна шефот на најголемата опозициска партија ЦДУ, Фридрих Мерц. Се зборува за „поделба" меѓу Шолц и Макрон по прашањето на поддршката за Украина. На заедничката конференција на темата што се одржа во март годинава, тензиите буквално можеа да се видат.

Шолц и Макрон барем нанадвор сакаат да демонстрираат дека постои разбирање меѓу нив. Во кратка видео снимка се обидуваат тоа да го сторат на јазикот на другиот. Макрон на Х го чита прашањето од еден граѓанин кој сака да знае дали е и натаму актуелно германско-француското партнерство. Наместо Макрон, на француски одговара Шолц со зборовите: „Здраво драги пријатели, јас ви потврдувам дека француско-германското пријателство е живо!". Макрон потоа на германски вели: „Благодарам Олаф, се согласувам со тебе!“

Голема размена меѓу младите

Но, какво е меѓусебното пријатлество меѓу народите во двете земји, настрана од туризмот и црвеното вино? Рингел наведува студија спроведена од Инфратест во март годинав, според која „Германците непроменето во голем број ја гледаат Франција како партнерска држава. Над 80 проценти од Германците велат дека Франција е партнер на кој може да се потпрат, многу повеќе отколку на кој било од другите партнери. Истото важи и во обратниот случај", објаснува Рингел.

Но, меѓусебното изучување на јазиците опаѓа на двете страни. Поранешниот претседател на Франција, Валери Жискар Дестен наводно во една прилика резигнирано изјавил дека за да се разберат „се служат со англискиот“ („On s'arrange avec l'anglais“). Англискиот како лингва франка е една работа, смета Рингел, но сосем друга е тоа што помалиот степен на меѓусебното изучување на јазиците може да биде и знак за нормализација на односите. „Се цениме едни со други, но тоа е станато толку нормално, што веќе и не се трудиме толку многу", ја објаснува тој ваквата тенденција.

Рингел има најмалку грижа кога е во прашање размената меѓу младите на двете страни од границата. „Не се работи само за размените преку училиштата, туку има можности за пракса, на пример во доброволната социјална служба во Франција. Има серија можности за размена кои многу се користат“, додава тој.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик