Што ќе се случува натаму во Либан?
24 април 2026
Зошто Израел и Хезболах водат војна?
Хезболах е моќна шиитска милиција и политичко движење во Либан, поддржано од Иран. Таа се бори против постоењето на Израел со поддршка од Иран уште од почетокот на 1980‑тите години и, заедно со милитантни групи во Јемен и Ирак, се смета за најсилен сојузник на режимот во Техеран.
Најновите судири започнаа во рамките на војната со Иран, која ја започнаа САД и Израел, и по убиството на иранскиот револуционерен лидер Али Хаменеи на крајот на февруари. Неколку дена подоцна Хезболах – „Партијата на Бога“ – започна нови напади врз Израел, чија армија повторно изведе масовни воздушни напади во Либан. Оттогаш, во Либан се убиени повеќе од 2.000 луѓе, а 1,2 милиони се раселени – околу една петтина од населението.
Што следува за Либан?
Десетдневниот прекин на огнот, кој требаше да истече во неделата (19.04), според американскиот претседател Доналд Трамп ќе бидепродолжен за уште три недели. Трамп го најави ова по редок состанок на претставници на Израел и Либан во Белата куќа. Либанските претставници пред средбата изјавија дека се стремат кон продолжување на примирјето за еден месец. По средбата, амбасадорот на Израел во САД, Јехиел Лајтер, изјави дека неговата земја сака мировен договор со либанската влада.
Либанската влада, која не е активна страна во војната, предупреди од поткопување на примирјето при нови прекршувања од страна на израелската армија. И Хезболах, и покрај важечкиот прекин на огнот, неколкупати нападна цели во Израел. Тој ги отфрла директните разговори со Израел и трајно примирје.
Значи, војната во никој случај не е завршена. Поради „лабавите“ услови за продолжување на примирјето, нападите веројатно ќе продолжат, вели Макрам Раба, професор по историја на Американскиот универзитет во Бејрут (AУБ). Но Трамп со средбите во Вашингтон можеби работи на подоцнежен, посеопфатен договор. За таа цел, тој набргу сака да ги прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Џозеф Аун.
Што би значела средба меѓу Нетанјаху и Аун?
Средба меѓу Аун и Нетанјаху би имала огромно симболично значење. Двете држави се официјално во војна уште од основањето на Израел во 1948 година. Самиот факт дека амбасадорите на двете земји во САД сега директно разговараат меѓусебно, дава одредена надеж дека некогаш би можел да се постигне и посеопфатен договор. Но спорните прашања нема да се решат брзо.
Клучното прашање во овие разговори е дали и како Либан и неговата армија би можеле да спроведат разоружување на Хезболах, што тој го одбива. Исто така, останува прашањето дали израелските трупи трајно ќе се повлечат од јужен Либан, каде веќе година и половина повторно имаат воено присуство. Иран и Хезболах ги отфрлаат разговорите во САД.
Што сака либанската влада …
Либанскиот претседател Џозеф Аун настапува против Хезболах порешително од кој било од неговите претходници. Повеќето делови од владата денес го гледаат разоружувањето на исламистичката милиција, која долго дејствуваше како држава во држава, како најдобра шанса за запирање на израелските напади. Според анкета од 2025 година, околу 80 проценти од Либанците во меѓувреме сакаат Хезболах да го предаде оружјето. Многумина го сметаат за директно одговоен за разорувањата и хуманитарната криза во малата земја. „Либан заврши со Хезболах“, пишува списанието Foreign Policy.
… а што сака Хезболах?
Истовремено, Хезболах и понатаму има голема политичка моќ и поддршка, особено меѓу шиитите во земјата, кои сочинуваат околу 30 проценти од населението. Тоа делумно се должи на неговите програми за социјална помош – во образованието, развојот и финансиите – кои им помагаат на локалните заедници таму каде што државата потфрла.
Во воена смисла, Хезболах е значително ослабен, а неговиот арсенал се намалил од проценети 150.000 ракети во 2023 година на околу 20.000. Но целосно предавање на оружјето засега не е веројатно. Постои и страв дека таков чекор би можел да доведе до верско насилство или дури до нова граѓанска војна во Либан.
Што ќе се случи со мисијата на ОН во земјата?
Речиси 50 години, мировниците на УНИФИЛ го надгледуваат граничниот регион меѓу Либан и Израел, но мисијата треба да заврши оваа година. Израел и САД сметаат дека распоредувањето е неефикасно во спречувањето на воените активности на Хезболах. Либан, пак, се надева дека присуството на ОН би можело да продолжи и во 2027 година - но одлуката е на Советот за безбедност на ОН.
Според наводи на ОН, во моментов во областа се стационирани повеќе од 7.500 мировници од околу 50 земји. Мисијата се смета за една од најопасните во светот. Само пред неколку дена, во напад беа убиени двајца француски војниц. УНИФИЛ не успеа да создаде зона без оружје во јужен Либан. Сепак, таа останува еден вид последна независна тампон-зона во регионот каде се водат борби и каде што во изминатата година и пол се повторно распоредени израелски копнени трупи.