Зошто Израел прска глифосат долж границата со Либан?
13 февруари 2026
Видео-снимки од мобилни телефони на социјалните мрежи покажуваат како мал авион лета ниско над зелени ливади и остава долга бело-сива трага зад себе. Снимките потекнуваат од јужен Либан. Авионoт распрскува хемикалии над либански полиња.
„Мировните сили добија претходна најава од израелската армија дека ќе спроведува воздухопловна вежба. И Израел ги повика војниците на ОН да се држат подалеку од областа или да побараат засолниште“, изјави Кендис Ардиел, портпаролка на мировната мисија УНИФИЛ, во интервју за АРД.
Армијата најавила дека ќе исфрли нетоксична супстанција во областа долж „сината линија“ меѓу Израел и Либан. „Ги откажавме сите патроли и останавме девет часа во нашите касарни. Загрижени сме поради овој инцидент, бидејќи тоа претставува прекршување на резолуцијата. А нашата цел, во рамките на мировниот мандат, е луѓето од двете страни на границата повторно да можат да се вратат во своите домови“, вели Ардиел.
Висококонцентрирана отровна хемикалија за растенија
Негодувањето во Либан е големо, бидејќи, наводно, било распрскано контроверзното средство против плевел – глифосат, кое Светската здравствена организација (СЗО) го опишува како „веројатно канцерогено“. Станува збор за таканаречен тотален хербицид, кој ги уништува сите растенија со кои доаѓа во контакт.
За земјоделците во Јужен Либан ова е катастрофа. „Овој хербицид уништува сè, особено кога се користи во толкави концентрации како што тоа го прави Израел: 30 до 50 пати повисоки од вообичаената доза“, вели министерот за земјоделство Низар Хани.
„Зедовме голем број примероци од почва и вода, и концентрациите беа огромни. Областа што беше прскана е голема и се протега околу 18 километри долж границата. Ова е масивен напад врз природата и населението на Јужен Либан.“
Обновувањето може да трае со години
И тоа во регион кој и онака беше разурнат: Во војната во 2024 година помеѓу либанската милиција Хезболах и Израел имаше жестоки борби. Израел масовно го бомбардираше југот на Либан, а според извештаи користел и бомби со бел фосфор кои запалија вековни маслинови насади. За земјоделството, штетата и денес е огромна.
„За време на нападите беше употребен бел фосфор на големи површини, што предизвика шумски пожари во Либан“, објаснува Хани. „Имаме големи штети на илјадници хектари. Финансиските загуби надминуваат 800 милиони американски долари.“
Зајнаб Немр, докторантка на Американскиот универзитет во Бејрут, ги документирала штетите од фосфор на југот на Либан. Таа вели дека долгорочната уништеност на природата од фосфорните бомби е речиси помалку драматична во споредба со новото распрскување на глифосат.
„Прскањето се случи токму во периодот кога луѓето сакаа да садат дрвја и да започнат со пролетната сеидба. Кога почвата е еднаш толку силно контаминирана, обновувањето не трае месеци, туку со години. Тоа има последици врз безбедноста на храната, квалитетот на водата и биодиверзитетот – од добиток до пчели.“
Заштитна зона како цел?
Најверојатно, Израел сака да воспостави заштитна зона за да спречи идни напади од Хезболах. Тогаш во појас широк околу десет километри долж границата веќе не би смееле да живеат цивили. „Се сака да се воспостави некаква заштитна зона, како што тоа беше сторено и во Сирија“, вели Бракел. Колку помалку цивили има таму, толку таа е полесна за контрола.
Ситуацијата во Либан е блокирана: Милитантите на Хезболах одбиваат да го предадат целото оружје сè додека Израел е присутен во земјата. Израел одбива да се повлече сè додека Хезболах е вооружен. А либанската влада е премногу слаба за да може цврсто да постапи против Хезболах во земјата.
Тоа е застој „кој всушност никој не може навистина да го прекине“, вели Бракел. Во ваквата заглавена ситуација, израелската влада создава факти — меѓу другото и преку употреба на хемикалии за растенија.
И, Либан очигледно не е единствената земја во која Израел распрскува глифосат: и од сириското погранично подрачје се пријавуваат вакви акции на прскање.
На прашање од АРД, израелските вооружени сили (ИДФ) одговорија: „ИДФ нема да дадат коментар на оваа тема.“
Нема коментар, но нема ни демант.
Авторка на текстот: Ана Осиус, АРД