1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Војната во Иран и стравовите на Либанците

Џенифер Холејс | Сара Хтеит
12 март 2026

Проширувањето на војната на Блискиот Исток предизвика нова криза со раселување во Либан. Поради тековните напади, Бејрут ги одложи парламентарните избори. Страв и беспомошност владеат кај луѓето

https://p.dw.com/p/5ADnX
Раселени жители - жена и деца во шатор на тротоар во градот Бејрут
Повеќе од 700.000 луѓе се раселени во Либан, предизвикувајќи хуманитарна криза во земјата разурната од војнаФотографија: Toufic Rmeiti/Middle East Images/picture alliance

За многу Либанци, нападите меѓу милитантната Хезболах и Израел наликуваат на враќање во воена состојба. „Ги зедов синот и ќерката и избегавме од нашата куќа непосредно пред да биде уништена во израелски напад минатата недела“, раскажува за ДВ Рола Атви, 36-годишна мајка од предградието на Бејрут, Харет Хреик. Од тој момент, семејството престојува на тротоар во една крајбрежна населба во западен Бејрут. „Мојата ќерка има епилепсија и при гласни звуци таа има напади“, вели Атви. Да ги заштити нејзините деца е нејзин единствен приоритет. „Се чувствувам вкочанета, не чувствувам ништо. Само сакам ќерка ми да биде безбедна“, вели таа.

Либан беше вовлечен во  војната на Блискиот Исток  минатата недела откако милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, започна со  напади врз Израел како одговор на убиството на врховниот водач на Иран,  ајатолахот Али Хаменеи.  Ситуацијата потоа ескалираше од обете страни на либанско-израелската граница. Цивили во  Израел се изложени на  напади од Хезболах,  како и од Иран, но сепак бројот на цивилни жртви во Израел се чини дека е ограничен поради тамошните одбранбени системи и засолништа. Во Либан пак нападите од Израел предизвикаа хуманитарна криза од големи размери. Според либанските здравствени власти, до понеделникот се регистрирани 486 мртви и околу 1300 повредени лица. Министерството за здравство не прави разлика меѓу борци и цивили. ОН во вторникот излезгоа со податоци за поголем број на жртви, односно 570 лица, како и повеќе од 750 илјади раселени. „Семејствата, веќе исцрпени од години во тешки услови, сега повторно се во движење, а илјадници се принудени да спијат во автомобили и на јавни места“, вели за ДВ Сузан Такенберг, регионален директор за Либан во организацијата „Делување против гладот“ со седиште во Бејрут. Обновените борби де факто ставија крај на кревкото примирје меѓу Хезболах и Израел. Во ноември 2024 година, договор постигнат со посредство на САД стави крај на 11 месеци престрелки и два месеци војна во кои загинаа околу 4 илјади лица, како и на израелската копнена инвазија во Либан.

Експлозија по израелски воздушен напад врз селото Абасија во јужен Либан
Аналитичарите велат дека израелската копнена инвазија веројатно нема да помогне во разоружувањето на Хезболах, бидејќи милицијата е обучена за борба на теренФотографија: Kawnat Haju/AFP/Getty Images

Хезболах, чие воено крило е оквалификувано како терористичка организација од страна на САД, Германија и многу други земји, почна да го напаѓа Израел во обид да го поддржи Хамас ден по нападот од Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Хезболах е дел од „Оската на отпорот“ предводена од Иран, алијанса што вклучува групи од  Блискиот Исток  кои ги сметаат Израел и САД за непријатели и повикуваат на нивно истребување.

Борбата на Либан со Хезболах

Неделава весникот „Фајненшл тајмс“ објави дека израелската кампања против Хезболах би можела да продолжи дури и по завршувањето на американско-израелската војна со Иран. Во услови на хуманитарна криза, либанските политичари се подготвуваат за продолжени борби. Во понеделникот либанскиот парламент го продолжи својот мандат за две години. Парламентарните избори, првично закажани за мај годинава, беа одложени бидејќи парламентот сметаше дека е нереално да се организира национално гласање во време на војна и масовно раселување. Либанската влада веќе ги забрани сите воени и безбедносни активности на Хезболах и истакна дека само либанската држава има овластување да одлучува за војна и мир. За политичкиот аналитичар Ралф Бајдун, политичкото влијание од забранувањето на Хезболах е во голема мера „чин за надворешен сигнал, а не за спроведување“. „Гласноговорниците на Хезболах сè уште гостуваат на либанските телевизиски канали, вклучително и на анти-Хезболах каналите“, вели за ДВ набљудувачот од Бејрут. „Покрај тоа, повеќе од 20-годишната контрола на Хезболах врз либанската држава ѝ овозможи да се укотви во многу чувствителни судски, безбедносни и административни позиции, со што има простор да маневрира околу државните одлуки“, истакнува тој. Не само војската на Хезболах, туку и нејзиното политичко крило е испреплетено со политичката и финансиската мрежа на Иран, додава Бајдун. Покрај тоа, либанската влада и либанските вооружени сили долго време имаат потешкотии да го спроведат разоружувањето на Хезболах, како што е предвидено со прекинот на огнот во ноември 2024 година.

До сега Хезболах во голема мера го предаде оружјето во регионот јужно од реката Литани, но одбива целосно да се разоружа, наведувајќи ја потребата да ја брани земјата од тековните израелски напади и воената окупација на пет точки вдолж заедничката граница со Израел. Израел пак нема да престане да го таргетира Хезболах сè додека тој претставува закана. „Вреди да се напомене дека Хезболах никогаш не даде зелено светло за напорите за разоружување и никогаш не дозволи претреси на пунктови што не беа претходно разоткриени од Израел“, вели Ралф Бајдун за ДВ, додавајќи дека „шесте ракети што го предизвикаа тековниот конфликт беа лансирани од јужно од реката Литани“. Сепак, за либанскиот претседател Џозеф Аун, разоружувањето останува клучна тема бидејќи е поврзано со неопходните меѓународни инвестиции за реконструкција на штетите од претходната војна. Светската банка ги процени трошоците за реконструкција на околу 11 милијарди долари (9,5 милијарди евра) во тоа време.

Разоружување преку копнена инвазија?

Израелската војска во вторникот ги повика сите жители на јужен Либан да ги евакуираат своите домови, наведувајќи дека планираат „насилно да дејствуваат“ во јужната област против Хезболах. Сепак, аналитичари се сомневаат дека израелска копнена инвазија навистина би довела до разоружување на Хезболах. 

Израелските војници заземаат позиции долж израелско-либанската граница
Според извештај на „Фајненшл тајмс“, Израел е подготвен да продолжи да се бори против Хезболах дури и по потенцијалното враќање на преговорите меѓу Иран и САДФотографија: Jalaa Marey/AFP

„За Хезболах историски и практично  е покомфорно да се бори на копно“, оценува за ДВ Сами Халаби, директор во тинк-тенкот „Алтернативен институт за политика“ со седиште во Бејрут. „Израелската копнена инвазија е поверојатно да го зацврсти Хезболах во политичкиот и безбедносниот пејзаж на Либан отколку да го забрза неговото разоружување“, предвидува тој. Ралф Бајдун се согласува со него. „Лимитирана инвазија само би ја зајакнала каузата на Хезболах, бидејќи идеологијата на отпор се зајакнува само кога земјата е окупирана“, објаснува Бајдун за ДВ. „Нема преседан за промена на режимот што бил постигнат само преку воздушни напади“, додава Бајдун.

Хуманитарната ситуација се влошува

Либанското население, кое го носи товарот на серија економски и политички кризи уште од 2019 година, во меѓувреме е ранливо поради обновениот конфликт меѓу Хезболах и Израел. „Во Либан недостасуваат засолништа, основни услуги, додека спасувачките екипи се исто така цел на напади“, посочува за ДВ Кели Петиљо, раководител на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во Европскиот совет за надворешни односи. Според неа, најголемиот предизвик е да се најдат начини да се заштити населението. Абас Саад, 32-годишен жител на Бејрут, се согласува со неа и вели дека „немаме никакво влијание во оваа војна. Јас сум млад и амбициозен и не мислам дека тоа што сме во воена состојба од 7 октомври наваму создава добра средина за перспективите за живот тука“.