1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ слави победа - СДСМ се жали на нерегуларности

19 октомври 2025

ВМРО-ДПМНЕ смета дека е на чекор до победа во Струмица, а дека победиле во Охрид, Штип, Радовиш... СДСМ се надева на победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Кривогаштани....

https://p.dw.com/p/52FQu
Локални избоир во Македонија
ВМРО-ДПМНЕ слави „историска победа“ - СДСМ ќе се жали на изборни нерегуларностиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Историска победа - вака кандидатите за градоначалници, но и партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ ги оценија првичните податоци добиени од аналитичките центри за изборните резултати од првиот круг на локалните избори во Македонија.

Партијата, повикувајќи се на податоци од нивниот аналитички центар, објави дека се избрани градоначалници во Охрид, Штип, Радовиш, Сопиште, Ресен, Свети Николе, а дека на прагот е огромна победа во Струмица. Пред партискиот штаб се собираат членови на партијата за да ја прослават изборната победа. 

Слават и од коалицијата „Вреди“. Нивните приврзаници се собраа на плоштадот „Скендербег“ во центарот на Скопје за да ја прослават изборната победа на локалните избори. 

ВМРО-ДПМНЕ на чекор да ја добие Струмица 

„ВМРО – ДПМНЕ во првиот круг од изборите ќе победат и ќе добијат градоначалници во Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Аеродром, Охрид, Ресен, Градско, Василево, Радовиш, Штип, во Струмица, Босилово, Ново Село и Вевчани и Прилеп“, рече членот на Извршниот комитет на партијата Антонио Милошоски повикувајќи се на прелиминарни резултати од Аналитичкиот центар на партијата.

Според него, за првпат по 20 години ВМРО-ДПМНЕ ќе добие градоначалник во Струмица.

Во однос на Град Скопје, очекувањата се дека нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски ќе има убедлива предност и дека можеби неколку илјади гласови ќе одлучуваат дали тој ќе победи во првиот круг од изборите воМакедонија.

Претходно и потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски оцени дека се на прагот на голема победа. „Ќе победиме во најголем дел од општините низ државата. Денес имавме мирни и успешни избори кои ги задоволуваат највисоките стандарди на еден демократски изборен процес. Очекуваме одличен изборен резултат и голема победа – прослава на волјата на граѓаните и јасна порака до сите оние кои ја влечат државата надолу, во безидејност, без концепт и без визија“, рече тој.

СДСМ се жали на изборни нерегуларности 

Опозициската СДСМ најавува дека води и очекува победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново -Облешево, Кривогаштани и Богданци. „Тесна битка е во Неготино, Валандово, Македонска Каменица, Ранковце и Лозово. Водиме и во Дојран, но најверојатно ќе има втор круг“, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ. 

Партијата укажа дека констатирале бројни прекршувања на избирачкиот процес, злоупотреба на избирачкиот список, обиди за поткуп, уцени и закани, кршење на изборниот молк, агитирање, како и нерегуларности при самото гласање. Од СДСМ побараа од ДИК и надлежните институции да реагираат во однос на ваквите изборни неправилности, а правниот тим на партијата најави соодветни поднесоци за сите утврдени неправилности. 

Јавното обвинителство претходно на прес-конференција оцени дека изборите поминале во мирна атмосфера, со изолирани случаи на поткуп и фотографирање гласачки ливчиња. 

Излезноста на локалните избори на ниво на земјата до 18:30 часот е 46,65 отсто, или излегле да гласаат 803.091 граѓанин. За споредба, на претходните локални избори 2021 вкупниот одѕив заклучно со 19:00 часот изнесувал 49,98 проценти. 

Генералниот одзив на ниво на Град Скопје до 18.30 часот изнесува 46,64 проценти. 

Општините Центар Жупа, Маврово и Ростуше и Врапчиште имаат помалку од една третина на излезност од вкупниот број на запишани избирачи во избирачкиот список. Согласно изборниот законик, за избран кандидат во првиот круг во гласањето за градоначалник се смета оној кандидат кој добил мнозинство од гласовите од граѓаните кои излегле да гласат, под услов да излегле да гласаат повеќе од една третина од запишаните.

Доколку во прв круг не излезат над една третина од запишаните гласачи целокупната изборна постапка се повторува во рок од 60 дена.